Дела 20
20
Павле патува во Македонија и Грција, а потоа пак во Мала Азија. Му го враќа животот на Евтих. Павловата разделба со старешините на црквата во Ефес.
1Кога стивна вревата, Павле ги повика учениците и, откако им даде упатства, се прости со нив и излезе за да тргне кон Македонија.
2А кога ги мина оние места и им даде многу упатства на верните, тој пристигна во Елада;
3таму престоја три месеци. И бидејќи Јудејците направија заговор против него, кога сакаше да отплови за Сирија, тој реши да се врати преку Македонија.
4До Азија го придружуваше Сосипатр Пиров, беранец, а од солуњаните Аристарх и Секунд, Гај од Дервија и Тимотеј, и азијците Тихик и Трофим.
5Тие отидоа порано и нѐ чекаа во Троада.
6А ние отпловивме од Филипи по дните на Бесквасници и за пет дена пристигнавме во Троада при нив, каде што поминавме осум дена.
7И во првиот ден на седмицата, кога се беа собрале учениците за да прекршат леб, Павле, бидејќи на другиот ден сакаше да тргне, беседеше со нив и го продолжи словото до полноќ.
8Во горната одаја, каде што се бевме собрале, имаше доста свеќи.
9А едно момче, по име Евтих, седеше на еден прозорец, и, совладано од длабок сон, додека Павле зборуваше многу, се помрдна во сонот и падна од третиот кат, и го подигнаа мртво.
10Павле, пак, штом слезе, се спушти врз него, го прегрна и рече: »Не правете смут, зашто душата негова уште е во него!«
11А потоа, откако се качи горе, прекрши леб, вкуси и зборуваше долго, дури до зори, а потоа отпатува.
12Тогаш го доведоа момчето живо и не малку се утешија.
13Ние отидовме порано со кораб и отпловивме во Асос, каде што сакавме да го земеме Павла, бидејќи тој намераваше да оди сам пешки, така ни беше порачал.
14И кога се сретна со нас во Асос, го зедовме и дојдовме во Митилина.
15А кога отпловивме оттаму, на вториот ден застанавме спроти Хиос, а следниот ден стигнавме во Самос, и, откако престојавме во Трогилија, на вториот ден дојдовме во Милит.
16Во оние дни Павле реши да помине покрај Ефес, та да не се задржи многу во Азија, зашто брзаше, ако му биде можно во Ерусалим да се најде за денот на Педесетница.
17Но од Милит прати во Ефес покани до свештениците црковни.
18И кога дојдоа при него, тој им рече: »Вие знаете дека од првиот ден, кога стапив во Азија, постојано бев со вас,
19служејќи Му на Господа со голема смиреност и многу солзи и меѓу искушенија, што ми идеа од лошите замисли на Јудејците;
20дека не пропуштив ништо полезно да не ви кажам и да не ве поучам пред народот и по куќите,
21проповедајќи им и на Јудејците и на Елините покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус Христос.
22И ете, сега, сврзан со Духот, одам во Ерусалим, не знаејќи што ќе ми стане таму,
23освен она, кое Духот Свети го посведочи по сите градови, велејќи дека ме чекаат окови и маки.
24Но јас не се грижам за ништо, ниту, пак, ми е мил животот, стига само со радост да ги завршам патот и службата, што ја примив од Господа Исуса, да го проповедам Евангелието на Божјата благодат.
25И сега, ете, јас знам дека нема веќе да го видите лицето мое сите вие, меѓу кои одев и го проповедав царството Божјо.
26Затоа во денешниов ден ви сведочам дека сум чист од крвта на сите,
27бидејќи не пропуштив да ви ја соопштам целокупната волја Божја.
28Пазете, пак, на себе и на целото стадо, меѓу кое Духот Свети ве постави за епископи, за да ја пасете црквата на Господа и Бога, која ја придоби Он со Својата крв.
29Бидејќи знам дека по моето заминување ќе се втурнат помеѓу вас лути волци, кои нема да го штедат стадото;
30а и од вас самите ќе станат луѓе, што ќе зборуваат изопачено, за да ги одвратуваат учениците заедно со себеси.
31Затоа бидете будни и помнете, дека цели три години дење и ноќе не престанував со солзи да поучувам секого од вас.
32А сега, браќа, ве предавам на Бога и на словото на Неговата благодат; Он може да ве унапреди подобро и да ви даде наследство меѓу сите осветени.
33Од никого не побарав ни сребро, ни злато, ниту, пак, облека;
34сами знаете, дека за потребите мои и на оние што беа со мене, ми послужија овие мои раце.
35Со сѐ ви покажав, дека така треба да се трудите и да им помагате на немоќните, а исто така и да ги помните зборовите на Господа Исуса, зашто Сам Он рече: ‚Поблажено е да се дава, отколку да се зема‘.«
36Кога го рече тоа, падна на колена и се помоли заедно со нив.
37Тогаш сите плачеа многу и, гушкајќи го Павла околу вратот, го целиваа,
38нажалени најмногу од зборот што рече дека нема веќе да го видат лицето негово. И го испратија до коработ.
Селектирано:
Дела 20: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016