Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 49

49
Г. Пророштва за Амонци, Едом, Дамаск, Кадар и Елам
1. Амонци ќе отидат во пленство
1За Амоновите синови. Господ зборува вака: „Израел нема синови, нема наследник? Зошто Малхом го наследи Гад и неговиот народ се насели во неговите градови? 2Затоа, еве, доаѓаат денови - говори Господ - и ќе направам да се чујат воени извици во Рава на Амоновите синови, и таа ќе биде ограбена грамада, а нејзините населби изгорени со оган. Тогаш Израел ќе ги ограби своите ограбувачи - зборува Господ.
3Плачи, Есевоне, зашто Гај е запустен, викајте на помош равски ќерки. Препашете вреќиште, почнете тажачки, обиколувајте меѓу оградите. Зашто Малхом треба да оди на заточение, со свештениците и со кнезовите. 4Зошто се фалиш со својата долина, одметничка ќерко, која што се надеваш во своето богатство и зборуваш: ‘Кој се осмелува да стане против мене?’ 5Еве, навалувам врз тебе страв отсекаде наоколу: ќе бидете распрснати, секој на своја страна, и никој не ќе ги собере бегалците.
6Но тогаш пак ќе ја изменам несреќата на Амоновите синови - говори Господ.
2. Запустување на Едом
7За Едом. Вака зборува Господ над Војските: „Зар нема веќе мудрост во Теман, зар на разумните им го снема расудокот, зар изветреа нивната мудрост? 8Бегајте, губете се и скријте се длабоко, жители на Дедан, зашто му носам пропаст на Исав, време на неговата казна. 9Дојдат ли берачите кај тебе, ни доберок нема да остават; дојдат ли ноќните крадци, ќе ограбат сѐ што сакаат. 10Зашто Јас Сум Оној што ќе го побарам Исава, и ќе му го откријам засолништето, за да не може да се скрие. Неговото племе е запустено: го нема веќе! Никој не вели: 11‘Остави ги своите сираци, јас ќе ги прехранам, и твоите вдовици нека се надеваат во мене!’“
12Зашто вака зборува Господ: „Ете, оние кои што навистина не требаа да ја пијат чашата, треба да ја испијат до капка, и зар токму ти да останеш неказнет? Не, ти не ќе останеш неказнет, ќе треба да ја испиеш чашата! 13Зашто Се заколнав Самиот во Себе - говори Господ: Восора ќе стане руг и срам, пустина и проклетство; а сите нејзини градови ќе бидат вечни урнатини.“
14Господ ми упати вест, гласникот им беше испратен на народите: „Соберете се! Тргнете против неа, тргнете! Станете! Во бој! 15Зашто, ете, ќе те направам мал меѓу народите, презрен меѓу луѓето. 16Твојот страв те заведе, гордоста на твоето срце, ти, кој што живееш во камени пештери, и се придржуваш за високите планини, па виткаш гнездо врз каменливиот ридски венец, како орлите, оттаму ќе те симнам - говори Господ.
17Едом ќе стане пустина, секој што ќе помине низ него, ќе се вчудоневиди и ќе свири со устата заради сите негови рани. 18Ќе го разурнат како Содом и Гомор и нивните соседи - зборува Господ. Човек не ќе станува таму, човечки син не ќе престојува во него.
19Ете, како лав тој излегува од јорданските грмушки на вечно зелени пасишта. Но ќе го истерам во миг, и ќе го сместам таму Својот избраник. Зашто кој Ми е рамен Мене? И кој ќе Ме повика на сметка? И кој пастир ќе Ми одолее?“
20Затоа чујте што науми Господ да му направи на Едом, чујте што намислил против жителите на Теман: и најситните јагниња тој ќе ги одвлече, и самото нивно пасиште ќе се загрози над нив. 21Од шумот на нивното паѓање земјата ќе се потресе, викотницата ќе се слуша до Црвеното Море! 22Ете, како орел тој се дига и трепери, шири крилја над Восора. Во оној ден срцето на едомските јунаци ќе биде како срцето на жената во родилни болки.
3. Засрамување и тага на Дамаск
23За Дамаск: „Збунети се Емат и Арфад, зашто чуја лоша вест. Срцето им се стега од ужас и не може да се смири. 24Дамаск е обесхрабрен, се даде во бегство, страв го опфати, го обзедоа тешкотии и болки како родилката. 25Како? Славниот град е напуштен, градот на Мојата радост!
26Затоа неговите младинци ќе испаѓаат по улиците, сите воини ќе загинат во оној ден - говори Господ над Воинствата.
27Ќе ги запалам со оган ѕидовите на Дамаск: пламенот ќе ги голтне дворците Вен-Ададови.“
4. Пораз и гибел на Кадар и Асор
28За Кадар и за асорските царства, што ги порази Навуходоносор, вавилонскиот цар.
Господ зборува вака: „Станете, нафрлете се врз Кадар, уништете ги синовите на Исток! 29Нека им бидат одземени шаторите и стадата, шаторските крила и сета опрема! Нека им бидат одведени камилите и нека викаат на нив: ‘Страв отсекаде!’
30Бегајте со главата без обѕир, скријте се длабоко, жители на Асор - говори Господ. Зашто Навуходоносор, вавилонскиот цар, крои наум против вас, смислува напад: 31Станете, удрете на мирниот народ што живее без страв - говори Господ - што нема ни врати ни лостови, што живее осамено! 32Нивните камили ќе бидат плен, мноштво овци на ограбувачите! И ќе ги распрснам на сите страни, оние луѓе со избричени краеви на косата, и ќе доведам гибел врз нив отсекаде - говори Господ. 33Асор ќе стане дувло на шакали и вечна пустина. Човек таму не ќе престојува, таму нема да се насели човечки син.“
5. Раселување на Елам и негово враќање од пленство
34Слово што Господ му го упати на пророкот Еремија за Елам, во почетокот на царувањето на Седекија, јудејскиот цар. 35Господ над Восјките зборува вака: „Еве, ги кршам Еламовиот лак, с’ржта на неговата сила. 36Ќе дотерам четири ветра против Елам од четирите краишта на небото, и ќе ги распрснам Еламците во сите четири ветра, и не ќе има народ каде не ќе стигнат еламските бегалци. 37Ќе им втерам страв во коските на Еламците пред нивните непријатели. Ќе пуштам несреќа на нив, огнот на Својот гнев - говори Господ. Ќе испратам меч по нив додека не бидат сосем уништени. 38И ќе го поставам Својот престол во Елам, и ќе ги сотрам таму царот и сите кнезови - говори Господ. 39Ама ќе ја изменам кобта на Елам“- говори Господ.

Селектирано:

ЕРЕМИЈА 49: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се