Возљубениот: Дојдов во градината своја, сестричке, невесто, ја обрав смирната моја и мирисите мои, ги јадев медените питки со мојот мед, го пиев виното со моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситете се, мили мои!
Возљубената: Спијам, но срцето мое е будно; ете го гласот на мојот возљубен, кој чука: Отвори ми сестро, мила моја, гулабице моја, совршена моја, зашто главата моја е целата со роса покриена, и косата моја – со ноќна влага. Го соблеков хитонот свој, пак ли да го облекувам? Сум ги измила нозете свои, како да ги валкам? Мојот возљубен ја протегна раката низ отворот, и срцето мое затрепери од него. Станав да му отворам на мојот возљубен; од рацете ми капеше смирна, од прстите мои пријатен мирис на смирна врз дршката од клучалката. Му отворив на мојот возљубен, а мојот возљубен си беше отишол. Душата ми премре, додека тој говореше; го барав, но не го најдов; го викав, но не ми се јавуваше. Ме сретнаа стражарите, што го обиколуваа градот, ме натепаа, ме изнаранија; ми го симнаа превезот оние, што ги чуваа ѕидиштата. Ве заколнувам, ќерки ерусалимски! Ако го сретнете мојот возљубен, кажете му дека изнемоштувам од љубов. Хорот: Со што е твојот возљубен подобар од другите возљубени, о, најубава меѓу жените? Во што твојот возљубен е подобар од другите, па така нѐ заколнуваш?