Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Летописи 21

21
1Тогаш Сатаната стана против Израел и го поттикна Давида да го изброи Израел.
2Царот им рече на Јоава и на народните кнезови: „Одете, пребројте ги Израелците од Вирсавеа па до Дан и кажете ми колку се на број.”
3Јоав рече: „Господ нека му даде на Својот народ уште стопати оволку колку што е сега! Не се ли, мој господару цару, сите тие слуги на мојот господар? Зошто го бара тоа мојот господар? Зошто да биде вината на Израел?”
4Но царскиот збор беше посилен од Јоавовиот. Така Јоав отиде и почна да го обиколува сиот Израел, а тогаш, најпосле, се врати во Ерусалим.
5Јоав му го даде на Давида списокот на преброениот народ; а имаше во целиот Израел единаесет пати по сто илјади кои мавтаа со меч, а во Јуда четири стотини и седумдесет илјади мажи кои мавтаа со меч.
6Тој не ги преброи меѓу нив племињата на Леви и на Венијамин, зашто царската заповед му беше одвратна.
7Тоа беше гнасно и во Божјите очи, па Бог го удри Израел.
8Давид Му рече на Бога: „Многу згрешив зашто го направив тоа. Но прости му ја вината на Својот слуга, зашто работев мошне безумно!”
9Господ му рече на Давидовиот гледач Гад:
10„Оди и кажи му на Давида: ‘Господ вели вака: „Три работи ставам пред тебе, избери си едно од тоа за да ти сторам!”‘“
11Откако дојде кај Давида, Гад му рече: „Господ вели вака: ‘Избери си за себе
12или глад за три години, или ти да бегаш три месеци пред непријателите, и да те стига мечот на твоите непријатели, или три дни Господовиот меч и морот да бидат на земјата, и Господовиот ангел да убива по сите израелски краишта.’ Сега размисли и гледај што да му одговорам на Оној што ме испрати!”
13Давид му рече на Гада: „На голема мака сум! Ах, нека паднам во Господовите раце, зашто е големо Неговото милосрдие, а да не паднам во човечки раце!”
14Така Господ испрати помор на Израел, та изумреа седумдесет илјади Израелци.
15Бог испрати ангел против Ерусалим за да го истребува; а кога почна да го истребува, Господ погледна и Му се сожали заради злото, па Му рече на ангелот погубувач: „Доста е сега, спушти ја раката!” Господовиот ангел стоеше покрај гумното на Евусеецот Орнан.
16Давид, откако ги подигна очите, го виде Господовиот ангел како стои меѓу земјата и небото држејќи во раката извлечен меч, што го имаше кренато на Ерусалим, и тој падна ничкум со старешините облечени во вреќиште.
17Давид Му рече на Бога: „Не заповедав ли јас да се преброи народот? И така, јас сум оној кој згреши и кој направи големо зло, а што сторија тие овци? Господи, Боже мој, нека Твојата рака дојде на мене и на мојот татков дом, а не на тој народ за да го погубиш!”
18Тогаш Господовиот ангел му рече на Гад да му каже на Давида, за да излезе и да Му подигне жртвеник на Господа на гумното на Евусеецот Орнан.
19Давид отиде според словото што му го кажа Гад во Господово Име.
20А Орнан, откако се сврте, го забележа ангелот, а неговите четири синови се сокрија. Орнан вршеше пченица.
21Тогаш Давид дојде до Орнана, а тој, откако погледна и го забележа Давида, дојде од гумното и му се поклони на Давида со лицето до земјата.
22Тогаш Давид му рече на Орнан: „Дај ми го тоа гумно за да Му изградам жртвеник на Господа; дај ми го за полна цена, за да прекрати морот во народот!”
23Орнан му одговори на Давида: „Мојот господар царот нека го земе и нека прави што е добро во неговите очи; еве ти давам говеда за паленици, вршечките орудија за дрва, и пченица за принос; ти го подарувам сè тоа.”
24Царот Давид му рече на Орнана: „Не, туку сакам да купам од тебе и да платам, зашто не сакам да Му принесувам на Господа што е твое, да принесувам паленици што ми се подарени.”
25И Давид му даде на Орнана за тоа место шест стотини златни шекели на мера.
26Тогаш Му изгради жртвеник на Господа таму и принесе паленици и помирителни жртви; а кога Го повика Господа, Тој го послуша спуштајќи оган од небото на жртвеникот за паленици.
27Господ му нареди на ангелот да го врати мечот во ножницата.
28Во она време, откако виде дека Господ го послуша на гумното на Евусеецот Орнан, Давид почна да принесува жртви таму.
29Господовото Престојувалиште, што го направи Мојсеј во пустината, и жртвеникот за паленици, беше во тоа време на возвишението во Гаваон.
30Давид не можеше да оди таму да Го бара Бога, зашто го опфати страв од мечот на Господовиот ангел.

Селектирано:

1 Летописи 21: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност