„Мажи браќа и татковци! Чујте ја мојата одбрана.“ Кога чуја дека им говори на еврејски јазик, се смирија уште повеќе. И рече: “Јас сум Јудеец, роден во Киликиски Тарс, а воспитан во овој град, при Гамалиловите нозе, научен строго според татковскиот закон, ревнувајќи за Бога, како и вие сите денес. Го гонев овој Пат до смрт; и врзував и предавав во темници мажи и жени, како што може да посведочи за мене првосвештеникот, со сите старешини. Од нив примив и писма за браќата во Дамаск, каде одев за да ги дотерам врзани во Ерусалим и оние, кои беа таму, за да бидат казнети.“ “Кога одев и наближив до Дамаск, одеднаш, околу пладне, ме осветли голема светлина од небото. И паднав на земјата и чув глас како ми зборува: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш?’ А јас одговорив: ‘Кој си ти, Господине?’ И ми рече: ‘Јас сум Исус Назареецот, Кого ти Го гониш.’ А оние, кои беа со мене, ја видоа светлината, но не го чуја гласот, кој ми зборуваше. Тогаш реков: ‘Што да правам, Господи?’ А Господ ми рече: ‘Стани и оди во Дамаск и таму ќе ти се каже сѐ што ти е определено да правиш!’ И бидејќи не можев да гледам од блескотот на светлината, моите другари ме поведоа за рака и така дојдовме во Дамаск.“