Матеј 13:1-17
Матеј 13:1-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Истиот ден Исус излезе од куќата и седна на брегот на езерото. Околу Него се насобра голема толпа народ и Тој се искачи и седна на едно бротче, а народот остана да стои на брегот. И му говореше за многу нешта, користејќи се со споредби. „Еден сејач излезе да сее на својата нива. Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа. Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја, и тоа брзо никна бидејќи земјата беше плитка. Но штом запече сонцето, стебленцето свена и се исуши, бидејќи немаше доволно длабоки корени за да го одржат во живот. Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето го задушија стебленцето. Конечно, дел од семето падна на плодна почва и донесе плод: едно стебло роди сто, друго шеесет, а трето триесет зрна. Ако имате уши, слушајте внимателно!“ заклучи Исус. Тогаш на Исус Му пристапија Неговите ученици и Го запрашаа: „Зошто му зборуваш на народот преку споредби?“ А Тој им одговори: „Вам ви е дадено да ги запознавате тајните на небесното царство, но ним не им е. Зашто, на оној што е отворен за она што Јас го поучувам, ќе му биде дадено уште подлабоко разбирање; а на оној што не сака да Ме слуша, ќе му се земе и она што го има. Им зборувам преку споредби бидејќи тие, имајќи очи, не гледаат, и имајќи уши не слушаат, ниту пак се трудат да разберат. Кај нив се исполнува претскажаното од Бог преку пророкот Исаија, кој вели: ,Ќе го слушате Моето Слово, но нема да го разберете; ќе ги гледате Моите дела, но нема да ги сфатите. Зашто, срцата на овие луѓе им се закоравени! Со ушите одвај слушаат, а очите си ги затвораат. Не сакаат да видат, да слушнат и да разберат,па да се свртат кон Мене за да ги исцелам.‘ А блазе си ви вам, зашто вие гледате и слушате! Ви велам дека многу пророци и многу праведници имаа желба да го видат тоа што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат тоа што вие го слушате, но не го слушнаа.“
Матеј 13:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Излегувајќи тој ден од куќата, Исус седна покрај морето. И се собра околу Него многу народ, така што Тој влезе во кораб и седна, а сиот народ стоеше на брегот. И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, излезе сејач да сее; и кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот; долетаа птици и ги исколваа. Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу проникнаа, зашто земјата не беше длабока. Но, штом изгреа сонцето, тие свенаа, па, бидејќи немаа корен, се исушија. Некои паднаа во трње и израсна трњето и ги задуши. Други паднаа на добра земја и дадоа добар плод; едно сто, друго шеесет, а трето триесет. Кој има уши да слуша, нека чуе.“ И кога се приближија до Него учениците, Му рекоа: „Зошто им зборуваш во парабола?“ А Тој им одговори и рече: „Зашто вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено. Кој има ќе му се даде и ќе му се преумножи; а кој нема, ќе му се земе и она што го има. Затоа им зборувам во параболи, зашто гледаат и не видат; слушаат и не можат да чујат, ниту пак, разбираат; и над нив се исполнува пророштвото на Исаија, кој вели: ‚Со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видите; срцето на овие луѓе закоравело и со ушите тешко слушаат; и ги затвориле очите свои за да не можат никогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат, та да се покајат и да ги исцелам.‘ Вашите, пак, очи се блажени, бидејќи гледаат и ушите ваши – бидејќи слушаат; зашто вистина ви велам: многу пророци и праведници сакаа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја.“
Матеј 13:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во оној ден Исус излезе од куќата и седна покрај морето. И големи мноштва се собраа до Него, така што Тој влезе во кораб и седна, а сето мноштво стоеше на брегот. И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, сејач излезе да сее, и кога сееше, некои зрна паднаа покрај патот, и птици дојдоа и ги исколваа. Други паднаа на каменити места, каде немаше многу земја, и набргу никна, зашто немаше длабока земја. А кога изгреа сонцето, изгореа, и бидејќи немаа корен, се исушија. Други паднаа меѓу трње, и трњето израсна и ги загуши. Други паднаа на добра земја и дадоа плод: едното сто, другото шеесет, а другото триесет. Кој има уши да слуша, нека слуша!“ И учениците Му се приближија и Му рекоа: „Зошто им зборуваш во параболи?“ А Тој им одговори и рече: „Затоа што вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено. Зашто кој има, ќе му се даде и ќе има изобилие; а кој нема, ќе му се одзеде и она, што го има. Затоа им зборувам во параболи, зашто гледаат и не видуваат, слушаат и не чујат, ниту разбираат. И врз нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: ‘Со уши ќе слушате и нема да разбирате; со очите ќе гледате и нема да видите. Зашто срцето на овој народ отапело; и со ушите тешко слушаат, и ги затворија своите очи; за да не гледаат со очите, или да слушаат со ушите, и да разберат со срцето и да се обратат, и Јас да ги исцелам.’ А вашите очи се блажени, зашто гледаат; и вашите уши зашто слушаат. Зашто вистина ви велам, дека мнозина пророци и праведници посакуваа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја.“