Дела 7
7
Проповедта на првиот маченик Стефан. Занесот и смртта.
1Тогаш првосвештеникот рече: »Така ли е тоа?«
2А тој одговори: »Луѓе, браќа и оци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраама, кога беше во Месопотамија, уште пред да се пресели во Харан,
3и му рече: ‚Излези од твојата земја, од твојот род и од домот на татка ти, па дојди во земјата, што ќе ти ја покажам.‘
4Тогаш тој излезе од земјата Халдејска и се насели во Харан, а оттаму, по смртта на неговиот татко, Бог го пресели во оваа земја, каде што живеете вие сега.
5И во неа не му даде наследство ни стапка, но вети дека ќе му ја даде на потомството негово и нему во држење, додека уште немаше пород.
6И му рече Бог вака: ‚Потомците твои ќе бидат придојдени во туѓа земја, и ќе бидат поробени и мачени четиристотини години.
7Но Јас ќе му судам на оној народ, под чие ропство ќе бидат; а потоа тие ќе излезат, и ќе Ми служат на ова место.‘
8И му го даде Заветот за обрезание во осмиот ден. Потоа тој го роди Исака и го обреза; а Исак го роди Јакова, Јаков, пак, дванаесетте патријарси.
9Патријарсите му завидоа на Јосифа и го продадоа во Египет; но Бог беше со него,
10и го избави од сите негови маки и го дарува со благодат и мудрост пред Фараонот, египетскиот цар, кој го постави и за началник над Египет и над целиот свој дом.
11Тогаш настана глад и голема мака по целата земја Египетска и Хананска, и нашите татковци не наоѓаа храна.
12А Јаков, кога чу дека во Египет има пченица, ги прати најнапред татковците наши.
13И кога отидоа по вторпат, Јосиф му се откри на брата си, и Јосифовиот род му стана познат и на Фараонот.
14Тогаш Јосиф прати, та го повика татка си Јакова и сиот свој род – седумдесет и пет души.
15И Јаков слезе во Египет, и умре таму тој и татковците наши;
16и ги пренесоа во Сихем, и ги положија во гробот, што го беше купил Авраам со сребро од Емора во Сихем.
17И кога се приближи времето на ветувањето, за кое Бог му се заколна на Авраама, израснаа луѓето и се намножија,
18додека во Египет дојде друг цар, кој не го познаваше Јосифа.
19Тој лукаво постапи со нашиот народ, ги мачеше татковците наши, присилувајќи ги децата свои да ги фрлаат за да не останат живи.
20Во тоа време се роди и Мојсеј, кој Му беше на Бога мил. Три месеци беше хранет во куќата на својот татко.
21А кога беше фрлен, него го прибра фараоновата ќерка и го одгледа како свој син.
22И ја научи Мојсеј целата мудрост египетска и беше силен во зборови и во дела.
23А кога навршуваше четириесет години, нему му дојде на ум да ги посети браќата свои, синовите Израилеви.
24И кога виде, дека еден од нив го навредуваа, го заштити; одмаздувајќи се за навредениот го уби Египтјанинот.
25Тој мислеше дека браќата негови ќе го разберат, оти Бог со неговата рака ќе им даде спасение, но тие не разбраа.
26А на другиот ден, кога некои од нив се биеја, тој дојде кај нив и ги советуваше да се смират, велејќи: ‚Луѓе, вие сте браќа; зошто се навредувате помеѓу себе?‘
27Но оној, што го навредуваше својот ближен, го одби од себеси и му рече: ‚Кој те поставил началник и судија над нас?
28Или, пак, и мене сакаш да ме убиеш, како што вчера го уби Египтјанинот?‘
29Од тие зборови Мојсеј побегна и стана придојден во земјата Мадијамска, каде што му се родија два сина.
30И кога се навршија четириесет години, во пустината на планината Синајска му се јави ангел Господов во огнен пламен во една капина.
31Мојсеј, кога виде, се зачуди на тоа видение; и кога се приближи да разбере, пристигна до него гласот Господов:
32‚Јас сум Бог на татковците твои, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов.‘ Мојсеј се стресе и не смееше да погледа.
33А Господ му рече: ‚Собуј си ги обувките од нозете, зашто местото на кое стоиш е света земја!
34Јас ги видов добро маките на Својот народ што е во Египет, и ја чув неговата издишка; па слегнав да го избавам; а сега пријди да те испратам во Египет!‘
35Тој, Мојсеј, кого го беа одбиле, велејќи: ‚Кој те поставил за началник и судија‘, него Бог преку ангелот, кој му се јави во капината, го прати за началник и избавител.
36Тој ги изведе, откако правеше чудеса и знаци во земјата Египетска и во Црвеното Море и во пустината во тек на четириесет години.
37Тоа е оној Мојсеј што беше им рекол на синовите Израилеви: ‚Господ, Бог ваш, меѓу браќата ваши ќе ви издигне Пророк како мене; Него послушајте Го.‘
38Тоа е оној што во црквата во пустината на планината Синајска беше со ангелот, кој му зборуваше, и со татковците наши; оној што прими живи зборови нам да ни ги предаде,
39и кому нашите татковци не сакаа да му се покорат, туку го отфрлија со срцата свои и се обрнаа кон Египет,
40откако му рекоа на Арона: ‚Направи ни богови што ќе врват пред нас; зашто не знаеме што му стана на оној Мојсеј, кој нѐ изведе од Египетската земја.‘
41И во оние дни направија теле, и му принесоа жртви на идолот и се веселеа пред делото на своите раце.
42А Бог се одврати од нив и ги остави да му служат на воинството небесно, како што е напишано во Книгата на пророците: ‚Доме Израилев, Ми принесовте ли вие заколенија и жртви во текот на четириесетте години во пустината?
43Вие ја примивте скинијата на Молоха и ѕвездата на вашиот бог Ремфана, образи што ги направивте вие, за да им се клањате: и Јас ќе ве преселам потаму од Вавилон.‘
44Скинијата на сведоштвото на нашите татковци им беше во пустината, како што беше заповедал Оној, Кој му зборуваше на Мојсеја да ја направи според образецот, што го беше видел.
45Неа татковците наши ја примија и со Исуса Навина ја внесоа во земјата на незнабошците, што Бог ги отфрлаше од лицето на татковците наши; а тоа стануваше сѐ до деновите на Давида,
46кој најде милост пред Бога, посака да Му најде живеалиште на Бога Јаковов.
47А Соломон Му изгради дом.
48Но Севишниот не живее во ракотворни храмови, како што вели пророкот:
49‚Небото е Мојот престол, а земјата подножје на нозете Мои. Каков дом ќе ми направите, вели Господ, или кое место е за Мојата почивка?
50Не го направи ли сето тоа Мојата рака?‘
51Тврдоглави и необрезани по срцето и ушите! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух – како татковците ваши, така и вие.
52Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? Тие ги убија оние, што го предвестија доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци станавте сега и вие,
53вие, што го примивте Законот преку ангелите, а не го одржавте.«
54Кога го слушаа ова, срцата им се кинеа од јад и со забите крцкаа против него.
55А Стефан, исполнет со Дух Свети, кога погледна кон небото, ја виде славата Божја и Исуса како стои од десната страна на Бога,
56и рече: »Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога.«
57Но, тие, откако извикаа со висок глас, ги затворија ушите свои и еднодушно се нафрлија на него.
58И, кога го изведоа надвор од градот, почнаа на него да фрлаат камења: а сведоците ги оставија алиштата свои пред нозете на едно момче, по име Савле;
59и фрлаа камења врз Стефана, кој се молеше и велеше: »Господи Исусе, прими го духот мој!«
60А штом падна на колена, извика со висок глас: »Господи, не примај им го ова за грев!« И како го рече тоа, тој почина.
Селектирано:
Дела 7: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016