Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 6:20-49

Лука 6:20-49 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Со поглед насочен кон Своите ученици, Исус рече: “Благословени сте вие што сте сиромашни, зашто вам ви припаѓа Божјото царство! Благословени сте вие што сте гладни сега, зашто вие ќе се наситите! Благословени сте вие што сега плачете, зашто ќе дојде време кога вие ќе се смеете! Благословени сте кога луѓето ќе ве мразат, ќе ве отфрлат, ќе ве навредуваат и ќе ви извадат лошо име, поради тоа што сте следбеници на Синот Човечки. Радувајте се кога ќе ви се случува тоа и бидете весели, зашто голема награда ве очекува на небото! Нивните предци им го правеа тоа на пророците. Но тешко вам кои сега сте богати - вашата утеха е само на овој свет! Тешко вам кои сега сте сити - вие ќе гладувате! Тешко вам кои сега се смеете - вие ќе тагувате и ќе плачете! Тешко вам кои толпите ве фалат - така и нивните предци ги фалеа лажните пророци!“ „Но вам, што Ме слушате, ви велам: покажувајте љубов спрема своите непријатели! Правете им добро на оние што ве мразат! Благословувајте ги оние што ве проколнуваат! Молете се за оние што ве навредуваат. На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот! На оној што сака да ти го земе палтото, дај му ја и кошулата! На оној што бара нешто од тебе - дај му. Од оној што зел нешто твое - не барај да ти го врати! Постапувајте со луѓето онака, како што сакате тие да постапуваат со вас! Зашто, ако ги сакате само оние што вас ве сакаат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците ги сакаат оние што нив ги сакаат! И ако им правите добро само на оние што вам ви прават добро, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците го прават тоа! И ако им позајмувате само на оние кои можат да ви вратат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците им позајмуваат на други грешници, за да им го вратат истото! Но вие, покажувајте љубов спрема своите непријатели, правете добро и давајте без да очекувате да ви се врати! Само така ќе добиете голема награда и ќе се однесувате како деца на Севишниот, зашто Тој им прави добро и на неблагодарните и на лошите. Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот небесен Татко.“ „Не судете и нема да ви биде судено! Не осудувајте, и нема да бидете осудувани! Простувајте и ќе ви биде простено! Давајте и ќе ви биде давано со преполна мера, набиена, протресена, истурена во вашите скутови! Зашто со каква мера им мерите на другите, со таква и вам ќе ви биде мерено.“ Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Може ли слеп човек да води друг слепец? Нема ли обајцата да паднат в јама? Ниеден ученик не е над својот учител. Но, кога ученикот ќе се усоврши, тогаш ќе биде како неговиот учител. Зошто ја гледаш раската во окото на својот ближен, а не ја гледаш гредата во сопственото око!? Како можеш да му кажеш на својот ближен: ,Брате, дозволи ми да ти ја извадам раската од окото!‘, кога ти не ја гледаш гредата во сопственото око!? Тоа е лицемерие! Извади си ја најнапред гредата од сопственото око, па ќе можеш добро да гледаш за да ја отстраниш раската од окото на својот ближен!“ „Нема питомо дрво што раѓа диви плодови, ниту диво дрво што раѓа питоми плодови. Секое дрво се познава според своите плодови. Не се берат смокви од трн, ниту грозје од чичка. Од благороден човек произлегуваат благородни работи што се напластени во неговото срце, а од лош човек произлегуваат лоши работи што се напластени во неговото срце. Секоја уста го зборува она што е напластено во срцето.“ „Зошто Ми се обраќате со ,Господе, Господе!‘, а не го вршите тоа што ви го зборувам? Ќе ви кажам со што може да се спореди човек што доаѓа кај Мене, за да ги слуша и извршува Моите зборови: Тој може да се спореди со ѕидар што гради куќа, копа длабоко и ги поставува темелите врз камена подлога. Кога ќе надојде поплава и реката силно ќе нагрвали врз куќата, не ќе може да ја поткопа, зашто куќата е добро изградена. А оној што ги слуша Моите зборови, а не ги извршува, може да се спореди со ѕидар што си подига куќа врз земја, без темели. Кога реката ќе нагрвали врз куќата - таа наеднаш ќе падне, со стравотен тресок!“

Лука 6:20-49 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А Тој, откако ги подигна очите кон учениците Свои, им говореше: „Бла­же­ни сте вие, сиромашните, зашто ваше е царството Божјо! Блажени сте вие, што сега гладува­те, зашто ќе се наситите! Блажени сте вие, кои сега плачете, зашто ќе се сме­ете! Блажени ќе бидете кога ќе ве намразат луѓето и ќе ве отфрлат и ќе ви нанесат срам, и ќе го разгласат името ваше како лошо, заради Синот Чо­вечки! Зарадувајте се во оној ден и заиграј­те од радост, зашто голема е наградата ваша на небото. Зашто и нив­ните татковци така постапуваа со пророците! Но тешко вам богати, зашто веќе сте ја примиле својата утеха! Тешко вам презаситени сега, зашто ќе огладните! Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете! Тешко вам кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто и нив­ните татковци така им правеа на лаж­ните пророци! Но вам, што слушате, вам ви велам: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат; благословувајте ги оние што ве колнат, молете се за оние што ве навредуваат! На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној што сака да ти ја земе наметката, подај му ја и кошулата. Секому, кој ти бара, подај; од оној што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати! Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив! И ако ги сакате оние што вас ве љу­бат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние што ги сакаат нив. И ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, каква ви е на­градата? Зашто и грешниците го прават истото. И ако им дадете заем на оние од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници за да им се врати истото. Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде го­лема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто Тој е добар кон неблагодарните и кон лошите. И така, бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец.“ „Не судете и нема да бидете судени, и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштавајте и ќе ви биде простено; давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполна ќе ви да­дат в пазуви; зашто со каква мерка ме­рите, со таква и ќе ви се мери.“ И им кажа парабола: „Може ли слеп слеп да води? Зарем нема и обајцата да паднат во јама? Нема ученик поголем од својот учител; но секој што ќе се усоврши, ќе биде како и учителот негов. И зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш? Или, како можеш да му кажеш на својот брат: дозволи, брате, да ти ја из­вадам раската од окото твое, кога сам не ја гледаш гредата во своето око? Ли­цемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на својот брат.“ „Зашто, нема добро дрво што дава лош плод, ниту лошо дрво, што дава добар плод. Секое, пак, дрво се познава според својот плод; бидејќи не се берат смокви од трње, ниту се бере грозје од капина. Добриот човек од добрата ризница на своето срце изнесува добро, а ло­ши­от човек од лошата лошо, зашто него­ва­та уста го зборува она со што му е ис­полнето срцето.“ „И зошто Ме довикувате: ‚Господи, Господи!‘ а не го извршувате она што ви го кажувам? Ќе ви кажам на кого прилега секој што доаѓа кај Мене, ги слуша зборовите Мои, и ги исполнува. Тој прилега на човек кој градел ку­ќа, па копал длабоко, и поставил темели на камен; а кога настана поплава, реката напна на таа куќа и не можеше да ја помести, зашто беше основана на ка­мен. А оној што слуша и не исполнува, прилега на човек што изградил куќа на земја, без темели; и кога напна реката, веднаш ја урна, и остана голема урнатина од таа куќа.“

Лука 6:20-49 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

И Тој ги подигна Своите очи кон Своите ученици и рече: „Блажени сте вие бедните, зашто е ваше Божјото Царство! Блажени сте вие, кои гладувате сега, зашто ќе се наситите! Блажени сте вие, кои плачете сега, зашто ќе се смеете! Блажени сте кога луѓето ќе ве замразат, и кога ќе ве одделат и ве похулат и го исфрлат вашето име како лошо, заради Човечкиот Син! Радувајте се во тој ден и ликувајте, зашто ете, голема е вашата награда на небото. Зашто нивните татковци им правеа исто така на пророците. Но, горко вам богати, зашто ја примивте својата утеха. Горко вам, кои сте сити сега, зашто ќе гладувате. Горко вам, кои се смеете сега, зашто ќе жалите и ќе плачете. Горко вам, кога сите луѓе ќе зборуваат добро за вас; зашто нивните татковци им правеа така на лажните пророци. Но, на вас - кои слушате - ви велам: „Љубете ги своите непријатели; правете им добро на оние, кои ве мразат. Благословувајте ги оние, кои ве колнат; молете се за оние, кои ве навредуваат. На оној, кој ќе те плесне по едниот образ, заврти му го и другиот; и на тој, кој ти ја зема наметката, не му ја откажувај ни кошулата. Дај му на секој, кој бара од тебе. И не барај го назад твоето од оној, кој зема од тебе. И како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им и вие ним. И ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква ви е благодарноста? И грешниците ги љубат оние, кои ги љубат нив. И ако им правите добро на оние, кои вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? И грешниците го прават истото. И ако им позајмувате на оние, од кои се надевате дека ќе добиете, каква ви е благодарноста? И грешниците им позајмуваат на грешниците, за да примат исто толку. Туку, љубете ги своите непријатели, правете им добро и позајмувајте им без да чекате нешто. И вашата награда ќе биде голема и ќе бидете синови на Сèвишниот, зашто Тој е благ кон неблагодарните и злите. Бидете милостиви како што и вашиот Татко е милостив. И не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте и нема да бидете осудувани. Проштавајте и ќе ви биде простено! Давајте и ќе ви се даде: добра мерка - набиена, натресена, преполнета, ќе ви биде дадена во скутот, зашто со каква мерка мерите, со таква ќе ви се одмери.” А им кажа и парабола: „Може ли слепец да води слепец? Зар не ќе паднат обајцата во јама? Нема ученик над својот учител, секој кој ќе се усоврши ќе биде како Неговиот учител. А зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а не ја забележуваш гредата во своето око? Како можеш да му речеш на брата си: ‘Брате, остави ме да ја извадам раската од твоето око!’ А сам не ја гледаш гредата во своето око? Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе гледаш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат! Нема добро дрво што дава гнил плод; ниту гнило дрво што дава добар плод. Зашто секое дрво се познава по својот род. Не се берат смокви од трње, ниту грозје од капина. Добриот човек, од доброто сокровиште на своето срце, изнесува добро; а лошиот човек, од лошото сокровиште изнесува зло, зашто неговата уста зборува од она, што го преполнува неговото срце. И зошто Ме нарекувате: ‘Господи! Господи!’ а не го правите она, што го велам?” Секој кој доаѓа при Мене и ги слуша Моите зборови, и ги исполнува, ќе ви кажам кому му е сличен. Сличен е на човек, кој гради куќа: ископал длабоко и поставил основи на камен, а кога стана наводнение реката се насочи кон куќата, но не можеше да ја помрдне, зашто беше добро изградена. А кој слуша и не исполнува, приличи на човек, кој соѕидал куќа на земја, без основи. Реката се насочи кон неа, и таа се урна веднаш, и паѓањето на таа куќа беше големо.”

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност