Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јов 2

2
Сатаната пак го обвинува Јова пред Господа. Него го напаѓа болест и жената го навредува; го посетуваат тројца пријатели.
1Еден ден дојдоа синовите Божји да застанат пред Господа; меѓу нив дојде и сатаната да застане пред Господа.
2И му рече Господ на сатаната: »Од каде дојде?« Му одговори сатаната на Господа и рече: »Одев по земјата и ја обиколив.«
3Тогаш му рече Господ на сатаната: »Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема таков како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото, и уште цврсто се држи во својата непорочност, иако ти Ме поттикнуваше, да го погубам без вина.«
4Му одговори сатаната на Господа и рече: »Кожа за кожа, а за животот свој човек ќе даде и сѐ што има;
5но ајде пружи рака и допри се до коските негови и плотта негова, – ќе Те благословува ли и тогаш?«
6И му рече Господ на сатаната: »Ете, тој е во твоја рака; само душата не земај му ја.«
7Си отиде сатаната од лицето Господово и го порази Јова со лута рана – од стапалките на нозете негови до самото теме негово.
8И си зеде Јов тогаш цреп за да се чеша со него, и седеше на буништето надвор од градот.
9И му рече неговата жена: »Зар си уште цврст во добротата своја. Навреди Го Бога и умри!«
10Но тој ѝ рече: »Говориш како безумна. Зар доброто го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?« – Во сето тоа Јов не згреши со устата своја.
11Слушнаат тројцата пријатели Јовови за сите тие зла што го беа снашле, па тргнаа секој од своето место: Елифаз од Темна и Вилдад од Сува и Софар од Нам; се состанаа, за да одат да тагуваат заедно со него и да го утешуваат.
12И кога кренаа очите од далеку, тие не го познаа; па викаа со силен глас, та заплакаа; секој ја раскина својата горна облека и се посипаа со земја врз главите свои.
13И седеа со него на земјата седум дена и седум ноќи: никој ни збор не му проговори, бидејќи гледаа оти страдањето му беше многу големо.

Селектирано:

Јов 2: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност