Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Судии 1

1
1После смртта на Исуса Израелевите синови Го прашаа Господа: „Кој од нас ќе тргне прв на Ханаанците за да се бори против нив?”
2А Господ одговори: „Јуда нека отиде прв; ја предавам земјата во неговата рака.”
3Тогаш Јуда му рече на брата си Симеона: „Дојди со мене во земјата што ми е доделена во наследство - ќе војуваме против Ханаанците, а потоа јас ќе се борам покрај тебе во твојата земја.” И Симеон отиде со него.
4Јуда отиде, и Господ им ги предаде во рацете Ханаанците и Ферезејците, и погубија во Везек десет илјади луѓе.
5Во Везек го најдоа Адони- Седек, удрија на него, и ги поразија Ханаанците и Ферезејците.
6Кога Адони-Седек почна да бега, го гонеа, го фатија и му ги отсекоа палците на рацете и нозете.
7Тогаш Адони-Седек рече: „Седумдесет цареви, со отсечени палци на рацете и на нозете, собираа трошки под мојот стол. Како што правев, така Бог ми враќа.” Го одведоа во Ерусалим, и таму умре.
8Потоа Јудините синови војуваа против Ерусалим, го освоија, ги погубија со меч жителите и го изгореа градот.
9После тоа Јудините синови тргнаа да се борат против Ханаанците, кои живееја во Горјето, во Негев и во Шефел.
10И Јуда отиде против Ханаанците, кои живееја во Хеврон - на Хеврон некогаш името му беше Киријат Арва - и таму ги поразија Сесаја, Ахимана и Талмаја.
11Оттаму отиде против жителите на Давир, што некогаш беше викан Киријат-Сефер.
12И Халев рече: „Кој ќе го покори и ќе го заземе Киријат-Сефер, ќе му ја дадам својата ќерка Ахса за жена.”
13Го зазеде Готонил, син Кенезов, помалиот брат Халевов, и Халев му ја даде својата ќерка Ахса за жена.
14Кога му пријде на мажот, тој ја наговори да бара полиња од татка си. Таа слезе од ослето, а Халев ја праша: „Што сакаш?”
15Таа му одговори: „Дај ми благослов! Кога ми даде крај во Негев, дај ми тогаш и некои извори.” И Халев и ги даде Горните и Долните Извори.
16Синовите на Кенеецот Јотор, Мојсеевиот дедо, отидоа од Палминиот Град со Јудините синови во Јудината Пустина, што е во Негев, на југ од Арад. Таму се населија меѓу Амаликците.
17Потоа Јуда отиде со братот Симеон и ги погубија Ханаанците кои живееја во Сефат, и го предадоа на „херем”, на проклетство. Заради тоа градот беше наречен Орма (Истребување).
18Исто Јуда успеа да ги заземе: Газа со нејзиното подрачје, Аскалон со неговото подрачје и Акарон со неговото подрачје.
19Господ беше со Јуда, па тој го освои Горјето, но не можеше да ги изгони оние во низината, зашто имаа железни коли.
20Како што беше одредил Мојсеј, Хеврон му го дадоа на Халев, кој изгони оттаму три Енакови сина.
21А Венијаминовите синови не успеаја да ги изгонат Евусејците, кои живееја во Ерусалим, и така Евусејците останаа во Ерусалим со Венијаминовите синови до денешен ден.
22И Јосифовото племе тргна против Ветил, и Господ беше со нив.
23И Јосифовото племе почна да го согледува Ветил. Градот беше викан некогаш Луз.
24Согледувачите забележија човек како излегува од градот и му рекоа: „Покажи ни го влезот во градот, па ќе ти бидеме милостиви.”
25Тој им го покажа влезот во градот. И исекоа сè со меч во градот, а оној човек го пуштија да си отиде со сето негово семејство.
26Човекот отиде во земјата на Хетејците, и таму изгради град и го нарече Луз. Така се вика уште и денес.
27Манасиј не ги освои Вет-Сан и неговите села, ни Тахана и нејзините села. Не ги изгони ни жителите од Дора и од неговите села, ни жителите на Ивлеам и на неговите села, ни жителите на Мегида и на нејзините села. Така Ханаанците останаа и живееја во земјата.
28Кога Израел зајакна, им наметна данок на Ханаанците, но не можеше да ги истера.
29Ни Ефрем не ги истера Ханаанците, кои живееја во Гезер, така што тие Ханаанци живееја тука меѓу нив.
30Завулон не ги истера жителите на Китрон ни жителите на Налол. Така Ханаанците останаа среде Завулоновите синови, но им беше наметнат данок.
31Ни Асир не ги изгони жителите на Акон, ни жителите на Сидон, ни оние од Алав, ни од Ахазив, ни од Халва, ни од Афика, ни од Реова.
32Така Асирците останаа меѓу Ханаанците, жителите на таа земја, зашто не ги истераа.
33И Нефталим не ги изгони жителите на Вет-Семес и на Вет-Анат, туку живееше меѓу Ханаанците кои ја населуваа таа земја, ама им наметнаа данок на жителите на Вет-Семес и на Вет-Анат.
34Аморејците ги истиснаа Дановите синови во гората, и не ги пуштаа да слезат во рамницата.
35Аморејците се задржаа во гората Ерес, во Ајалон и во Салвим, но кога зајакна раката на Јосифовиот дом, им беше наметнат данок.
36Подрачјето на Едомците се простира од Акравимското Нагорниште, до Стената и нагоре.

Селектирано:

Судии 1: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност