Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез (2 Moj.) 34

34
1Господ му рече на Мојсеја: „Изделкај две камени плочи како и поранешните, па Јас ќе ги напишам на плочите зборовите што беа на првите плочи, кои ги скрши.
2Биди готов до утре. Тогаш, наутро, искачи се на гората Синај, и таму, на врвот на гората, ќе стапиш пред Мене.
3Никој друг нека не се качува со тебе; никој нека не се покаже никаде на гората. Ни овците, ниту говедата нека не пасат во подножјето на гората.”
4Мојсеј изделка две камени плочи како и поранешните; рано наутро стана и се искачи на Синајската Гора, откако ги зеде во рацете двете камени плочи, како што му нареди Господ.
5Господ слезе во облак, а тој застана пред Него и Го повика Името: „Јахве-Господ!”
6Господ помина пред него па се јави: „Јахве! Господ! Бог дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив и вистински,
7искажува милост на илјадници, проштава опакост, грев и престап, но не остава неказнет виновник, туку ја казнува опакоста на татковците врз децата - и на внучињата до третото и четвртото поколение.”
8Мојсеј веднаш падна на земја и се поклони.
9Тогаш рече: „Господи мој! Ако придобив благонаклоност во Твоите очи, тогаш, о Господи, дојди со нас! Иако е народот со корав врат, прости ни ги нашите гревови и нашите опакости и прими нè за Свое наследство!”
10„Добро - одговори - склучувам Завет. Пред сите твои луѓе ќе направам чудеса какви не се збиднуваат ниту во една земја, ниту во еден народ. Целиот народ, кој те опкружува, ќе види што може Господ, зашто она што ќе направам со тебе, ќе биде страшно.”
11”И така, извршувај што ти наложувам денес! Ете, ќе ги протерам пред тебе Аморејците, Ханаанците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците.
12Внимавај да не склучиш завет со жителите на земјата во која одиш; за да не бидат стапица во твојата средина.
13Туку, разурнете ги нивните жртвеници, соборете ги нивните столбови, исечете им ги ашерите!
14Зашто не смееш да се клањаш на друг бог. Па Господ - името Му е Ревнител - Бог е ревнив.
15Не прави завет со жителите на онаа земја, за да не те повикаат тие, кога ќе блудствуваат со своите богови и кога ќе им принесуваат жртви, а ти се согласиш да јадеш од принесената жртва;
16за да не ги земаш нивните девици за жени на своите синови, па тие да не ги поведат по себе и твоите синови, кога ќе блудствуваат со своите богови.”
17„Не прави си леани богови!”
18„Пази го празникот Бесквасни лебови - јадејќи пресен леб седум денови, како што ти наредив - во одреденото време во месецот Авив, зашто во месецот Авив излезе од Египет.
19Секое првороденче на мајчиното крило Ми припаѓа Мене: секое машко, секое првородено на твојот ситен и крупен добиток.
20Првороденото на ослицата откупи го со едно грло од ситниот добиток. Ако не го откупиш, треба да му го свиткаш вратот. А сите првороденци на своите синови откупувај ги. Никој да не стапува пред Мене со празни раце.”
21„Шест дена работи, а на седмиот откажи се од работите, сеедно ако е и во доба на орање или во време на жетва.
22Празнувај го празникот Седмици - на првите плодови на пченичната жетва - и празникот Берба на крајот на годината.
23Трипати годишно сите машки нека се појават пред Господа Јахве, Израелевиот Бог.
24Зашто ќе ги протерам народите пред тебе и ќе ги проширам твоите меѓи, па никој не ќе ја посака твојата земја кога трипати годишно ќе излегуваш да се покажеш пред Господа, твојот Бог.”
25„Од жртвата што ми ја имаш наменето не принесувај крв со ништо потквасено; ниту ја оставај жртвата принесена на Пасха да преноќева до утре.
26Во домот на Господа, својот Бог, донесувај ги најдобрите плодови на својата земја. Не вари го јарето во млекото на неговата мајка.”
27„Запиши ги овие зборови - му рече Господ на Мојсеја - зашто тие се основи врз кои склучив Завет со тебе и со Израел.”
28Мојсеј остана таму со Господа четириесет денови и четириесет ноќи. Ниту јадеше леб ниту пиеше вода. Тогаш ги напиша врз плочите зборовите на Заветот - Десетте заповеди.
29Најпосле Мојсеј слезе од Синајската Гора. Слегувајќи од гората ги носеше во рацете плочите на Сведоштвото. Не знаеше дека од неговото лице, заради разговорот со Господа, блескаше светлина.
30Кога Арон и сите Израелци видоа дека од Мојсеевото лице блеска светлина, не се осмелија да пристапат кон него.
31Тогаш Мојсеј ги повика. Арон и сите старешини на заедницата дојдоа при него. И Мојсеј разговараше со нив.
32Потоа и сите Израелци дојдоа при него, па тој им соопшти сè што му наложи Господ на Синајската Гора.
33Кога Мојсеј го заврши разговорот со нив, спушти превез преку своето лице.
34Кога влегуваше Мојсеј пред Господа, за да разговара со Него, го симнуваше превезот додека не излезеше пак. Кога излегуваше да им каже на Израелците што му е наредено,
35Израелците гледаа како од Мојсеевото лице блеска светлина. Тогаш Мојсеј го навлекуваше пак превезот преку лицето додека не влезеше да говори со Господа.

Селектирано:

Излез (2 Moj.) 34: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност