Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 6:12-19 - Compare All Versions

2 Самоилова 6:12-19 MK2006 (Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги))

Му јавија на цар Давид и му рекоа: „Господ го благослови домот на Аведар и сѐ што е во него, поради Божјиот ковчег“; Давид отиде и свечено го пренесе Божјиот ковчег од куќата на Аведар во Давидовиот град. И штотуку оние што го носеа ков­чегот Господов, изминаа шест чекори, тој принесе жртва едно јунче и еден овен. Давид играше со сета сила пред Господ, а беше облечен со ленен ефод. Така Давид и целиот Израелов дом го носеа ковчегот Господов со извици и звуци од труба. Кога ковчегот Господов влегуваше во Давидовиот град, Михала, Сауловата ќерка, гледаше од прозо­рецот нејзин и, откако го виде царот Давид како скока и игра пред Господ, го презре во срцето свое. Го донесоа ковчегот Господов и го поставија на местото негово среде скинијата, која Давид ја беше направил за него: и Давид принесе сепаленици пред Господ и жртви за помирување. Кога Давид заврши со принесувањето сепаленици и жртви за помирување, тој го благослови народот во името на Господ Саваот; и му раздаде на сиот народ, на целото множество Израелци, и на мажи и на жени, на секого по еден леб, по парче печено месо и по еден колач од суво грозје. Потоа сиот народ се разотиде, секој во куќата своја.

2 Самоилова 6:12-19 MKB (Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов)

Кога му соопштија на царот дека Господ го благослови Овид-Едомовото семејство и сиот негов имот заради Божјиот Ковчег, Давид отиде и го пренесе Божјиот Ковчег од Овид-Едомовата куќа горе во Давидовиот Град со голема веселба. Туку што носачите на Божјиот Ковчег пречекорија шест чекори, Давид жртвува вол и згоен овен. Давид играше со сета сила пред Господа, а беше наметнат само со ленен наплеќник. Така Давид и сиот Израелев дом го носеа горе Господовиот Ковчег, воскликнувајќи со трубни звуци. А кога Господовиот Ковчег влегуваше во Давидовиот Град, Сауловата ќерка Михала, гледаше низ прозорецот и го виде царот Давид како скока и игра пред Господа, и таа го презре во своето срце. Тогаш го внесоа Господовиот Ковчег и го поставија сред шаторот што му го беше оптегнал Давид. Тогаш Давид принесе пред Господа паленици и помирителни жртви. Откако ги принесе палениците и помирителните приноси, Давид го благослови народот со името на Господа на Силите. Потоа им подели меѓу сиот народ, меѓу сето Израелево мноштво, на мажите и на жените, секому по еден леб, по едно парче месо и колач од суво грозје. Потоа сиот народ се разотиде, секој во својата куќа.