Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 8

8
Савле ги гони христијаните. Филип проповеда во Самарија. Симон маѓесникот. Обраќањето на царичиниот благајник од Етиопија.
1Савле, пак, го одобруваше убиството негово. Во тој ден стана големо гонење против Црквата во Ерусалим, и сите, освен апостолите, се распрснаа по краиштата на Јудеја и Самарија.
2А Стефана го погребаа побожни луѓе и многу го оплакуваа.
3Савле, меѓутоа, ѝ пакостеше на Црквата, оти одеше по куќите и извлекуваше луѓе и жени, па ги предаваше во затвор.
4Оние, пак, што се беа распрснале, одеа проповедајќи го словото.
5А Филип слезе во еден самариски град и таму им благовестеше за Христа.
6Народот еднодушно внимаваше на тоа, што зборуваше Филип, слушајќи и гледајќи ги чудата што ги вршеше тој;
7оти со голем вик излегуваа нечисти духови од оние, во кои се наоѓаа, и мнозина фатени и хроми оздравуваа.
8И голема радост се јави во тој град.
9А во градот имаше еден човек по име Симон, кој пред тоа правеше магии и со тоа го доведуваше во чудо народот на Самарија, велејќи за себе дека е тој голем човек.
10Него го слушаа сите, и мало и големо, и велеа: »Тој е голема сила Божја.«
11А го слушаа затоа, оти доста време ги беше восхитувал со своите магии.
12Но кога му поверуваа на Филипа, кој го проповедаше Евангелието за царството Божјо и за името на Исуса Христа, се крштаваа мажи и жени.
13Тогаш поверува и самиот Симон, и, откако се крсти, остана при Филипа; и, гледајќи дела големи и чудеса што се вршеа, се восхитуваше.
14Кога чуја апостолите, што беа во Ерусалим, дека Самарија го примила словото Божјо, ги пратија кај нив Петра и Јована,
15кои, штом слегоа, се помолија за нив за да Го примат Духот Свети.
16Оти уште ниту на еден од нив не беше слегол Он, а само беа крстени во името на Господа Исуса.
17Тогаш полагаа над нив раце и тие Го примаа Духот Свети.
18А Симон, кога чу дека Духот Свети се дава со полагање раце од апостолите, им донесе пари,
19и им рече: »Дајте ми ја и мене таа власт, та над кого ќе ги положам рацете, да Го прими Духот Свети!«
20Но Петар му рече: »Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто помисли дека дарот Божји се добива за пари.
21Ти немаш дел ниту учест во тој дар, бидејќи срцето твое не е право пред Бога.
22Туку покај се за оваа зла мисла и помоли Му се на Бога за да ти се прости помислата на срцето твое – ако е можно;
23бидејќи те гледам исполнет со горчлива жолчка и во окови од неправда.«
24А Симон одговори: »Помолете Му се за мене на Господа вие, та да не ме постигне ништо од она што рековте.«
25И така, откако посведочија и зборуваа за словото Господово, тргнаа кон Ерусалим, проповедајќи го Евангелието во многу села самариски.
26А на Филипа му рече ангел Господов: »Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст.«
27Тој стана и отиде; и ете, еден Етиопјанин, кастриран, властелин на Кандакија, етиопската царица, чувар на сите нејзини ризници, кој дошол во Ерусалим да Му се помоли на Бога,
28а сега се враќаше и, седејќи в кола, го читаше пророкот Исаија.
29Духот, пак, му рече на Филипа: »Приближи се и застани до колата!«
30Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророк Исаија, му рече: »Го разбираш ли тоа, што го читаш?«
31Овој одговори: »Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?« Па го замоли Филипа да се качи и да седне до него.
32А местото од Писмото, што го читаше, беше ова: »Како овца на клање беше одведен, и како што јагнето стои безгласно пред својот стригач, така и Он уста Своја не отвори.
33Во неговото понизување Он беше лишен од праведен суд. А родот Негов кој ќе го објасни? Оти животот Негов се одзема од земјата.«
34Тогаш Етиопјанинот проговори и му рече на Филипа: »Те молам, за кого ова зборува пророкот, за себе или за некој друг?«
35А Филип, откако ја отвори устата своја, почна да му објаснува од тоа Писмо и да му благовести за Исуса.
36И одејќи така патем, тие стигнаа до една вода; и Етиопјанинот рече: »Еве вода! Што ми пречи да се крстам?«
37А Филип му рече: »Ако веруваш од сѐ срце – можеш.« Тој одговори и рече: »Верувам дека Исус Христос е Син Божји.«
38И заповеда колата да запре, па слегнаа во водата обајцата, и Филип и Етиопјанинот, и го крсти.
39А кога излегоа од водата, Духот Свети слегна над Етиопјанинот, а Филипа го грабна ангел Господов. И Етиопјанинот не го виде веќе, па радосно го продолжи својот пат.
40Филип се најде во Азот, од каде што тргна, проповедајќи го Евангелието по сите градови, додека не стигна во Ќесарија.

Селектирано:

Дела 8: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се