Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛУКА 6:20-49

ЛУКА 6:20-49 MKB

И Тој ги подигна Своите очи кон Своите ученици и рече: „Блажени сте вие бедните, зашто е ваше Божјото Царство! Блажени сте вие, кои гладувате сега, зашто ќе се наситите! Блажени сте вие, кои плачете сега, зашто ќе се смеете! Блажени сте кога луѓето ќе ве замразат, и кога ќе ве одделат и ве похулат и го исфрлат вашето име како лошо, заради Човечкиот Син! Радувајте се во тој ден и ликувајте, зашто ете, голема е вашата награда на небото. Зашто нивните татковци им правеа исто така на пророците. Но, горко вам богати, зашто ја примивте својата утеха. Горко вам, кои сте сити сега, зашто ќе гладувате. Горко вам, кои се смеете сега, зашто ќе жалите и ќе плачете. Горко вам, кога сите луѓе ќе зборуваат добро за вас; зашто нивните татковци им правеа така на лажните пророци. Но, на вас - кои слушате - ви велам: „Љубете ги своите непријатели; правете им добро на оние, кои ве мразат. Благословувајте ги оние, кои ве колнат; молете се за оние, кои ве навредуваат. На оној, кој ќе те плесне по едниот образ, заврти му го и другиот; и на тој, кој ти ја зема наметката, не му ја откажувај ни кошулата. Дај му на секој, кој бара од тебе. И не барај го назад твоето од оној, кој зема од тебе. И како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им и вие ним. И ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква ви е благодарноста? И грешниците ги љубат оние, кои ги љубат нив. И ако им правите добро на оние, кои вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? И грешниците го прават истото. И ако им позајмувате на оние, од кои се надевате дека ќе добиете, каква ви е благодарноста? И грешниците им позајмуваат на грешниците, за да примат исто толку. Туку, љубете ги своите непријатели, правете им добро и позајмувајте им без да чекате нешто. И вашата награда ќе биде голема и ќе бидете синови на Сѐвишниот, зашто Тој е благ кон неблагодарните и злите. Бидете милостиви како што и вашиот Татко е милостив. И не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте и нема да бидете осудувани. Проштавајте и ќе ви биде простено! Давајте и ќе ви се даде: добра мерка - набиена, натресена, преполнета, ќе ви биде дадена во скутот, зашто со каква мерка мерите, со таква ќе ви се одмери.“ А им кажа и парабола: „Може ли слепец да води слепец? Зар не ќе паднат обајцата во јама? Нема ученик над својот учител, секој кој ќе се усоврши ќе биде како Неговиот учител. А зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а не ја забележуваш гредата во своето око? Како можеш да му речеш на брата си: ‘Брате, остави ме да ја извадам раската од твоето око!’ А сам не ја гледаш гредата во своето око? Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе гледаш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат! Нема добро дрво што дава гнил плод; ниту гнило дрво што дава добар плод. Зашто секое дрво се познава по својот род. Не се берат смокви од трње, ниту грозје од капина. Добриот човек, од доброто сокровиште на своето срце, изнесува добро; а лошиот човек, од лошото сокровиште изнесува зло, зашто неговата уста зборува од она, што го преполнува неговото срце. И зошто Ме нарекувате: ‘Господи! Господи!’ а не го правите она, што го велам?“ Секој кој доаѓа при Мене и ги слуша Моите зборови, и ги исполнува, ќе ви кажам кому му е сличен. Сличен е на човек, кој гради куќа: ископал длабоко и поставил основи на камен, а кога стана наводнение реката се насочи кон куќата, но не можеше да ја помрдне, зашто беше добро изгра-дена. А кој слуша и не исполнува, приличи на човек, кој соѕидал куќа на земја, без основи. Реката се насочи кон неа, и таа се урна веднаш, и паѓањето на таа куќа беше големо.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност