ЕЗЕКИЕЛ 37
37
Д. Видение на поле посеано со суви коски
1И се спушти врз мене Господовата рака, и Господ ме изведе во Својот Дух, и ме постави сред долина полна со коски. 2Ме помина низ нив, насекаде околу нив, и ете, ги имаше во долината мошне многу, и беа сосем суви! 3Ми рече: „Човечки сине, можат ли да оживеат овие коски?“ Јас одговорив: „Господи Боже, тоа го знаеш само Ти!“ Тогаш ми рече: „Пророкувај им на овие коски и речи им: ‘О суви коски, чујте го Господовото слово! 5Господ Бог им зборува вака на овие коски: „Еве, ќе вдахнам дух во вас, и ќе оживеете! 6Ќе ве обложам со жили, ќе ве обложам со месо, ќе ве завиткам со кожа и ќе вдахнам дух во вас, и ќе оживеете - и ќе знаете дека Јас Сум Господ!“‘“
7И јас почнав да пророкувам како што ми беше заповедано. И додека проповедав стана шушкање и помрднување, и коските почнаа да се собираат. 8Погледнав, и ете, на нив пораснале жили и месо; се покрија со кожа, но уште немаше дух во нив. 9И ми рече: „Проркувај му на духот, човечки сине, пророкувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Дојди од сите четири ветра, духу, и вдахни во овие трупови за да оживеат!“‘“ 10И почнав да пророкувам како што ми заповеда и духот влезе во нив и оживеаја и застанаа на нозе - многу, многу голема војска.
11Ми рече: „Човечки сине, тие коски - тоа е сиот Израелев дом. Еве, тие велат: ‘Ни се осушија коските и ни пропадна надежта, загинавме!’ 12Затоа пророкувај и речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Јас ќе ги отворам вашите гробови, ќе ве изведам од вашите гробови народу Мој, и ќе ве одведам во Израелевата Земја! И ќе знаете дека Јас Сум Господ, кога ќе ги отворам вашите гробови, Мој народу! 14И ќе го вдахнам Својот Дух во вас за да оживеете, и ќе ве доведам, во вашата земја, и ќе знаете дека Јас, Господ, зборувам и правам - говори Господ Бог.’“
Ѓ. Соединување на два жезла (Израел и Јудеја)
15И ми дојде Господово слово: 16“А ти човечки сине, земи дрво и напиши врз него: ‘Јуда и Израелевите синови, неговите сојузници!’ Тогаш земи друго дрво и напиши врз него: ‘Јосиф - Ефремово дрво - и сиот Израелев дом, негов сојузник.’ 17И состави ги во едно дрво за да бидат како една во твојата рака! 18А кога синовите на твојот народ те прашаат: ‘Сакаш ли да ни објасниш што значи тоа?’ - 19Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, ќе го земам Јосифовото дрво, што е во Ефремовата рака, Јосифовото дрво и на Израелевите племиња, на неговите сојузници, и ќе го составам со Јудиното дрво та од нив ќе направам едно дрво; обата ќе бидат едно во Мојата рака.“‘ 20Обете дрва врз кои што ќе го напишеш ова, нека ти бидат во раката, пред нивните очи. 21И речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, ќе ги соберам Израелевите синови од народите во кои што дојдовте, ќе ги соберам отсекаде и ќе ги одведам во нивната земја. 22И ќе направам од нив еден народ во земјата, во Израелевите гори и еден цар ќе им биде на сите, и тие веќе не ќе бидат два народа и не ќе бидат веќе разделени на две царства. 23И веќе не ќе се онечистуваат со идолите, ни со своите грозотии, ни со пороците. Ќе ги избавам од сите нивни неверства со кои се огрешија, и ќе ги очистам, и тие ќе бидат Мој народ, а Јас нивен Бог.
24А мојот слуга Давид ќе им биде Цар, и сите ќе имаат еден Пастир. Ќе живеат по Моите закони, пазејќи ги и вршејќи ги Моите наредби. 25Ќе живеат во земјата што му ја дадов на Мојот слуга Јаков, во која што живееја вашите татковци: во неа ќе престојуваат и нивните синови, и синовите на нивните синови довека. И Мојот слуга Давид ќе им биде Кнез довека. 26Ќе склучам со нив завет на мир; тоа ќе биде вечен Завет со нив. Ќе ги утврдам и ќе ги умножам, и ќе го поставам Своето Светилиште меѓу нив засекогаш. 27Моето живеалиште ќе биде меѓу нив, и Јас ќе бидам нивен Бог, а тие Мој народ! 28И кога Моето Светилиште биде засекогаш меѓу нив, сите народи ќе знаат дека Јас Сум Господ, Кој го осветува Израел.“‘“
Селектирано:
ЕЗЕКИЕЛ 37: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.