Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 48

48
1Против Моав. Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Тешко ѝ на гората Нево, зашто е запустена, засрамен е Киријатаим и освоен, тврдината засрамена, разурната, 2ја нема веќе моавската гордост. Пропаста му ја сковаа во Есевон: ‘Ајде да го истребиме од народите!’ А ти, Мадмене, ќе бидеш разурнат, мечот веќе иде по тебе!
3Слушај! Лелеци се слушаат од Оронаим: ‘Грабеж, страшна пропаст!’ 4„Моав е здробен! се слуша врескањето на неговите мали. 5Да, нагоре по ридот Луит се искачуваат плачејќи. Да, низ надолниците на Оронаим, се разнесува писокот над пропаста. 6Бегајте, спасувајте го животот, угледајте се на пустинските ослиња!“
7Зашто се надеваше во твоите тврдини, ќе бидеш и ти освоен. Хамос заминува на заточение, со своите свештеници и кнезови. 8Запустувачот ќе дојде во секој град, ниеден нема да му избега: Долината ќе биде ограбена, Висорамништето запустено, зборува Господ.
9Ставете му на Моав надгробен камен, зашто е урнат до основи; неговите градови се пустини, во нив никој не живее.
10Проклет да е кој негрижливо ги извршува Господовите работи! Проклет да е кој својот меч не ќе го омрси со крв!
11Од својата младост Моав уживаше мир, лежеше врз својата дрождина, никогаш не го преточуваа од бочва во бочва, никогаш не отиде на заточение: затоа вкусот му остана свеж, мирисот непроменет.
12Но еве, доаѓаат денови - зборува Господ - и Јас ќе му испратам угнетувачи кои што ќе го преточуваат, ќе ги испразнат неговите бочви и ќе ги искршат неговите садови. 13И тогаш Моав ќе се засрами заради Хамос, како што Израелевиот дом се засрами заради Ветил во кого се надеваше.
14Како можете да речете: ‘Ние сме јунаци, храбри воини.’ 15Запустувачот на Моав се нафрли врз него; цветот на неговата младост слегува во кланиците, зборува Царот, Господ над Восјките Нему Му е Име.
16Наближува Моавовата пропаст, брза неговата гибел. 17Жалете го, сите негови соседи, и сите кои што го знаете неговото име. Речете: ‘Како ли се скрши цврстата палка, величественото жезло!’
18Слези од својата слава, седи во кал, жителке, девонска ќерко! Зашто запустувачот на Моав се нафрли врз тебе, ги разурна сите твои тврдини. 19Застани на патот и набљудувај, о жителу на Ароир! Прашај ги бегалците и преживеаните, прашај ги: ‘Што се случи тоа?’ 20Моав се срами, зашто е скршен. Плачете, липајте! Известете во Арнон дека Моав е запустен.
21Судот стигна над Висорамнината и над Олон, Јаса и Мифат, 22над Девон, Нево, Вет Девлатаим, 23Киријатаим, Вет Гамул, Вет Моен, 24Кериот, Восор и над сите градови на Моавската Земја, далечните и блиските. 25Рогот на Моав му е здробен, раката му е скршена. 26Испијанете го, зашто сакаше да се возвиши над Господа: Моав нека се прпелка сега во својата блуваница, та и тој нека биде за потсмев. 27Нели тебе Израел ти беше за потсмев? Дали можеби го најдоа во кражба, та мавташ со главата штом зборуваш со него?
28„Оставете ги градовите, живејте во пештерите, жители на Моав! Бидете како гулаби што се гнездат врз стрмна карпа на работ на нејзината бездна! 29Чувме за надуеноста на Моав, преголема надуеност, за неговата гордост, фалење, возвишување, за гордоста на неговото срце! 30Го познавам Јас неговиот бес - говори Господ, лагата на неговите зборови! 31Затоа треба да лелекам над Моав, да плачам над сите Моавци, да липам заради луѓето на Кир Ерес. 32Повеќе отколку над Јазир, ќе плачам за тебе, о сивамска лозо, чии подници се протегаа преку море, стигаа сѐ до Јазир. Врз твоите берби и жетви сега падна запустувачот. 33Исчезнаа радоста и веселбата, од овоштарниците и од Моавската Земја. Снема вино во бочвите, газачите веќе не го газат грозјето, веселите звуци веќе не се весели.
34Викањето на Есевон и Елеал се слуша сѐ до Јаса. Викаат од Сигор до Оронаим и до Еглат Шелишиј, зашто и нимримските води се претворија во пустина. 35Во Моав ќе направам - говори Господ - да не се искачуваат на високите места и да не им се кади на неговите богови. 36Затоа срцето ми трепери како кавал за Моав, Моето срце трепери како свирка за луѓето на Кир Ерес: зашто пропадна печалбата што ја спечалија! 37Сите глави се избричени и брадите потстригани; на сите раце засеци, вреќиште околу слабините. 38На сите покриви на Моав и на неговите раскрсници само викања за помош, зашто го скршив Моав како врчва што никому не му е потребна - говори Господ. 39Како ли ја скршив? Колку срамно Моав се даде во бегство! Моав стана потсмев и страшило за сите соседи.“
40Зашто вака зборува Господ: „Ете, како орел трепери, над Моав шири крилја. 41Градовите се заземени, тврдините освоени. Во тие денови срцето на моавските јунаци ќе биде како срцето на жена во породилни болки. 42Моав е избришан од народите, зашто се возвиши над Господа. 43Страв, јама и примка за тебе, жители на Моав! - говори Господ.
44Кој ќе му избега на стравот ќе падне во јамата; кој ќе се извлече од јамата, ќе падне во примка. Да, тоа ќе го навалам врз Моав во деновите на неговата казна - зборува Господ.
45Во есевонската сенка застануваат исцрпените бегалци. Но оган излегува од Есевон, пламен лиже од сионскиот дворец и му ги голта слепоочниците на Моав и темето на бунтовничките синови. 46Тешко ти тебе, Моаву! Замислен си, Хамосов народу! Зашто твоите синови ги одведоа во заточение, твоите ќерки во пленство.
47Но ќе му ја изменам кобта на Моав во иднина“ - зборува Господ. Дотука - судењето на Моав.

Селектирано:

ЕРЕМИЈА 48: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се