ИСУС НАВИН 24
24
В. Последна волја на Исуса Навин
1. Преглед на Божјите патишта во историјата на Израел
1Потоа Исус ги собра сите Израелеви племиња во Сихем; и ги свика Израелевите старешини, главатарите, судиите и управителите нивни, и тие застанаа пред Господа. 2Тогаш Исус му рече на целиот народ: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Некогаш вашите татковци, Тара, Аврамовиот и Нахоровиот татко, живееја од онаа страна на Реката и им служеа на другите богови. 3Но Јас го зедов вашиот татко Авраам од онаа страна на Реката и го поминав низ сета Ханаанска Земја, му го намножив потомството и му го дадов Исака. 4На Исака му ги дадов Јакова и Исава. На Исава му ја дадов гората Сир во сопственост. Јаков и неговите синови отидоа во Египет. 5Тогаш ги испратив Мојсеја и Арона и го удрив Египет со казните што ги направив во него, и тогаш ве изведов. 6Ги изведов вашите татковци од Египет, и стигнаа на море; Египетците ги гонеа вашите татковци со бојни коли со коњаници сѐ до Црвеното Море. 7Тогаш извикаа кон Господа, и тој развлече густа магла меѓу нив и Египетците и ги воведе во морето, што ги прекри. Видовте со своите очи што им сторив на Египетците; потоа останавте долго време во пустината. 8После ве воведов во земјата на Аморејците, кои живеат отаде Јордан. Завојуваа со вас и Јас ги предадов во вашите раце; ја зедовте во наследство нивната земја, зашто Јас ги уништив од пред вас. 9Тогаш се крена Моавскиот цар Валак, синот Сефоров, за да војува со Израел, и тој го повика Валаама, синот Веоров за да ве проколне. 10Но Јас не бев волен да го послушам Валаама, и тој ве благослови, и ве спасив од неговата рака. 11Тогаш поминавте преку Јордан и дојдовте во Ерихон, главатарите на Ерихон поведоа војна против вас - како и Аморејците, Ферезејците, Ханаанците, Хетејците, Гергесејците, Евејците и Евусејците - но Јас ги предадов во вашите раце. 12Јас испратив пред вас стршели, кои тераа пред вас два аморејски цареви: нема што да им благодариш на својот меч ни на својот лак. 13Ви дадов земја, за која не се трудевте, и градови, кои не ги градевте, и се населивте во нив; ви дадов и лозја и маслинови градини, што не ги садевте, а денес ве хранат.’
2. Неодложен избор и решение
14И затоа сега бојте се од Господа и служете Му совршено и верно! Одстранете ги боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката и во Египет, и служете Му на Господа! 15Меѓутоа, ако вам не ви е угодно да Му служите на Господа, тогаш денес изберете кому ќе му служите: можеби на боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците во чија земја сега престојувате. Јас и мојот дом ќе Му служиме на Господа.“
3. Израел избира да Му служи на Господа
16Народот одговри: „Далеку нека е од нас да го оставиме Господа а да им служиме на други богови. 17Господ, нашиот Бог, нѐ изведе нас и нашите татковци од Египет, од домот на робувањето, и Тој направи пред наши очи големи чудеса и нѐ чуваше по целиот пат по кој одевме и меѓу сите народи низ кои поминувавме. 18Уште повеќе: Господ ги изгони пред нас сите народи, и Аморејците, кои живееја во оваа земја. И ние ќе Му служиме на Господа, зашто е Тој наш Бог.“
19Тогаш Исус му рече на народот: „Вие не можете да Му служите на Господа, зашто Тој е свет Бог, ревнив Бог, Кој не може да ги поднесе вашите престапи ни вашите гревови. 20Ако Го оставите Господа за да им служите на туѓите богови, ќе се сврти против вас и ќе ве уништи, откако ви правеше добро.“ 21А народот му одговори на Исуса: „Не, ние ќе Му служиме на Господа!“ 22На тоа Исус му рече на народот: „Сами сте сведоци против себе, дека Го избравте Господа за да Му служите.“ Му одговорија: „Сведоци сме.“ 23“И така, мавнете ги сега туѓите богови што се меѓу вас, и приклонете ги своите срца кон Господа, Израелевиот Бог.“ 24Народот му одговори на Исуса: „Ќе Му служиме на Господа, својот Бог, и ќе го слушаме Неговиот глас.“ 25Така во тој ден Исус склучи Сојуз со народот и му ги утврди Одредбата и Законот. Тоа беше во Сихем. 26Исус ги запиша тие зборови во Книгата на Божјиот закон. Потоа зеде голем камен и го положи таму под дабот, што беше покрај Господовото светилиште. 27Потоа Исус му рече на сиот народ: „Ете, овој камен нека ви биде сведок, зашто ги чу зборовите што ги зборуваше Господ; тој ќе биде сведок за да не Му затаите на својот Бог.“ 28Тогаш Исус го отпушти народот, секого во неговото наследство.
Г. Смрт и погребение на Исуса Навин
29По овие настани почина Исус, Навиновиот син, Господов слуга, на возраст од сто и десет години. 30Го погребаа во крајот што го наследи во Тамнат-Сарах, во Ефремовата Гора, северно од гората Гаш.
31Израел му служеше на Господа во текот на целиот век на Исуса и во текот на целиот век на старешините, кои го надживееја Исуса и кои ги видоа сите дела што ги направи Господ за Израел.
Д. Јосифово погребение
32Јосифовите коски, што Израелевите синови ги донесоа со себе од Египет, ги закопаа во Сихем, во земјиштето што Јаков го имаше купено од синовите на Емор, Сихемовиот татко, за сто сребреници и што им припаднаа во наследство на Јосифовите синови.
Ѓ. Смрт и погребение на Елеазар
33Умре и Елеазар, синот Аронов, и го погребаа во Гибеа, што му припаѓаше на неговиот син Финес, а се наоѓаше во Ефремовата Гора.
Селектирано:
ИСУС НАВИН 24: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.