Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСУС НАВИН 9:16-27

ИСУС НАВИН 9:16-27 MKB

А по три дни, откако склучија сојуз со нив, се научи дека им се соседи и дека живеат среде Израел. Тогаш Израелците тргнаа од логорот и стигнаа во нивните градови, а тоа беа: Гаваон, Кефир, Вирот и Киријат Јарим. Ама Израелевите синови не ги нападнаа, зашто главатарите на заедницата им се заколнаа во Господа, Израелевиот Бог. Но сета заедница почна да вика против главатарите. Тогаш сите главатари ѝ рекоа на заедницата: „Ние им се заколнавме во Господа, Израелевиот Бог, и затоа не смееме да ги гибаме. Еве што ќе правиме: да ги оставиме да живеат, за да не нѐ стигне гнев заради заклетвата со која се заколнавме.“ Уште главатарите додадоа: „Нека живеат и нека бидат дрвосечачи и водоносци на целата заедница.“ Сето општество го прифати тоа што го рекоа главатарите. Исус ги повика Гаваонците и им рече: „Зашто нѐ измамивте, велејќи: ‘Многу сме далеку од вас,’ кога, ете, живеете среде нас? Затоа сега ќе биде клетва врз вас, и никогаш не ќе го снема ропството меѓу вас: ќе бидете дрвосечачи и водоносци за Домот на мојот Бог.“ Тие му одговорија на Исуса: „Од сите страни стигнуваа гласови до нас, до твоите слуги, како Господ, твојот Бог, му одреди на Мојсеја, на Својот слуга, дека ќе ви ја даде сета земја и дека ќе ги истреби пред вас сите жители на оваа земја; многу се исплашивме од вас за своите животи и затоа го направивме ова. И ете, сега сме во твоите раце: направи со нас што мислиш дека е добро и право.“ А Тој им направи вака: ги избави од рацете на Израелевите синови, па не ги погубија. И од тој ден Исус им нареди да сечат дрва и да носат вода, сѐ до денес, за заедницата и за Господвиот жртвеник, на местото кое и да се избере.