Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 21

21
Павле патува од Милит во Ерусалим. Во храмот е фатен и е одведен во римскиот логор.
1А кога одвај се одделивме од нив и отпловивме, стигнавме право во Кос, а на вториот ден во Родос, и оттаму во Патара;
2и како најдовме кораб, кој заминуваше за Финикија, се качивме и отпловивме.
3Откако го наѕревме Кипар и го оставивме одлево, пловевме кон Сирија и слегнавме во Тир, зашто таму требаше коработ да се растовари.
4И кога ги најдовме учениците, таму останавме седум дена. Тие, поттикнати од Духот, му велеа на Павла да не се качува во Ерусалим.
5А кога ги поминавме тие денови, излеговме и тргнавме, а сите нѐ испраќаа со жените и децата дури надвор од градот; на брегот, пак, паднавме на колена и се помоливме.
6И штом се простивме еден со друг, влеговме во коработ, а тие се вратија дома.
7А ние отидовме од Тир, стигнавме во Птолемаида, ги поздравивме браќата и при нив останавме еден ден.
8На вториот ден Павле и ние, кои бевме со него, излеговме и дојдовме во Ќесарија и, откако влеговме во куќата на Филипа благовесникот, кој беше еден од седуммината ѓакони, останавме при него.
9Тој имаше четири ќерки девојки, кои пророкуваа.
10И додека ние престојувавме кај нив многу дни, од Јудеја слезе еден пророк, по име Агав;
11и кога дојде при нас, го зеде Павловиот појас, па ги врза рацете свои и нозете и рече: »Тоа го вели Духот Свети; така ќе го врзат Јудејците во Ерусалим оној маж, чиј е овој појас, и ќе го предадат во рацете на незнабошците.«
12Штом го чувме тоа, и ние и тамошните го молевме да не се качува во Ерусалим.
13Но Павле одговори: »Што правите, та плачете и го нажалувате срцето мое? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господа Исуса.«
14А бидејќи тој не се двоумеше, ние замолкнавме и рековме: »Нека биде волјата Господова!«
15По тие дни се приготвивме и се искачивме во Ерусалим.
16Со нас дојдоа и некои ученици од Ќесарија, кои нѐ одведоа при некој си Мнасон, од Кипар, одамнешен ученик, при кого ќе гостуваме.
17Кога пристигнавме во Ерусалим, браќата нѐ примија со радост.
18На вториот ден Павле влезе со нас при Јакова; дојдоа и сите старешини.
19И откако ги поздрави, Павле им раскажа сѐ по ред што направил Бог меѓу незнабошците преку неговата служба.
20А тие, кога чуја, Го славеа Бога; и му рекоа: »Гледаш, брате, колку десетици илјади Јудејци поверуваа, и сите тие се ревносни на Законот.
21А за тебе многу им е зборувано дека ги учиш сите Јудејци, кои се меѓу незнабошците, да отстапуваат од Мојсеја, велејќи им да не ги обрезуваат чедата свои, ниту да постапуваат по обичаите.
22И така, што да се прави? Бездруго ќе дојде многу народ, зашто ќе чујат дека си дошол.
23Направи, пак, што ти велиме: при нас има четворица мажи, кои се ветени.
24Земи ги, очисти се со нив и плати им да си ги истрижат главите, и сите да разберат дека она што го чуле за тебе, не е ништо, туку дека и ти сам живееш според Законот и го пазиш.
25А за незнабошците што поверуваа ние пишавме, откако решивме, да не пазат ништо такво, туку само да се воздржуваат од идолски жртви, од крв, од удавено и од блудство.«
26Тогаш Павле ги зеде тие луѓе, и, откако се очисти со нив, на вториот ден влезе во храмот и го објави денот, во кој се навршуваат деновите на очистувањето и во кој ќе се принесе жртва за секого од нив.
27А кога требаше да се свршат седумте дена, азиските Јудејци, штом го видоа во храмот, го побунија целиот народ и кладоа раце на него,
28викајќи: »Луѓе Израилци, помогнете! Овој човек насекаде учи против народот, против Законот, против ова место; а освен тоа уште и Елини воведе во храмот, та го оскверни ова свето место.«
29Оти пред тоа во градот го беа виделе него со ефесеецот Трофим и мислеа дека Павле го вовел во храмот.
30Целиот град се раздвижи, и народот се насобра. И кога го фатија Павла, го извлекоа надвор од храмот; и веднаш вратата беше затворена.
31И кога сакаа да го убијат, пристигна вест до заповедникот на полкот дека цел Ерусалим се побунил.
32А тој веднаш зеде војници и офицери и се спушти спрема нив; тие, кога го видоа заповедникот и војниците, престанаа да го бијат Павла;
33тогаш заповедникот се приближи, го фати и заповеда да го врзат со двојни вериги, па праша: кој е тој и што направил?
34Од народот едни викаа едно, други – друго. А тој, не можејќи да ја узнае вистината поради крескањето, заповеда да го одведат во тврдината.
35А кога стигнаа до скалите, војниците требаше да го носат, поради насилието од народот;
36бидејќи многу народ врвеше по нив и викаше: »Премавни го!«
37Кога сакаа да го воведат во тврдината, Павле му рече на трибунот: »Можам ли да ти кажам нешто?« А тој рече: »Знаеш ли грчки?
38Не си ли ти оној Египтјанин, кој пред неколку дни побуни и изведе во пустина четири илјади мажи разбојници?«
39А Павле одговори: »Јас сум Јудеец од Тарс, граѓанин на тој не непознат град; те молам, позволи да му прозборувам на народот.«
40А кога тоа му се допушти, Павле застана на стапалата, му мавна со рака на народот, и, откако настана длабока тишина, почна да зборува на еврејски и рече:

Селектирано:

Дела 21: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се