ЕЗЕКИЕЛ 38
38
Е. Пророштво за Гога и Магога
1. Собирање на Гогови множества
1И ми дојде Господовото слово: 2“Човечки сине, сврти го лицето кон Гога, во земјата Магога, кон големиот кнез Рош на Месех и Тувал, пророкувај против него. 3Речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве ме против тебе, Гоже, голем кнезу на Рош Месех и Тувал! 4Ќе те намамам и ќе ти ставам узди во вилицата, ќе те изведам тебе и сета твоја војска - коњите и коњаниците, големо мноштво во потполна опрема - сѐ во оклопи и со штитови, сѐ вешти со мечеви. 5Со нив е и Персија, Етиопија, и Пут - сите со штитови и шлемови; 6потоа Гомер и сите негови чети, домот Тогарма од крајниот север со сите негови чети - многу народ со тебе!
7Подготви се добро ти и сето мноштво што се собрало околу тебе и застани му на чело! 8По многу денови ќе добиеш заповед; по многу години ќе нападнеш на земјата, избавена од меч и собрана од Моите народи, на Израелевите гори, некогаш долго пусти: откако ги изведов од народите, сите живееја спокојно. 9Ќе се дигнеш, ќе дојдеш како невреме, како облак што ја покрива земјата, ти и твоите чети, а со вас многу народи!“
2. Лоша замисла на Гога
10Господ Бог зборува вака: „Во тој ден мислите ќе ти се ројат во срцето и ќе сковаш лош наум.“ 11Ќе речеш: ‘Ајде да се кренам против небранетата земја, да нападнам на мирен народ што живее спокојно без ѕидови, и без лостови, и без врати: 12па да се награбам плен и да се напљачкам пљачка - да ги ставам рацете на урнатините пак населени и на народот собран од народите, кој се занимава со стада и со имот и кој живее во средиштето на земјата.’ 13Сава, Дедан и тарсиските трговци и сите нивни лавчиња ќе те прашаат: ‘Зар затоа доаѓаш да плениш? И зар заради грабеж собра толкав куп, за да го однесеш среброто и златото, за да го ограбиш добитокот и имотот и да плениш голем плен?’“‘
3. Навлегување на Гога во Израелева Земја
14Затоа пророкувај, човечки сине, и речи му на Гога: ‘Господ Бог зборува вака: „Во оној ден кога Мојот Израелев народ ќе живее спокојно, ти ќе се дигнеш! 15Ќе дојдеш од своето седиште, од крајниот север, ти и многу народи со тебе, сѐ сами коњаници, големо мноштво, голема војска. 16Ќе нападнеш на Израел, на Мојот народ како облак кога ја покрива земјата. Во последните денови ќе те доведам против Својата земја, за да Ме запознаат народите, кога врз тебе Гоже, пред нивните очи, ќе ја покажам Својата светост.“
4. Пораз на Гога
17Господ Бог зборува вака: „Не си ли ти тој за кого што зборував во древни денови, преку своите слуги, Израелевите пророци, кои што пророкуваа во она време дека ќе те доведам против нив? 18Во оној ден кога Гога ќе падне врз Израелевата Земја - говори Господ Бог - гневот ќе Ми пламне во Мојата јарост. 19Во Мојата ревност и во огнот на Мојот гнев, одлучив: Во оној ден ќе има силен потрес во Израел. 20И ќе се тресат под мене морските риби и небесните птици, полските ѕверови и лазачите што ползат по земјата и сите луѓе што живеат на неа. Планините ќе се урнат, стрмнините ќе паднат и ќе се срушат сите ѕидови! 21И по сите Свои гори ќе повикам меч против него - говори Господ Бог - со меч ќе се крене брат против брата! 22Ќе му судам со помор и со крв. И ќе спуштам силен поројник и град од камења, оган и сулфур врз него, врз неговите чети и врз многуте народи што ќе бидат со него. 23И ќе се возвеличам и ќе се објавам пред сите народи, и ќе познаат дека Јас Сум Господ.“‘
Селектирано:
ЕЗЕКИЕЛ 38: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.