Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДЕЛА 9:18-43

ДЕЛА 9:18-43 MKB

И веднаш паднаа од неговите очи како лушпи и тој прогледа; стана и беше крстен; и прими храна, и закрепна. Неколку дена Савле помина со учениците, кои беа во Дамаск. И веднаш Го проповедаше Исуса по синагогите, дека е Тој Божји Син. А сите кои го слушаа, се восхитуваа и велеа: „Не е ли овој, кој во Ерусалим ги истреби оние, кои го повикуваа ова Име, и зар не дојде ваму, за да ги поведе врзани пред свештеничките главатари?“ Но Савле беше сѐ посилен и ги збунуваше Јудејците, кои живееја во Дамаск, докажувајќи дека Овој Исус е Месија - Помазаник. И кога минаа многу дни, Јудејците се одлучија да го убијат. Но Павле узна за нивниот заговор. А тие ги чуваа градските врати, дење и ноќе, за да го убијат. Но учениците го зедоа и го спуштија ноќе во кошница преку ѕидот. А кога дојде во Ерусалим, се обидуваше да им се доближи на учениците; но сите се боеја од него, зашто не веруваа дека е ученик. Тогаш Варнава го зеде и го одведе при апостолите и им раскажа како патем Го видел Господа, и дека му зборуваше, и како во Дамаск проповедаше смело во Исусовото Име. И со нив влегуваше во Ерусалим, и излегуваше, проповедајќи смело во Господовото име. Зборуваше и се препираше со елинистите, а тие гледаа да го убијат. А кога браќата го научија тоа, го одведоа во Ќесарија, и оттаму го испратија во Тарс. И така, црквите по цела Јудеја, Галилеја и Самарија беа во мир; се изградуваа и одеа во Господовиот страв и со утехата на Светиот Дух, се намножуваа. А кога Петар ги обиколуваше сите, дојде и при светите, кои живееја во Лида. Таму најде еден човек, по име Енеј, кој лежеше осум години парализиран на постела. И Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува; стани и направи си го леглото!“ И тој стана веднаш. И го видоа сите жители во Лида и во Сарон, и се обрнаа кон Господа. А во Јопија беше една ученичка по име Тавита, што преведено на елински значи Срна. Таа беше полна со добри дела и милостини, што ги правеше. Во оние денови се разболе и умре; ја искапија и ја ставија во горната соба. А бидејќи Лида е близу до Јопија, учениците чуја дека Петар е во Лида и испратија при него два човека со молба: „Не се двоуми да дојдеш до нас!“ А Петар стана и отиде со нив. Кога дојде, го одведоа во собата; и му пристапија сите вдовици плачејќи и покажувајќи му ги туниките и облеките, што ги правеше Срна додека беше со нив. А Петар ги истера сите надвор, клекна на колена и се помоли; и се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ А таа ги отвори очите, и кога го виде Петра седна. А тој ѝ ја подаде раката и ја подигна. Потоа ги повика светите и вдовиците и им ја покажа жива. Тоа се разгласи по сета Јопија и мнозина поверуваа во Господа. Тој пак остана многу денови во Јопија, кај некојси кожар Симон.