Песна над песните 5:1-9
Песна над песните 5:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Возљубениот: Дојдов во градината своја, сестричке, невесто, ја обрав смирната моја и мирисите мои, ги јадев медените питки со мојот мед, го пиев виното со моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситете се, мили мои! Возљубената: Спијам, но срцето мое е будно; ете го гласот на мојот возљубен, кој чука: Отвори ми сестро, мила моја, гулабице моја, совршена моја, зашто главата моја е целата со роса покриена, и косата моја – со ноќна влага. Го соблеков хитонот свој, пак ли да го облекувам? Сум ги измила нозете свои, како да ги валкам? Мојот возљубен ја протегна раката низ отворот, и срцето мое затрепери од него. Станав да му отворам на мојот возљубен; од рацете ми капеше смирна, од прстите мои пријатен мирис на смирна врз дршката од клучалката. Му отворив на мојот возљубен, а мојот возљубен си беше отишол. Душата ми премре, додека тој говореше; го барав, но не го најдов; го викав, но не ми се јавуваше. Ме сретнаа стражарите, што го обиколуваа градот, ме натепаа, ме изнаранија; ми го симнаа превезот оние, што ги чуваа ѕидиштата. Ве заколнувам, ќерки ерусалимски! Ако го сретнете мојот возљубен, кажете му дека изнемоштувам од љубов. Хорот: Со што е твојот возљубен подобар од другите возљубени, о, најубава меѓу жените? Во што твојот возљубен е подобар од другите, па така нѐ заколнуваш?
Песна над песните 5:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Дојдов во мојата градина, сестро моја, невесто, ги берам мојата смирна и моите мириси, ги јадам мојот мед и моите саќи, ги пијам моето вино и моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситувајте се, возљубени мои! Јас спијам, но моето срце бдее. Одненадеж глас! Мојот возљубен ми потчукнува: „Отвори ми, сестро моја, возљубена моја; гулабице моја, совршена моја; зашто главата ми е полна со роса, а косата со ноќна влага.“ „Ја соблеков мојата облека, како да ја облечам? Ги измив нозете, како да ги извалкам пак?“ Мојот возљубен ја провна раката низ отворот и сета моја внатрешност се возбуди од него. Станав, за да му отворам на мојот возљубен, а од мојата рака капеше смирна и потече низ прстите на рачката на клучалката. Му отворив на мојот возљубен, а тој веќе се беше оддалечил и исчезнал; останав без здив кога замина. Го барав, но не го најдов, го викав, но не се одѕва. Ме сретнаа стражарите, кои го обиколуваат градот; ме биеја, ме ранија; и ми ја зедоа наметката чуварите на ѕидовите. Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, ако го сретнете мојот возљубен, што ќе му речете? Дека јас изнемоштувам од љубов. „Во што е твојот возљубен подобар од другите, о, најлична меѓу жените? Во што е твојот возљубен подобар од другите, па нѐ заколнуваш така?“