ЕРЕМИЈА 15
15
б. Застапништвото на Мојсеј и Самоил не го одвраќаат судот
1И Господ ми рече: „Кога и Мојсеј и Самоил би застанале пред Мене, Мојата душа не би се обратила кон тој народ. Ги изгонив од пред Моето лице, нека си одат од Мене! 2Ако те прашаат: ‘Каде да одиме?’ одговори им: ‘Господ зборува вака: „Кој е за смрт, во смрт! Кој е за меч, под меч! Кој е за глад, во глад! Кој е за заточение, на заточение!“‘ 3Ќе испратам врз нив четири неволи - зборува Господ: меч за да ги убива, пси за да ги раскинуваат, небесни птици и ѕверовите за да ги јадат и сотираат. 4И ќе ги направам ужас за сите земни царства, и тоа заради Манасиј, синот Езекиин, јудејскиот цар - за сите зла што ги направи во Ерусалим.
5Кој да ти се смилува тебе, Ерусалиме, кој да те пожали? Кој ли ќе се наврати да те праша како ти е? 6Ти Ме отфрли - зборува Господ - и ми ги сврте плеќите, и затоа на тебе ја кренав погубувачката рака. Ми здодеа да ти опростувам секогаш! 7Затоа ќе ги извеам со веалка на вратата на оваа земја. Ќе го лишам Мојот народ од деца и ќе Го истребам, зашто не се одвраќа од своите патишта. 8Во нив ќе има повеќе вдовици отколку морски песок. Против мајките на младите воини ќе го доведам погубувачот, среде пладне, и ќе пуштам врз нив одненадеж ужас и стравотија. 9Се онесвести родителката на седум деца, ја испушти душата. Сонцето ѝ зајде уште преку денот: посрамена, засрамена е. А што ќе остане од нив, ќе ги фрлам под меч пред нивните непријатели“ - слово е Господово.
10Тешко мене, мајко, што си ме родила, за да се спорам и препирам со сета земја. Никому не му дадов заем, од никого не зедов заем, а сепак сите ме проколнуваат.
11Господ рече: „Навистина ќе те поткрепам за добро; навистина ќе направам непријателот да ти се моли, во доба на невола, во деновите на неговата тешкотија? 12Може ли да се скрши железото, железото од Север и бронзата? 13Твоето богатство и твоето благо ќе ги предадам на грабеж. Така ќе платиш за сите свои беззаконија по сета земја. 14Ќе те направам робје на непријателите, во земја што не ја познаваш, зашто Мојот гнев пламна со оган што ќе ве изгори, што ќе избувне против вас.“
в. Господ го бодри Еремија
15Господи, спомни си за мене и посети ме, и казни ги моите гонители. Не давај да пропаднам поради спороста на Твојот гнев! Спомни си дека заради Тебе поднесувам срам. 16Кога ми дојдоа Твоите зборови, јас ги голтав: Твоите зборови го восхитија и го зарадуваа моето срце. Зашто се викав со Твоето Име, о Господи, Боже над Воинствата. 17Никогаш не седев во друштво на потсмевачи за да се развеселам. Осамен живеам под тежината на Твојата рака, зашто Ти ме проникна со јарост. 18Зошто е мојата болка без пребол? Зошто е мојата рана неисцерива и никако да зарасти? Ах! Сакаш ли мене да ми бидеш како измамлив поток, со непостојани води?
19Затоа Господ зборува вака: „Ако се вратиш, ќе те пуштам да Ми служиш пак; ако го оддвоиш скапоценото од безвредното, ќе бидеш Моја уста. Тие ќе се свртат кон тебе, но ти затоа не смееш да се завртиш кон нив! 20Ќе направам од тебе за овој народ ѕид од бронза, непреземлив. Ќе се борат против тебе, но нема да те надвладеат зашто Јас Сум со тебе, за да те спасам и за да те избавам - зборува Господ. 21Ќе те избавам од рацете на злосторниците и ќе те откупам од рацете на силниците.“
Селектирано:
ЕРЕМИЈА 15: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.