Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Езекиел 16

16
1И пак ми дојде Господово слово:
2”Човечки сине! Покажи му ги на Ерусалим сите негови гадности!
3Речи: ‘Господ Бог вака му зборува на Ерусалим, на неверницата: „По потекло и родум си од Ханаанската Земја, татко ти Амореец, мајка ти Хетејка.
4Кога го здогледа светот, на денот на твоето раѓање не ти го пресеков папокот ниту те измија со вода за да те очистат; со сол, не те посолија ниту те повија во пелени.
5Ниедно око не се сожали на тебе, ниту некој се смилува да ти го направи тоа, туку на денот на твоето раѓање гнасна те фрлија надвор.
6А јас поминав покрај тебе и видов како се прпелкаш во крв. И ти реков додека уште беше во крвта: ‘Живеј!’ Во твојата крв ти реков: ‘Живеј!’
7Порасти како зеленило во полето! И те умножив и ти порасте и стана голема, и дојде време да созрееш. Градите ти се распапија, косата ти порасте, но уште беше гола и разголена.
8Поминав покрај тебе и се загледав во тебе: и ете, твојата возраст - беше добра за љубов! Ги раширив врз тебе своите скутови и ти ја покрив голотата. Ти се заколнав и склучив завет со тебе - зборува Господ Бог - и ти стана Моја.
9Те искапив во вода, ја измив крвта од тебе, и те помазав со масло.
10Те облеков во шарени облеки, на нозете ти обув обувки од убава кожа; те опашав со тенко платно и те покрив со свилена покривка.
11Те украсив со накити: на рацете ти ставив нараквици, околу вратот огрлици;
12ти го украсив носот со прстен, ушите со наушници, а главата ти ја овенчав со најубав венец.
13И така, сета со сребро и злато се украси, во облека од лен, навезена со вез. За храна ти дадов најубаво брашно, мед и масло. Беше толку убава, прекрасна, слична на царица.
14Гласот за твојата убавина се рашири меѓу народите зашто ти беше совршена во Мојот накит што го стави на тебе, зборува Господ Бог.
15Но твојата убавина те занесе, заради својот глас му се предаде на блудството; своето блудство му го нудеше изобилно на секој минувач, негова беше.
16Од своите облеки правеше шарени високи места и врз нив блудствуваше, што не било никогаш, ниту ќе биде.
17Ги зеде и сребрените и златни накити, со кои што те украсив Јас, и од нив си направи машки ликови за да блудствуваш со нив.
18Ги зеде и шарените, везените облеки, за да ги облечеш во нив своите идоли, и ним им ги принесуваше Моето масло и Мојот темјан.
19А лебот што ти го дадов - пченичното брашно, медот и маслото со кои те хранев - ги ставаше пред нив за пријатен мирис. Да, тоа беше така - говори Господ Бог!
20Ги земаше своите синови и ќерки, што Мене Ми ги роди, и им ги колеше ним за храна. Малку ти беше твоето блудствување,
21па и Моите деца ги даваше за да ги поминуваат низ оган во нивна чест!
22Во сите тие гнасности и во своето блудство не си спомна за деновите на твојата младост, кога гола и разголеиа се прпелкаше во твојата крв.
23И врз сите тие зла - Тешко! Тешко! говори Господ Бог -
24си изгради за себе блудилиште насекаде, подигна високи места.
25По сите раскрсници подигна високи места и врз нив ја валкаш со кал својата убавина, му се нудиш на секој минувач, умножувајќи го своето блудствување.
26Се подаде на блудство со синовите на Египет, со силни тела, го умножуваше блудствувањето за да Ме разјариш.
27Затоа еве, раката ја подигнав против тебе, намалувајќи го оброкот храна и предавајќи те на бесот на твоите мразителки на филистејските ќерки, кои се срамат од твоето срамно поведение.
28Блудствуваше и со синовите на Асир и не се насити; и со нив блудствуваше, но не се засити.
29Го умножи своето блудствување и со Ханаанската Земја, но ни тогаш не се задоволи.
30О колку слабо ли беше твоето срце - говори Господ Бог - кога го, правеше она што го прават најразвратните блудници.
31На сите челни патишта си подигна блудилишта, насекаде си изгради високи места. Но не како другите блудници, зашто ја презираше блудничката плата,
32туку како прељубница: место мажот ги примаше странците.
33На сите блудници им се плаќа, а ти самата ги плаќаше своите љубовници, и уште во своето блудство со дарови ги намамуваше за да ти дојдат отсекаде.
34Ти беше блудница какви што нема: никој по тебе не трчаше за да блудствува со тебе, туку самата си давала блудничка плата, а тебе не ти ја плаќаа. Поради тоа со тебе стануваше спротивно.”
35Затоа, развратнице, чуј го Господовото слово:
36Господ Бог зборува вака: „Зашто ја соблекуваше својата срамота и во блудство ја откриваше својата голота пред сите свои љубовници и пред гнасните идоли, и заради крвта на своите синови што им ги принесуваше ним,
37еве, ќе ги соберам сите твои љубовници со кои што се насладуваше, сите кои што ги сакаше и ги мразеше, ќе ги соберам отсекаде против тебе и ќе им ја откријам твојата голота за да ја видат целата твоја срамота.
38Ќе ти судам како што им се суди на прељубниците и на крвниците, и ќе те предадам на нивниот бес.
39Ќе те предадам во нивните раце за да ги разурнат твоите блудилишта за да ги срушат твоите високи места. И ќе ги скинам облеките од тебе, ќе ти го грабнам накитот и ќе те остават гола, сосем разголена.
40А потоа ќе доведат многу луѓе против тебе, за да те каменуваат и за да те исечат со мечеви.
41Ќе ти ги изгорат куќите со оган и пред очите на сите жени ќе ја извршат правдата над тебе. Така ќе го докрајчам твоето блудствување, не ќе даваш веќе блудничка плата.
42Ќе го излеам својот гнев над тебе и ќе ја повлечам Својата ревност од тебе. Ќе се смирам и веќе не ќе се гневам.
43И бидејќи не си спомна за својата младост, туку со сè тоа Ме предизвикуваше ќе ги оборам врз твојата глава сите твои постапки - зборува Господ Бог! Веќе не ќе додаваш бесрамности кон сите свои гнасности.
44Еве, составувачот на пословици ќе ти се потсмее со поговорката ‘Каква мајка таква ќерка.’
45Вистинска си ќерка на својата мајка, која ги остави мажот и децата; сестра си на своите сестри, кои ги оставија своите мажи и децата: мајка ви беше Хетејка, а таткото Амореец:
46Самарија, твојата постара сестра, со своите ќерки ти стои тебе одлево; Содом, твојата помлада сестра, со своите ќерки ти стои оддесно.
47А ти не само што одеше по нивниот пат и ги правеше нивните гнасности - тоа ќе ти беше премалку тебе - туку беше од нив порасипана по своите патишта.
48Животот Ми Мој - зборува Господ Бог - твојата сестра Содом со своите ќерки не направи што направи ти заедно со своите ќерки.
49Еве ги беззаконијата на твојата сестра Содом: горделиво, во изобилство на леб и безгрижно живееја таа и нејзините ќерки, а сиромашните и бедните не ги помагаа.
50Се возгордеаја и правеа гнасности пред Моите очи, и затоа ги сотрев, како што виде!
51А сестра ти Самарија не направи ни половина од твоите гревови, и така ти направи повеќе гадости, отколку тие двете заедно, оправдувајќи ги своите сестри со своите гадости.
52Затоа носи го сега срамот на гревот со кој ги оправда своите сестри; заради гревот со кој се огрди повеќе од нив, тие излегоа поправедни. И така, засрами се, и носи го својот срам со кого ги оправда сестрите.
53Јас ќе ги вратам нивните заробеници, заробениците на Содом и на нејзините ќерки, заробениците на Самарија и на нејзините ќерки; и меѓу нив твоите заробеници,
54за да го носиш својот срам и за да се засрамиш за сè, што си направила, ним за утеха.
55Твојата сестра Содом и нејзините ќерки ќе се вратат во поранешната состојба; твојата сестра Самарија и нејзините ќерки ќе се вратат во поранешната состојба; тогаш и ти и твоите ќерки ќе се вратите во поранешната состојба.
56Зар не се спомнуваше твојата сестра Содом додека ти беше горделива,
57пред да се открие твојата голота? Биди им сега за потсмев на едомските ќерки, на нејзините сосетки и на филистејските ќерки кои ти се потсмеваат од сите страни.
58Ти трпиш заради твојот разврат и заради твоите гадости - говори Господ Бог.
59Зашто вака зборува Господ Бог: „Ќе постапам со тебе онака како што направи ти, кога ја згази заклетвата и го раскина заветот.
60Но Јас пак ќе се спомнам за Мојот Завет што го склучив со тебе во деновите на твојата младост, и ќе воспоставам со тебе вечен сојуз.
61И ти ќе си спомниш за твоите патишта и ќе се засрамиш кога ќе ги примам твоите сестри, постарата и помладата, кои ќе ти ги дадам за ќерки, но не со силата на својот сојуз.
62Ќе склучам со тебе Свој Сојуз, и ќе знаеш дека Јас Сум Господ,
63за да си спомниш и за да се засрамиш и од срам веќе да не ја отвориш устата кога ќе ти простам сè што си направила!” Говори Господ Бог!’”

Селектирано:

Езекиел 16: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност