Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Послание Јеремиино 1

1
1Препис од посланието, кое Јеремија им го испрати на оние, што требаше да бидат одведени во ропство во Вавилон, од вавилонскиот цар, за да ги извести што му било заповедано од Бога.
2Поради гревовите, со кои згрешивте пред Бога, ќе бидете одведени во ропство во Вавилон од вавилонскиот цар Навуходоносор.
3Кога ќе стигнете во Вавилон, таму ќе останете многу години, долго време – дури до седум поколенија, а потоа Јас ќе ве извадам оттаму со мир.
4Сега ќе видите во Вавилон богови сребрени, златни и дрвени, кои се носат на рамењата, кои им задаваат страв на незнабошците.
5Пазете се, и вие да не бидете слични на туѓите народи, па стравот пред тие богови да ве опфати и вас. Кога ќе видите народот да се поклонува пред нив и зад нив, кажете си во својот ум: »Тебе, Господи, треба да Ти се поклонуваме!«
6Зашто Мојот Ангел е со вас; тој е заштитник на вашите души.
7Јазикот на тие богови е изделкан од уметник, а од други се опковани со злато и сребро; но тие се лажни и не можат да говорат.
8И како за девојка, што сака украси, незнабошците земаат злато и сребро и прават круни за главите на своите богови.
9А се случува и тоа – жреците да го крадат златото и среброто од своите богови и да го употребуваат за себеси;
10од него одделуваат и за блудниците под нивниот покрив; ги украсуваат тие златни, сребрени и дрвени богови како луѓе, со облека.
11Но, тие не можат да се одбранат од 'рѓа и молец, макар и во пурпур да се облечени.
12Во храмовите им го бришат лицето од прав, што многу паѓа врз нив.
13Еден од нив држи и скиптар како човек, како судија на тој крај, но тој не може да го убие виновникот пред него.
14Во десната рака има меч и секира, но не може да се одбрани од војници и разбојници. По тоа се познава, дека не се богови; затоа не плашете се од нив.
15Зашто, како скршениот сад станува неупотреблив за човекот, така е и со нивните богови.
16Кога ги ставаат во домовите, очите им се полнат со прашина, што се крева од нозете на оние што влегуваат.
17И како што се затвораат вратите од живеалиштето на оној, кој згрешил против царот, кога го водат на смрт, така и нивните идолски светилишта ги пазат жреците со врати и клучеви, за да не ги украдат разбојници.
18Жреците нивни свеќници им палат, повеќе отколку за себеси, а тие ниеден од нив не можат да видат.
19Тие се како греда в куќи: срцата нивни одвнатре, велат, црвја им ги јадат, и нив и нивната облека ги изедуваат, а тие ништо не чувствуваат.
20Лицата им се црни од кадењето во храмот.
21На нивното тело и на главата долетуваат лилјаци, ластовици и други птици, а по нив и мечки газат.
22По тоа ќе познаете дека тие не се богови; затоа и не плашете се од нив.
23Ако некој не ја очисти нечистотијата од златото со кое се опковани за украс, тие нема да светат; а кога ги лиеле, тие тоа не го чувствувале.
24За висока цена се купени, а во нив дух нема.
25Бидејќи се без нозе, на рамења ги носат, со што ја покажуваат својата ништожност пред луѓето; ги срамат и оние, кои им служат;
26ако паднат на земја, тие сами не можат да станат, и ако некој ги исправи, не можат да се движат и, ако некој ги наведне – не можат да се исправат; па и дарови – како на мртовци им принесуваат.
27Жреците ги продаваат нивните жртви и злоупотреби прават со нив; а и жените нивни поседуваат дел од нив, но ништо не одделуваат ни за болен ни за сиромав.
28До жртвите се допираат жени нечисти и родилки. И така, по ова разберете, дека тие не се богови; не плашете се од нив.
29Та, како богови да ги наречеме? – на тие сребрени, златни и дрвени богови – жени жртви им принесуваат.
30Во нивните идолски храмови жреците седат во искината облека, со избричени глави и бради и со непокриени глави.
31Тие пискаат и извикуваат пред своите богови, како некои на помен за умрени.
32Некои од нивните облеки жреците ги земаат, со нив жените и децата свои ги облекуваат.
33Ако некој им направи добро или зло, тие не можат да вратат; не можат да го постават цар, ниту можат да го сменат.
34Не можат да дадат ни богатство, ни некоја ситна пара; ако некој им вети завет, а не им го даде, – тие не можат да го присилат тоа да го даде.
35Не можат човека од смрт да спасат, ниту можат послаб од посилен да ослободат;
36на слеп вид нема да му вратат, на човек во неволја не можат да му помогнат;
37кон вдовица сочувство нема да покажат, на сирак добро не ќе му направат.
38Тие дрвени и опковани со сребро богови се како горски камења, а ќе се посрамат оние што им служат.
39Па како може да се рече и да се помисли дека се тие богови?
40А и самите Халдејци не ги почитуваат; кога ќе видат нем, кој не може да говори, тие го водат при Ваала и му се молат тој да проговори, како Ваал да може да чувствува.
41А и кога ќе го забележат тоа, не можат да ги остават; зашто се безумни.
42Жените седат по улиците, препашани со јажиња од трска, и палат кадило со лушпи од маслинки.
43И кога некоја од нив привлечена од некој минувач, и преспие со него, таа ја прекорува својата другарка, што не се удостоила со истото како таа, и што и нејзината преврска не ѝ е скината.
44Сѐ што се прави кај тие богови – сѐ е лага. Па како може да се мисли и да се говори дека се тие богови?
45Тие се направени од уметници и од златари; тие не се ништо друго, освен она што сакале мајсторите да го направат.
46Па оние, што ги прават, и тие не се долговечни.
47Та како може творбите нивни да бидат богови? Тие им оставаат зад себе лага и срам на своите потомци.
48Ако се случи војна или некоја неволја, жреците меѓу себе се советуваат каде да се кријат заедно со нив.
49Па како тогаш да не се разбере, дека не се богови кога и самите не можат да се спасуваат ни од војна ни од неволја?
50Бидејќи се дрвени, обложени со злато и сребро, може јасно да се види дека се лага; на сите народи и цареви ќе им биде очигледно, дека тие не се богови, туку дека се дело на човечки раце и дека во нив нема никакво божјо дејство.
51Та кој по сево ова нема да разбере оти тие не се богови?
52Тие не можат да постават цар во некоја земја, ниту можат на луѓето дожд да им дадат;
53не можат да размислуваат, ниту можат навреден да заштитат – затоа што и самите се немоќни,
54како чавки што се наоѓаат меѓу небото и земјата, Ако се запали храмот на боговите, кои се дрвени или опковани со злато и сребро, тогаш нивните жреци бегаат и се спасуваат, а тие таму ќе изгорат како греди.
55Тие не можат да му се спротивставуваат ни на цар ниту на непријатели. Тогаш како може да се помисли и да се поверува дека се тие богови?
56Тие богови дрвени, опковани со сребро и злато, не можат да се одбранат ни од крадци ниту од разбојници;
57бидејќи се посилни од нив, тие им го земаат златото, среброто и облеката, што се на нив, и си одат со она што го ограбиле, а тие не можат сами да се одбранат.
58Затоа е подобро да се биде цар, кој ја докажува својата храброст или во куќата некој корисен сад, со кој сопственикот се користи, отколку што се лажните богови; подобра е вратата на куќата, која го пази она што е во неа, отколку што се лажните богови; подобар е и дрвениот столб во царската палата од овие лажни богови.
59Сонцето, месечината и ѕвездите, бидејќи светат, се испраќаат за потреба – секогаш се многу послушни.
60И секавицата секогаш, кога се јавува, јасно се гледа; така и ветрот – на сите страни дува.
61И облаците, кога Бог им заповеда да поминат низ целата земја, ја извршуваат Неговата заповед.
62И огнот, кој одозгора се праќа – да уништи гори и шуми, го извршува она што му е заповедано; а тие не им се слични ни по вид ни по сила.
63Па како може да се помисли и да се рече, дека се тие богови, кога немаат сила ни суд да судат, ниту можат на луѓето некое добро да им направат?
64И така, кога знаете, дека не се богови, не плашете се од нив.
65Тие не можат да ги проколнуваат царевите, ниту можат да ги благословуваат;
66знаци нема да покажат ни на небото ниту пред народите; тие не греат како сонцето, ниту светат како месечината.
67Ѕверовите се подобри од нив; тие можат да избегаат во своето засолниште и да се спасат.
68И така, од ништо не можеме да видиме, дека се тие богови; затоа не плашете се од нив.
69Како што плашилото в градина од ништо не пази, такви се и нивните опковани со злато и сребро богови.
70Тие се како даб в градина, врз кој слетуваат секакви птици, и како труп, фрлен во темнина, такви се нивните богови, дрвени, позлатени и посребрени.
71По пурпурната и скерлетна облека, која на нив гние, можете да разберете, дека не се богови, та најпосле и тие самите ќе бидат изедени и ќе бидат срам на земјата.
72И така, подобар е праведен човек, кој нема идоли; тој е далеку од ваков срам.

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност