Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Осија 13

13
Спасение од смртта. Уништување на гревот.
1Кога Ефрем зборуваше, сите трепереа. Тој беше издигнат во Израилот; но беше згрешил со Ваала, а затоа загина.
2А сега го умножуваат гревот: направија идоли излеани од сребро, онака како што сами ги разбираа – уметничка работа – па им велат на луѓето да принесуваат жртви и да ги целиваат телињата.
3Поради тоа тие ќе бидат како утрена магла, како роса, што брзо исчезнува, како плева што ветар ја однесува од гумното, како дим од димник.
4Но Јас сум Господ, твојот Бог. Од земјата Египетска – и ти не треба да имаш друг Бог освен Мене, нема Спасител освен Мене.
5Јас те познав во пустињата, во засушената земја.
6Па, имајќи пасишта, тие беа сити; а кога се заситуваа, срцето им се возгордуваше, и поради тоа Мене Ме забораваа.
7И Јас ќе бидам како лав за нив, како лавче што демне покрај пат.
8Ќе напаѓам врз нив како мечка, чии мечиња се грабнати: ќе им ги истргнувам срцата нивни и ќе ги изедам таму како лавица, полските ѕверови ќе ги раскинуваат.
9Ти пропаѓаш, Израиле, зашто само во Мене е твојата потпора.
10Каде ти е сега царот? Каде се твоите судии, за кои велеше: »дај ни цар и началници!«
11Јас ти дадов цар во гневот Свој, но ти го одзедов во јароста Своја.
12Врзано е беззаконието на Ефрема, останат е гревот негов.
13Родилни маки ќе претрпи; тој е неразбран син, инаку не би останал во положба на тукушто родено дете.
14Од власта на пеколот ќе ги откупам, од смртта ќе ги избавам. Смрт – каде ти е силата? Каде ти е тебе, пеколу, победата? За тоа нема да се покажам.
15Иако е Ефрем плоден меѓу браќата, но ќе дојде источен ветар, ќе се крене ветрот Господен од пустињата, и ќе го пресуши изворот негов, тој ќе го однесе богатството од сите сокровишта.

Селектирано:

Осија 13: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност