Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 33

33
Обнова на Заветот
1Господ му рече на Мојсеја: „Оди! Патувај оттука, ти и народот што го изведе од Египетската Земја, во земјата за која им се заколнав на Авраама, Исака и Јакова дека ќе им ја дадам на нивните потомци. 2Ќе испратам ангел пред тебе; ќе ги истерам Ханаанците, Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците. 3Отидете во земјата во која течат млеко и мед. Јас нема да тргнам со вас - зашто сте народ со корав врат - за да не ве истребам патем.“ 4Кога народот ги чу овие остри зборови, почна да тагува. И никој веќе не го стави својот накит врз себе. 5Зашто Господ му рече на Мојсеја: „Кажи им на Израелците: ‘Вие сте народ со корав врат. Кога Јас би идел со вас само еден час, би ве уништил. Затоа симнете го својот накит, а Јас ќе видам што ќе сторам со вас.’“ 6Така од планината Хорив Израелците беа без накит.
Шаторот на средбата надвор од логорот
7Мојсеј го зеде Шаторот и го оптегна надвор од логорот, далеку од логорот. И го нарече Шатор на средбата. Секој кој сакаше да Му се обрати на Господа, излегуваше при Шаторот на средбата, што се наоѓаше надвор од логорот. 8Кога и да тргнеше Мојсеј кон Шаторот, целиот народ стануваше; секој стоеше при влезот во својот шатор и гледаше по Мојсеја додека влезеше во Шаторот. 9А кога Мојсеј ќе влезеше во Шаторот, облачниот столб се спушташе и остануваше на влезот на Шаторот, додека Господ разговараше со Мојсеја. 10Гледајќи го облачниот столб како стои до влезот на Шаторот, целиот народ стануваше и секој се поклонуваше длабоко при вратата на својот шатор. 11Така Господ разговараше со Мојсеја лице во лице, како што човек разговара со пријателот. Потоа Мојсеј се враќаше во логорот, ама неговиот помошник Исус, синот Навинов, младец, не се помрднуваше од Шаторот.
Мојсеева молитва
12Мојсеј се обрна кон Господа: „Гледај, Ти ми рече: ‘Поведи го овој народ,’ ама не ми јави кого ќе испратиш со мене. Уште ми рече: ‘Те знам по име и ти ја уживаш мојата благонаклонетост.’ 13Затоа, ако ја уживам Твојата благонаклонетост, покажи ми ги Своите патишта, за да Те сфатам и за да ја уживам и натаму Твојата благонаклоност. Исто така, помисли дека овие луѓе се Твој народ.“ 14„Јас лично ќе тргнам со тебе - одговори Господ - и ќе ти обезбедам одмор.“ 15„Ако не тргнеш Ти - додаде Мојсеј - и не изведувај нѐ оттука. 16Па како ќе се знае дека ја уживаме Твојата наклоност, јас и Твојот народ? По тоа што идеш со нас. Само со тоа ќе се разликуваме јас и Твојот народ меѓу сите народи што се на лицето на земјата.“
Мојсеј ја гледа Божјата слава
17„И ова што го побара, ќе направам - му одговори Господ на Мојсеја. - Па ти ја уживаш Мојата благонаклоност, зашто те познавам по име.“ 18„Покажи ми ја Својата слава,“ замоли Мојсеј. 19„Ќе дозволам пред тебе да помине сиот Мој болскот - одговори - и пред тебе ќе го изустам Своето име Господ. Ќе бидам милостив кому што сакам да бидам милостив; ќе му се смилувам кому што сакам да му се смилувам. 20А ти - додаде - не можеш да го видиш Моето лице, зашто човек не може да Ме види Мене и да остане жив. 21Еве место тука покрај Мене - продолжи Господ. Застани на карпата! 22Додека поминува Мојата слава, ќе те ставам во пукнатината на карпата и ќе те заштитам со Својата рака додека не поминам. 23Тогаш ќе ја помрднам Својата рака, па ќе Ме видиш од плеќи. Но Моето лице не може да се види.“

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 33: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност