Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 32:1-25

ЕРЕМИЈА 32:1-25 MKB

Словото што Господ му го упати на Еремија во десеттата година на Седекија, јудејскиот цар, односно во осумнаесеттата година на Навуходоносор. Во тоа време војската на вавилонскиот цар го опседнуваше Ерусалим, а пророкот Еремија беше затворен во темничкиот двор во дворецот на јудејскиот цар. Седекија јудејскиот цар, го беше затворил таму, приговорувајќи му: „Зошто пророкуваше: ‘Господ зборува вака! „Ете, ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар за да го освои; а Седекија, јудејскиот цар, не ќе ѝ избега на халдејската сила, туку ќе биде предаден во рацете на вавилонскиот цар - ќе разговара со него уста во уста, ќе го види очи во очи. Ќе го одведе Седекија во Вавилон и таму ќе остане додека не го посетам - говори Господ! И ако се борите против Халдејците, нема да успеете!“‘“ Тогаш Еремија рече: „Ми дојде Господово слово: ‘Скоро ќе дојде кај тебе Анамеил, синот на твојот стрико Салум, за да ти каже: „Купи ја мојата нива во Анатот; ти имаш роднинско право за да ја купиш!“‘ Како што навести Господ, кај мене дојде синот на мојот стрико Анамеил во темничкиот двор и ми рече: ‘Де, купи ја мојата нива во Анатот, зашто ти имаш право на сопственост и роднинско право за да ја купиш! Купи ја!’ И така научив дека тоа беше Господов збор. И така, ја купив таа нива од синот на мојот стрико Анамеил од Анатот та му измерив во платежно средство седумдесет сикли сребро. Напишав договор, удрив печат, повикав сведоци и го измерив среброто на мерилката. Потоа го зедов купувачкиот договор, запечатен според прописот, според уредбите, му го предадов купувачкиот договор на Варух, синот Масиев син Нирин. Присутни беа: мојот братучед од стрико Анамеил, сведоците што го потпишаа купопродажниот договор и сите Јудејци, кои се најдоа во темничкиот двор. Тогаш пред нив му заповедав на Варух: ‘Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог!“ Земи ги овие исправи, купувачкиот договор, запечатениот и отворениот, и стави ги во глинен сад, за да се запазат долго.“ Зашто вака говори Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Уште ќе се купуваат во оваа земја и куќи и ниви и лозја!“‘ Откако му го предадов купувачкиот договор на Нириниот син Варух, Му се помолив на Господа: ‘О, Господи, Господи! Ти ги создаде небото и земјата со голема сила, со подигната рака! Тебе ништо не Ти е невозможно! На илјадници им искажуваш милост, а вината на татковците ја одмаздуваш врз децата, врз нивните потомци. Велик и силен Боже, Кому Името е Господ над Војските! Велик си во Своите замисли, силен во Своите дела! Твоите очи бдеат над сите човечки патишта, за да му платиш секому според неговиот пат и според плодот на неговите дела! Ти Кој што правеше знаци и чудеса во Египетската Земја и во Израел, и меѓу сите луѓе сѐ до денес. Ти го изведе Својот народ Израелски од Египетската Земја со знаци и чудеса, со силна рака и со подигната мишка, со големи стравотии. Потоа им ја даде сета оваа земја што со заклетва им ја вети на нивните татковци, земја во која течат мед и млеко. И тие ја зазедоа; ама не го слушаа Твојот глас, ниту одеа по патот на Твојот Закон. Не направија ништо од она што им заповеда Ти; затоа ги повика врз нив сите овие неволји. Ете, насипите му се приближија веќе на градот, и ќе биде освоен, и градот ќе падне во рацете на Халдејците кои се нафрлаат врз него со меч, глад и помор. Со што се закануваше, еве доаѓа. И Самиот гледаш. А Ти, Господи Господи мој, ми рече: „Купи нива за сребреници и повикај сведоци,“ а градот е веќе предаден во рацете на Халдејците!’“