Дела 9:18-43 - Compare All Versions
Дела 9:18-43 MNT (Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик)
Од очите на Савле веднаш падна нешто како лушпа и тој повторно прогледа. Потоа стана и беше крстен. Откако се најаде, му се врати силата. Савле остана неколку дена со христијаните во Дамаск. Веднаш почна во синагогите да проповеда дека Исус е Божјиот Син. Сите што го слушаа беа вчудовидени и велеа: „Не ли е овој истиот човек што во Ерусалим ги убиваше следбениците на Исус? Зар не дојде и овде со истата цел: да ги уапси Исусовите следбеници и во пранги да ги одведе кај Првосвештениците?“ Но Савле толку уверливо докажуваше дека Исус е Месијата, што Евреите кои беа во Дамаск беа целосно збунети и не можеа да му се противстават. По долго време, Евреите сковаа заговор да го убијат, но на Савле му беше јавено дека Евреите стражарат покрај градските порти и дење и ноќе, за да го фатат и да го убијат. Затоа христијаните во текот на ноќта го префрлија преку ѕидините, спуштајќи го во кош. Од Дамаск, Савле отпатува за Ерусалим, каде што се обиде да се поврзе со тамошните христијани, но тие се плашеа од него и не веруваа дека и тој навистина станал христијанин. Тогаш Барнаба го доведе кај апостолите и им раскажа како Савле на патот се сретнал со Господ и зборувал со Него, па како во Дамаск смело проповедал за Исус. Тогаш апостолите го прифатија. Савле остана извесно време со нив, движејќи се во Ерусалим и околината, смело проповедајќи за Господ. Се расправаше и со некои елинизирани Евреи, но тие се обидуваа да го убијат. Кога дознаа за ова, христијаните го одведоа во Цезареја, и оттаму го испратија за Тарс. Тогаш низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија, за Црквата настапи период на мир и растеж. Живеејќи со страхопочит спрема Господ и имајќи поткрепа од Светиот Дух, бројот на христијаните постојано се зголемуваше. Посетувајќи ги христијаните, апостол Петар патуваше од место во место. Така пристигна и кај следбениците на Господ што живееја во градот Лида. Таму сретна еден човек по име Енеј, кој осум години лежел парализиран. Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува! Стани и намести си ја постелата!“ И тој веднаш стана! Сите што живееја во Лида и Шарон го видоа ова и се обратија кон Господ. А во градот Јопа имаше една христијанка по име Тавита, што во превод значи ,Срна‘. Таа имаше направено многу добри дела и имаше раздавано многу милостина. Во тоа време се разболе и умре. Ја избањаа и ја положија во една соба на горниот кат. Лида е близу до Јопа и кога христијаните од Јопа разбраа дека Петар е во Лида, испратија двајца луѓе да го викнат веднаш да дојде кај нив. Петар веднаш стана и тргна со нив кон Јопа. Кога пристигнаа, го одведоа во горната соба. Собата беше полна со вдовици кои веднаш се собраа околу Петар и плачејќи му ги покажуваа кошулите и другите облеки што ги изработувала Тавита додека била жива. Петар ги замоли сите да излезат надвор. Потоа клекна на колена, се помоли, се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ Таа ги отвори очите и кога го виде Петар седна. Тој и подаде рака, и и помогна да стане. Потоа ги викна христијаните и вдовиците и им ја покажа жива. Тоа се расчу низ целиот град Јопа, и многумина поверуваа во Господ. А Петар остана подолго време во Јопа. Живееше кај еден човек по име Симон, кој беше кожар.
Дела 9:18-43 MK2006 (Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги))
И одеднаш како лушпи да паднаа од очите негови, и тој прогледа и кога стана, се крсти. А откако прими храна, Савле закрепна. Потоа неколку дена преседе со учениците во Дамаск; и веднаш почна да проповеда во синагогите за Исус дека е Тој Син Божји. И сите што го слушаа, се чудеа и зборуваа: „Не е ли ова оној, кој во Ерусалим ги гонеше оние што го повикуваа тоа Име, та затоа и овде дошол за да ги доведе врзани пред првосвештениците?“ А Савле стануваше сѐ посилен и ги збунуваше Јудејците кои живееја во Дамаск, докажувајќи им дека Овој е Христос. Кога помина многу време, Јудејците се договорија да го убијат. Но Савле дозна за нивниот заговор. Тие, пак, дење и ноќе го чекаа на портата за да го убијат. Затоа учениците го зедоа ноќе и в кошница го спуштија по ѕидот. А кога пристигнаа во Ерусалим, Савле настојуваше да им се придружи на учениците; но сите се плашеа од него, бидејќи не веруваа дека тој навистина е ученик. Варнава, пак, го зеде и го одведе кај апостолите, па им раскажа како Савле по патот Го видел Господа, дека Господ му зборувал, а исто така и дека во Дамаск отворено го проповедал името на Исус. И оттогаш тој остана со нив, влегуваше и излегуваше во Ерусалим, и смело говореше во името на Господ. А зборуваше и се препираше исто така и со елинизираните Јудејци, кои се обидуваа да го убијат. Штом разбраа за тоа браќата, го одведоа во Кесарија, од каде го испратија во Тарс. А црквата по цела Јудеја, Галилеја и Самарија беше во мир, се изградуваше и живееше во страхопочит кон Господ, и растеше со утехата на Светиот Дух. Петар откако ги обиколи сите, слезе и кај светиите што живееја во Лида. Таму, пак, најде еден човек по име Енеј, кој цели осум години лежел на постела, зашто бил неподвижен. И Петар му рече: „Енеј, тебе те исцелува Исус Христос. Стани и направи си ја постелата сам!“ И тој веднаш стана. И го видоа сите што живееја во Лида и во Сарон, и се обратија кон Господ. Во Јопија имаше една ученичка, по име Тавита, што значи срна; таа беше исполнета со милостина и добри дела, што ги правеше. И токму во тоа време таа се разболе и умре. Тогаш ја измија и ја положија во горната одаја. А бидејќи Лида беше близу до Јопија, учениците штом слушнаа дека е Петар таму, веднаш испратија двајца луѓе кај него, молејќи го да дојде до нив што побргу. Петар стана и тргна кај нив. Кога пристигна, го одведоа во горната одаја. И дојдоа кај него сите вдовици, плачејќи и покажувајќи му ги ризите и облеките што ги беше правела Срна додека живееше со нив. Петар, откако ги истера сите надвор, падна на колена, се помоли, па се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ И таа ги отвори очите свои, го погледна Петар и седна. А Петар тогаш ѝ подаде рака и ја подигна. Тогаш ги повика светиите и вдовиците и им ја предаде жива. И ова се разгласи по цела Јопија, и мнозина поверуваа во Господ. А Петар престојуваше долго време во Јопија кај некој си кожар Симон.
Дела 9:18-43 MKB (Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов)
И веднаш паднаа од неговите очи како лушпи и тој прогледа; стана и беше крстен; и прими храна, и закрепна. Неколку дена Савле помина со учениците, кои беа во Дамаск. И веднаш Го проповедаше Исуса по синагогите, дека е Тој Божји Син. А сите кои го слушаа, се восхитуваа и велеа: „Не е ли овој, кој во Ерусалим ги истреби оние, кои го повикуваа ова Име, и зар не дојде ваму, за да ги поведе врзани пред свештеничките главатари?“ Но Савле беше сѐ посилен и ги збунуваше Јудејците, кои живееја во Дамаск, докажувајќи дека Овој Исус е Месија - Помазаник. И кога минаа многу дни, Јудејците се одлучија да го убијат. Но Павле узна за нивниот заговор. А тие ги чуваа градските врати, дење и ноќе, за да го убијат. Но учениците го зедоа и го спуштија ноќе во кошница преку ѕидот. А кога дојде во Ерусалим, се обидуваше да им се доближи на учениците; но сите се боеја од него, зашто не веруваа дека е ученик. Тогаш Варнава го зеде и го одведе при апостолите и им раскажа како патем Го видел Господа, и дека му зборуваше, и како во Дамаск проповедаше смело во Исусовото Име. И со нив влегуваше во Ерусалим, и излегуваше, проповедајќи смело во Господовото име. Зборуваше и се препираше со елинистите, а тие гледаа да го убијат. А кога браќата го научија тоа, го одведоа во Ќесарија, и оттаму го испратија во Тарс. И така, црквите по цела Јудеја, Галилеја и Самарија беа во мир; се изградуваа и одеа во Господовиот страв и со утехата на Светиот Дух, се намножуваа. А кога Петар ги обиколуваше сите, дојде и при светите, кои живееја во Лида. Таму најде еден човек, по име Енеј, кој лежеше осум години парализиран на постела. И Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува; стани и направи си го леглото!“ И тој стана веднаш. И го видоа сите жители во Лида и во Сарон, и се обрнаа кон Господа. А во Јопија беше една ученичка по име Тавита, што преведено на елински значи Срна. Таа беше полна со добри дела и милостини, што ги правеше. Во оние денови се разболе и умре; ја искапија и ја ставија во горната соба. А бидејќи Лида е близу до Јопија, учениците чуја дека Петар е во Лида и испратија при него два човека со молба: „Не се двоуми да дојдеш до нас!“ А Петар стана и отиде со нив. Кога дојде, го одведоа во собата; и му пристапија сите вдовици плачејќи и покажувајќи му ги туниките и облеките, што ги правеше Срна додека беше со нив. А Петар ги истера сите надвор, клекна на колена и се помоли; и се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ А таа ги отвори очите, и кога го виде Петра седна. А тој ѝ ја подаде раката и ја подигна. Потоа ги повика светите и вдовиците и им ја покажа жива. Тоа се разгласи по сета Јопија и мнозина поверуваа во Господа. Тој пак остана многу денови во Јопија, кај некојси кожар Симон.