ИСУС НАВИН 11
11
З. Покорување на Северен Ханаан
1Кога го чу сѐ тоа Јавин, цар на Асор, ги извести: Јовав, царот на Мадона, и царот на Симрона, и царот на Ахсафа, 2и царевите на север, во Горјето, и во Араба јужно од Хинерот, и во Шефела, и на височините на Дор спрема морето; 3Ханаанците на исток и запад, Аморејците, Хетејците, Ферезејците и Евусејците во планините, Евејците под Ермон во земјата Миспа. 4Сите тие излегоа со своите чети, со мноштво што беше како песок на морскиот брег, и со многу коњи и коли. 5И така сите тие цареви се здружија и поставија логор заедно покрај водите на Мером, за да се борат против Израел. 6Тогаш Господ му рече на Исуса: „Не бој се од нив, зашто утре во ова доба ќе направам сите да бидат погубени пред Израел; пресечи им ги жилите на нивните коњи, а нивните коли изгори ги со оган.“ 7Исус ги поведе против нив сите свои војници, ги нападна одненадеж при водите на Мером и удри на нив. 8И Господ ги предаде во рацете на Израелците, па тие ги поразија и ги протераа сѐ до Големиот Сидон и до Мисрефот-Маим и до рамницата Миспа на исток; и така ги поразија па никој не преживеа. 9Исус направи како што му нареди Господ: ги пресече жилите на нивните коњи, а нивните коли ги изгоре со оган.
10Во исто време Исус се врати и го зазеде Асор, а неговиот цар го погуби со меч. Некогаш Асор им беше главен град на сите тие царства. 11Убија сѐ со острилото на мечот, извршувајќи го проклетството „херем.“ Не остана ништо живо, а Асор го изгореа со оган. 12Исус ги покори сите градови на оние цареви и ги погуби царевите со острилото на мечот, извршувајќи го „херемот,“ проклетството, како што беше заповедал Мојсеј, Божјиот Слуга. 13Од другите градови, што се креваа на своите брежиња, Израелците не изгореа ниеден, освен Асор, што го опожари Исус. 14Сиот плен од тие градови и добитокот, Израелевите синови ги поделија меѓу себе, а сите луѓе ги погубија со острилото на мечот, ги истребија, и не остана ни жива душа. 15Сѐ што Господ му заповеда на Својот слуга Мојсеј, Мојсеј му заповеда на Исуса, а Исус изврши сѐ, не изоставајќи ништо од сѐ што Господ му беше заповедал на Мојсеја.
И. Збир на покорувањата
16Така Исус ја зазеде целата земја: Горјето, сиот Негев и сета земја Госен, Шефел, Араба, Израелското Горје и неговите брежиња, 17од гората Алак, што се издига кон Сир, па до Вал Гад, во ливанската рамница под планината Ермон; ги зароби сите нивни цареви, ги порази и ги погуби. 18Исус војуваше долго време со тие цареви. 19Немаше ниту еден град кој склучил мир со Израелевите синови, освен Евејците, кои живееја во Гаваон: сите ги зазедоа со војна. 20Господ им ги окорави срцата, па излегоа во бој против Израел и паднаа под „херем,“ проклетство без смилување, за да бидат истребени, како што Господ му заповеда на Мојсеја.
21Во тоа време дојде Исус и ги истреби Енакимците од Горјето, од Хеврон, од Давир, од Анава, од сето Јудино Горје и од сето Израелево Горје: ги предаде на „Херем,“ на уништување, нив и сите нивни градови. 22Така не остана ниеден Енакимец во сета земја на Израелевите синови, освен во Газа, Гат и Азот. 23Исус ја зазеде сета земја, како што Господ му беше рекол на Мојсеја, и му ја даде во наследство на Израел, поделувајќи ја по племињата.
Селектирано:
ИСУС НАВИН 11: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.