Исус Навин 9:16-27
Исус Навин 9:16-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А по три дена, откако склучија со нив сојуз, слушнаа дека тие биле нивни соседи и дека живеат близу до нив; зашто синовите Израелови кога тргнаа на пат, дојдоа до градовите нивни на третиот ден; градовите нивни, пак, беа: Гаваон, Кефира, Беерот и Кирјат-Јарим. Но синовите Израелови не ги погубија, зашто сите кнезови народни им се заколнаа во Господ, Израеловиот Бог. Затоа целата заедница Израелова негодуваше поради родоначалниците. Сите родоначалници рекоа пред целата заедница: „Им се заколнавме во Господ, Израеловиот Бог, и затоа не смееме да ги допреме нив; а, еве, што ќе направиме со нив: ќе ги оставиме живи, за да не нѐ стигне гневот поради заклетвата, со која им се заколнавме.“ И на родоначалниците уште им рекоа: „Нека живеат, но ќе сечат дрва и ќе носат вода за целата заедница.“ И целиот народ го прифати тоа што му рекоа родоначалниците. Исус ги повика и им рече: „Зошто нѐ измамивте, кога рековте: ‚ние сме многу далеку од вас, а вие сте живееле блиску до нас?‘ Отсега да сте проклети! Вечно ќе бидете робови, ќе сечете дрва и ќе носите вода за домот на мојот Бог!“ Тие му одговорија на Исус и рекоа: „Дојде до ушите на твоите робови дека Господ, твојот Бог, му заповедал на својот слуга Мојсеј дека ќе ви ја даде целата земја, и дека ќе ги погуби сите жители на оваа земја пред ваши очи; затоа ние многу се уплашивме да не ни го земете животот, па така постапивме; сега, ете, ние сме во твои раце: како ти се чини дека е подобро и посправедливо да постапиш со нас, така и направи.“ И Исус така и постапи со нив: ги избави од рацете на синовите Израелови, и тие не ги погубија. И во тој ден Исус нареди тие да сечат дрва и да носат вода за заедницата и за жртвеникот на Господ дури и до денес, на она место, што ќе го избере Господ.
Исус Навин 9:16-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А по три дни, откако склучија сојуз со нив, се научи дека им се соседи и дека живеат среде Израел. Тогаш Израелците тргнаа од логорот и стигнаа во нивните градови, а тоа беа: Гаваон, Кефир, Вирот и Киријат Јарим. Ама Израелевите синови не ги нападнаа, зашто главатарите на заедницата им се заколнаа во Господа, Израелевиот Бог. Но сета заедница почна да вика против главатарите. Тогаш сите главатари ѝ рекоа на заедницата: „Ние им се заколнавме во Господа, Израелевиот Бог, и затоа не смееме да ги гибаме. Еве што ќе правиме: да ги оставиме да живеат, за да не нѐ стигне гнев заради заклетвата со која се заколнавме.“ Уште главатарите додадоа: „Нека живеат и нека бидат дрвосечачи и водоносци на целата заедница.“ Сето општество го прифати тоа што го рекоа главатарите. Исус ги повика Гаваонците и им рече: „Зашто нѐ измамивте, велејќи: ‘Многу сме далеку од вас,’ кога, ете, живеете среде нас? Затоа сега ќе биде клетва врз вас, и никогаш не ќе го снема ропството меѓу вас: ќе бидете дрвосечачи и водоносци за Домот на мојот Бог.“ Тие му одговорија на Исуса: „Од сите страни стигнуваа гласови до нас, до твоите слуги, како Господ, твојот Бог, му одреди на Мојсеја, на Својот слуга, дека ќе ви ја даде сета земја и дека ќе ги истреби пред вас сите жители на оваа земја; многу се исплашивме од вас за своите животи и затоа го направивме ова. И ете, сега сме во твоите раце: направи со нас што мислиш дека е добро и право.“ А Тој им направи вака: ги избави од рацете на Израелевите синови, па не ги погубија. И од тој ден Исус им нареди да сечат дрва и да носат вода, сѐ до денес, за заедницата и за Господвиот жртвеник, на местото кое и да се избере.