ЕЗЕКИЕЛ 30
30
3. Блиска гибел на Египет
а. Господова казна над Египет
1И ми дојде Господово слово: 2“Човечки сине, пророкувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Ридајте: ‘О несреќен ден!’ 3Зашто денот наближува, наближува Господовиот ден! Ден облачен, време одредено за народите. 4И меч ќе влезе во Египет а стравот ќе ја опфати Етиопија, кога ќе почнат мртвите да паѓаат по Египет и кога ќе биде ограбено неговото богатство та кога ќе му ги срушат сите основи. 5Етиопија, Пут и Луд сета Арабија и Хув (Либија) и синовите на земјата на Сојузот заедно ќе загинат од меч!“
б. Паѓање на потпирачи на Египет
6Господ Бог зборува вака: „Ќе паднат оние кои го потпираат Египет, и ќе се сурне гордоста на неговата сила од Мигдол до Син, сѐ во него ќе падне од меч - говори Господ Бог. 7Тој ќе биде пустина меѓу запустените земји, а неговите градови урнатини меѓу разурнатите градови. 8И ќе знаат дека Јас Сум Господ, кога ќе го запалам Мојот оган во Египет и кога ќе ги сотрам сите негови помошници. 9Во оној ден ќе испловат гласници од Мене за да ја застрашат безгрижната Етиопија. И стравот ќе ја зафати во египетскиот ден. Зашто, еве наближува!“
в. Навуходоносорово навлегување
10Господ Бог зборува вака: „Ќе го уништам египетското мноштво со раката на Навуходоносор, вавилонскиот цар! 11Тој и неговиот народ со него - најсвиреп меѓу народите - ќе бидат доведени за да ја сотрат земјата. И тие ќе извлечат меч против Египет и сета земја ќе му ја исполнат со трупови. 12А Јас ќе ги пресушам реките и ќе ја предадам земјата во рацете на силниците, ќе ја запустам земјата и што е во неа, со раката на туѓинците. Јас Господ реков!“
г. Господова казна над Египет
13Господ Бог зборува вака: „Ќе ги разурнам идолите и ќе ги истребам лажните богови во Мемфис, и не ќе има веќе кнезови во Египетската Земја. 14Ќе го запустам Патрос, ќе го запалам Соан, ќе извршам суд врз тебе. 15Ќе излеам гнев над Син, египетската тврдина, ќе истребам мноштво во Нов. 16Ќе запалам оган под Египет: Син ќе се стресе од ужас, Нов ќе биде освоен, а Мемфис во тешкотија ден по ден. 17Младите на Хелиопол и на Пи-Весет ќе паднат од меч. А тие ќе бидат одведени во ропство! 18Над Тафнис ќе се стемни денот кога ќе го скршам таму египетскиот јарем, и кога ќе се докрајчи гордоста на силата во него! Облак ќе се наднесе над него, и неговите ќерки ќе бидат одведени во ропство! 19Така ќе го извршам судот над Египет, и ќе знаат дека Јас Сум Господ.“‘“
д. Скршена мишка на фараон
20Во единаесетата година, во првиот месец, на седмиот ден, ми дојде Господовото слово: 21“Човечки сине, ете, ја скршив мишката на фараонот, египетскиот цар! И еве, не ја ни завиткаа: не ставија лекови ниту ја преврзаа со завои за да ја закрепат, како би можела пак да има сила да прифати меч. 22Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Еве Ме против фараонот, египетскиот цар, за да му ги скршам обете раце, и здравата и скршената, и за да му го исфрлам мечот од раката! 23Ќе ги разгонам Египетците меѓу народите и ќе ги расеам по земјите! 24Ќе му ги зајакнам рацете на вавилонскиот цар и ќе го ставам Својот меч во неговата рака; а на фараонот ќе му ги скршам рацете, та ќе офка пред непријателот како ранет. 25Да, ќе му ги зајакнам рацете на вавилонскиот цар, а фараоновите раце ќе се истоштат. И ќе знае дека Јас Сум Господ, кога ќе го ставам Мојот меч во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го размавта над Египетската Земја. 26Ќе ги распрснам Египетците меѓу народите и ќе ги расеам по земјите. И ќе знаат дека Јас Сум Господ.’“
Селектирано:
ЕЗЕКИЕЛ 30: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.