ЕЗЕКИЕЛ 31
31
4. Преносно изразување за висок кедар
а. Египет - висок кедар
1Во единаесеттата година, во третиот месец, во првиот ден, ми дојде Господво слово: 2“Човечки сине, кажи му на фараонот египетскиот цар, и на неговиот народ: ‘На кого личиш со својата величина? 3Еве, ќе те споредам со либански кедар, со убави гранки, со густи лисја и со високо стебло, врвот му стига до облаците. 4Водата го отхрани и ја возвиши бездната; со своите реки му ги вадеше насадите, своите потоци ги испраќаше кон сите полски дрва. 5И затоа тој со раст ги надвиши сите полски дрва. Гранките му се намножија, гранчињата му се разгранчија, од изобилната вода што дотечуваше до него; 6небесните птици на неговите гранки виткаа гнезда. Под неговите гранки се раѓаа полските животни. А во неговата сенка седеа сите големи народи. 7Тој беше убав со величината, и со широчината на своите гранки; жилите му стигаа до длабоките води! 8Не му беа рамни ни кедровите во Божјата Градина, ни чемпресите не можеа да се споредат со неговите гранки, а јаворите не беа ни како неговите гранчиња! Ниедно стебло во Божјата Градина не му беше рамно по убавина. 9Го украсив со мноштво гранки, и му завидуваа сите еденски дрва во Божјата Градина.’
б. Паѓање на кедар (Египет)
10Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Бидејќи се воздигна на високо и нарасна врвот меѓу густите гранки, и од височината му се занесе срцето, 11затоа го предадов во рацете на најмоќниот од сите народи за да направи со него според неговото беззаконие, и го отфрлив. 12Туѓинците, најжестоки од народите, го пресекоа и ги оборија гранките, му паѓаа по горите и по сите долини, гранките му се скршија по сите котлини, сите народи се оддалечија од неговата ладовина, го оставија! 13Сите небесни птици слетаа на неговото оборено стебло! Сите полски животни се настанија меѓу неговите гранки! 14За да не се возвиши веќе со својот раст ниедно дрво покрај вода, и за да не го издигне својот врв до облаците! И за да ниедно дрво, што пие вода, не се надева во својата височина! Зашто сите ѝ се предадени на смртта, фрлени во подземните краишта, сред човечките синови, со оние што слегуваат во јамата!’
15Господ Бог зборува вака: ‘Во денот кога тој ќе слезе во Подземјето, во знак на жалост, ја затворив над него бездната и ги запрев неговите реки. И големите води пресушија, та сиот Ливан го замрачи по него и сите полски дрва се осушија заради него! 16Со трескавицата од неговото паѓање ги стресов народите кога го фрлив главечки во Подземјето, со оние што слегоа во јамата! И во подземниот крај се утешија сите еденски дрва, најизбраните и најубавите во Ливан, сите што ја пиеја водата. 17И тоа, неговата мишка, и тие меѓу народите кои седеа во неговата ладовина, слегоа со него во Подземјето кон оние што беа прободени со меч. 18И така, на кого, од еденските дрва, личиш со својата сила, со славата и со величината? А сега со нив си оборен во подземниот крај, и лежиш со необрезаните меѓу оние што беа прободени со меч. Тоа се фараонот и сето негово мноштво - говори Господ Бог.“
Селектирано:
ЕЗЕКИЕЛ 31: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.