Еремија 32:1-25
Еремија 32:1-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Слово Господово што дојде до Еремија во десеттата година на јудејскиот цар Седекија; таа година беше осумнаесеттата година на Навуходоносор. Тогаш војската на вавилонскиот цар го опсадуваше Ерусалим, а пророкот Еремија беше затворен во стражарницата, што се наоѓаше во дворецот на јудејскиот цар. Јудејскиот цар Седекија го затвори таму, откако рече: „Зошто пророкуваш и велиш – така вели Господ: еве, Јас ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го преземе; и Седекија, јудејскиот цар, нема да избега од рацете на Халдејците, туку бездруго ќе биде предаден во рацете на вавилонскиот цар, и ќе зборува со него уста во уста, и очите негови ќе ги видат неговите очи; и тој ќе го одведе Седекија во Вавилон, каде што и ќе остане, додека не го посетам, вели Господ. Ако се борите против Халдејците, нема да победите?“ И рече Еремија: такво беше словото Господово до мене. Еве, Анамеил синот на твојот чичко Селум, доаѓа кај тебе да ти каже: купи ја нивата моја, што се наоѓа во Анатот, зашто, според родбинското право, тебе ти се паѓа да ја купиш. И Анамеил, синот на мојот чичко, дојде кај мене, според словото Господово, во стражарницата и ми рече – купи ја мојата нива во Анатот, во земјата на Венијамин, зашто правото на наследство е твое и куповното право е твое: купи ја. Тогаш разбрав дека тоа беше слово Господово. И ја купив од Анамеил, синот на мојот чичко, нивата во Анатот, и му ја платив цената: седум шекели и десет парчиња сребро. И направив договор, му удрив печат, повикав потоа сведоци и среброто го измерив на вага. Па ја зедов потврдата за купопродажба, запечатена според законот, и наредбата, и отворената копија и му ја дадов потврдата за купување на Варух, синот на Нерија, син на Махсеја, пред очите на Анамеил, синот на мојот чичко, и пред очите на сведоците, кои го потпишаа тој купопродажен договор пред очите на сите Јудејци, што седеа во стражарницата; и му заповедав на Варух во нивно присуство; вака вели Господ Саваот, Бог Израелов – земи ја оваа книга, договоров за купопродажба, кој е запечатен и оваа отворена книга, и стави ги во глинен сад, за да останат таму долго време. Зашто, така вели Господ Саваот, Бог Израелов: во оваа земја пак ќе се купуваат куќи, ниви и лозја. И откако му ја предадов на Нириевиот син Варух купопродажната потврда, јас Му се помолив на Господ: „О, Господи Боже, Ти го создаде небото и земјата со силата Твоја голема и со крената рака; за Тебе не постои ништо невозможно; Ти покажуваш милост на илјадници и за гревовите на татковците нивни им отплаќаш на децата нивни по нив: Боже Велики, Силни, на Кого името Му е Господ Саваот. Голем по мудрост и силен според делата, Чии очи се отворени врз сите патишта на синовите човечки, за да отплатува секому според патиштата негови и според плодовите на делата негови, Кој изврши чудеса и покажа знаци во земјата египетска, а извршуваш и до денес во Израел и меѓу сите луѓе, и си создаде име, како во оној ден, па го изведе Твојот народ Израел од земјата египетска со знаци и чудеса, со силна рака и крената десница и со голем страв. И им ја даде оваа земја, која со клетва им ја беше ветил на предците нивни дека ќе им ја дадеш, земја, каде што тече мед и млеко. Тие влегоа и ја присвоија, но не го слушаа гласот Твој и не одеа по законот Твој, не вршеа што им беше заповедал Ти да прават, па поради тоа Ти го испрати врз нив сево ова зло. Еве, насипите дојдоа до градот, за да го преземат; и од меч, глад и помор градот ќе се предаде во рацете на Халдејците, кои се борат против него; сѐ што рече Ти, се исполнува, и, еве, Ти го гледаш тоа. Ти, Господи Боже, ми рече: купи си нива за пари и повикај сведоци, иако градот се предава во рацете на Халдејците.“
Еремија 32:1-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Словото што Господ му го упати на Еремија во десеттата година на Седекија, јудејскиот цар, односно во осумнаесеттата година на Навуходоносор. Во тоа време војската на вавилонскиот цар го опседнуваше Ерусалим, а пророкот Еремија беше затворен во темничкиот двор во дворецот на јудејскиот цар. Седекија јудејскиот цар, го беше затворил таму, приговорувајќи му: „Зошто пророкуваше: ‘Господ зборува вака! „Ете, ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар за да го освои; а Седекија, јудејскиот цар, не ќе ѝ избега на халдејската сила, туку ќе биде предаден во рацете на вавилонскиот цар - ќе разговара со него уста во уста, ќе го види очи во очи. Ќе го одведе Седекија во Вавилон и таму ќе остане додека не го посетам - говори Господ! И ако се борите против Халдејците, нема да успеете!“‘“ Тогаш Еремија рече: „Ми дојде Господово слово: ‘Скоро ќе дојде кај тебе Анамеил, синот на твојот стрико Салум, за да ти каже: „Купи ја мојата нива во Анатот; ти имаш роднинско право за да ја купиш!“‘ Како што навести Господ, кај мене дојде синот на мојот стрико Анамеил во темничкиот двор и ми рече: ‘Де, купи ја мојата нива во Анатот, зашто ти имаш право на сопственост и роднинско право за да ја купиш! Купи ја!’ И така научив дека тоа беше Господов збор. И така, ја купив таа нива од синот на мојот стрико Анамеил од Анатот та му измерив во платежно средство седумдесет сикли сребро. Напишав договор, удрив печат, повикав сведоци и го измерив среброто на мерилката. Потоа го зедов купувачкиот договор, запечатен според прописот, според уредбите, му го предадов купувачкиот договор на Варух, синот Масиев син Нирин. Присутни беа: мојот братучед од стрико Анамеил, сведоците што го потпишаа купопродажниот договор и сите Јудејци, кои се најдоа во темничкиот двор. Тогаш пред нив му заповедав на Варух: ‘Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог!“ Земи ги овие исправи, купувачкиот договор, запечатениот и отворениот, и стави ги во глинен сад, за да се запазат долго.“ Зашто вака говори Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Уште ќе се купуваат во оваа земја и куќи и ниви и лозја!“‘ Откако му го предадов купувачкиот договор на Нириниот син Варух, Му се помолив на Господа: ‘О, Господи, Господи! Ти ги создаде небото и земјата со голема сила, со подигната рака! Тебе ништо не Ти е невозможно! На илјадници им искажуваш милост, а вината на татковците ја одмаздуваш врз децата, врз нивните потомци. Велик и силен Боже, Кому Името е Господ над Војските! Велик си во Своите замисли, силен во Своите дела! Твоите очи бдеат над сите човечки патишта, за да му платиш секому според неговиот пат и според плодот на неговите дела! Ти Кој што правеше знаци и чудеса во Египетската Земја и во Израел, и меѓу сите луѓе сѐ до денес. Ти го изведе Својот народ Израелски од Египетската Земја со знаци и чудеса, со силна рака и со подигната мишка, со големи стравотии. Потоа им ја даде сета оваа земја што со заклетва им ја вети на нивните татковци, земја во која течат мед и млеко. И тие ја зазедоа; ама не го слушаа Твојот глас, ниту одеа по патот на Твојот Закон. Не направија ништо од она што им заповеда Ти; затоа ги повика врз нив сите овие неволји. Ете, насипите му се приближија веќе на градот, и ќе биде освоен, и градот ќе падне во рацете на Халдејците кои се нафрлаат врз него со меч, глад и помор. Со што се закануваше, еве доаѓа. И Самиот гледаш. А Ти, Господи Господи мој, ми рече: „Купи нива за сребреници и повикај сведоци,“ а градот е веќе предаден во рацете на Халдејците!’“