Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 22:1-11

Дела 22:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

„Браќа и татковци! Ислушајте ја мојата одбрана што сега ќе ја изнесам пред вас.“ Кога слушнаа дека им се обраќа на нивниот, арамејски јазик, уште повеќе стивнаа, а Павле продолжи: „Јас сум Евреин. Роден сум во Тарс, град во покраината Киликија, но пораснав и се школував овде, во Ерусалим. Учител ми беше познатиот Гамалиел. Крај неговите нозе научив строго да се придржувам кон правилата и обичаите на нашите предци. Станав ревносен за Бог, исто како што сте и вие денес. Ги прогонував христијаните до смрт. Ги врзував и ги носев в затвор, без разлика дали беа мажи или жени. Ова можат да го потврдат Првосвештеникот и сите старешини. Од нив добив писма за нашите браќа Евреи во Дамаск, со кои ме овластија да одам во Дамаск и да ги апсам тамошните христијани, а потоа, оковани во пранги да ги доведам во Ерусалим за да бидат казнети. Додека се приближував до Дамаск, некаде околу пладне, околу мене ненадејно блесна силна светлина од небото. Паднав наземи ничкум и чув глас како ми се обраќа: ,Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш!?‘ ,Кој сте Вие, Господине?‘ - прашав јас. ,Јас сум Исус од Назарет - Оној што Го прогонуваш!‘ И оние што беа со мене ја виделе светлината, но гласот што ми проговори не го чуле. Тогаш реков: ,Кажи ми што да правам, Господе?‘ ,Стани, оди во Дамаск и таму ќе ти биде кажано се што треба да правиш!‘ - ми одговори Господ. Потоа оние што беа со мене ме водеа до Дамаск, зашто јас бев заслепен од силната светлина и воопшто не можев да гледам.

Дела 22:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„Мажи браќа и татковци! Пос­лушајте ја сега мојата одбрана пред вас.“ А кога слушнаа дека им зборува на еврејски јазик, уште повеќе замолкнаа. Тогаш тој рече: „Јас сум Јудеец, родум од Тарс Киликиски, но воспитан во овој град кај нозете Гамалиилови, поучен точно спо­ред Законот на татковците и ревнител за Бога, како што сте и вие сите денес. До смрт ги гонев јас приврзаниците на тоа учење, врзувајќи и предавајќи во затвор и мажи и жени. За тоа може да посведочи прво­свеш­теникот и целото старешинство. Од нив примав и писма за браќата и одев во Да­маск, да ги доведам во Ерусалим и оние кои беа таму врзани, за да бидат каз­не­ти. Но, кога бев на пат и наближив кон Дамаск, околу пладне, одеднаш од не­бо­то ме осветли силна светлина. Јас паднав наземи и слушнав глас, кој ми зборуваше: ‚Савле, Савле, зошто Ме гониш?‘ Јас, пак, одговорив: ‚Кој си ти, Гос­поди?‘ А Тој ми рече: ‚Јас сум Исус од Назарет, Кого ти Го гониш.‘ Оние, кои беа со мене, ја видоа свет­лината и се уплашија; но гласот на Оној, Кој ми зборуваше, не го слушнаа. Тогаш реков: ‚Што да правам, Гос­поди?‘, А Господ ми рече: ‚Стани и оди во Дамаск, и таму ќе ти биде речено сѐ, што ти е одредено да правиш.‘ И бидејќи од болскотот на таа свет­лина не можев да гледам, ме поведоа за рака оние, кои беа со мене, и така ме одведоа во Дамаск.

Дела 22:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Мажи браќа и татковци! Чујте ја мојата одбрана.“ Кога чуја дека им говори на еврејски јазик, се смирија уште повеќе. И рече: “Јас сум Јудеец, роден во Киликиски Тарс, а воспитан во овој град, при Гамалиловите нозе, научен строго според татковскиот закон, ревнувајќи за Бога, како и вие сите денес. Го гонев овој Пат до смрт; и врзував и предавав во темници мажи и жени, како што може да посведочи за мене првосвештеникот, со сите старешини. Од нив примив и писма за браќата во Дамаск, каде одев за да ги дотерам врзани во Ерусалим и оние, кои беа таму, за да бидат казнети.“ “Кога одев и наближив до Дамаск, одеднаш, околу пладне, ме осветли голема светлина од небото. И паднав на земјата и чув глас како ми зборува: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш?’ А јас одговорив: ‘Кој си ти, Господине?’ И ми рече: ‘Јас сум Исус Назареецот, Кого ти Го гониш.’ А оние, кои беа со мене, ја видоа светлината, но не го чуја гласот, кој ми зборуваше. Тогаш реков: ‘Што да правам, Господи?’ А Господ ми рече: ‘Стани и оди во Дамаск и таму ќе ти се каже сѐ што ти е определено да правиш!’ И бидејќи не можев да гледам од блескотот на светлината, моите другари ме поведоа за рака и така дојдовме во Дамаск.“