2 САМОИЛ 6:12-19
2 САМОИЛ 6:12-19 MKB
Кога му соопштија на царот дека Господ го благослови Овид-Едомовото семејство и сиот негов имот заради Божјиот Ковчег, Давид отиде и го пренесе Божјиот Ковчег од Овид-Едомовата куќа горе во Давидовиот Град со голема веселба. Туку што носачите на Божјиот Ковчег пречекорија шест чекори, Давид жртвува вол и згоен овен. Давид играше со сета сила пред Господа, а беше наметнат само со ленен наплеќник. Така Давид и сиот Израелев дом го носеа горе Господовиот Ковчег, воскликнувајќи со трубни звуци. А кога Господовиот Ковчег влегуваше во Давидовиот Град, Сауловата ќерка Михала, гледаше низ прозорецот и го виде царот Давид како скока и игра пред Господа, и таа го презре во своето срце. Тогаш го внесоа Господовиот Ковчег и го поставија сред шаторот што му го беше оптегнал Давид. Тогаш Давид принесе пред Господа паленици и помирителни жртви. Откако ги принесе палениците и помирителните приноси, Давид го благослови народот со името на Господа на Силите. Потоа им подели меѓу сиот народ, меѓу сето Израелево мноштво, на мажите и на жените, секому по еден леб, по едно парче месо и колач од суво грозје. Потоа сиот народ се разотиде, секој во својата куќа.

