Затоа, возљубени мои, како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го своето спасение, зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја. Правете сѐ без мрморење и двоумење, за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји, сред изопачено и развратно поколение, во кое светите како светила во светот, држејќи се за словото на животот, за моја гордост во денот Христов, дека не трчав напразно и не се трудев напразно. Но, иако се излевам како жртва леаница и за служба на вашата вера, се радувам сам и се радувам со сите вас. Така исто радувајте се и вие и зарадувајте ме!
А се надевам во Господ Исус дека наскоро кај вас ќе го пратам Тимотеј, та и јас, откако ќе разберам како сте, да се утешам со духот. Всушност, немам ниту еден истомисленик, кој толку искрено би се грижел за вас. Зашто сите си го бараат своето, а не она на Исус Христос; а неговата опитност е позната; тој, како син на татко, слугуваше заедно со мене при благовестувањето. Него, пак, се надевам дека ќе го испратам веднаш, штом ќе дознаам што ќе стане со мене; а се надевам во Господ дека и сам скоро ќе дојдам кај вас. Сметам дека е потребно кај вас да го испратам братот Епафродит, мој сотрудник и соборец во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои, бидејќи тој копнееше да ве види сите вас и многу жалеше што сте чуле дека бил болен. Зашто тој боледуваше дури до умирање; но Бог го помилува, и не само него, туку и мене, за да не ми се натовари една жалост врз друга. Поради тоа го испратив поскоро, та, штом ќе го видите пак, да се израдувате, а јас да бидам помалку нажален. Примете го, пак, во Господ со секаква радост, и такви почитувајте, бидејќи за Христовото дело тој беше скоро на умирање, не жалејќи го својот живот за да го дополни недостигот на вашата служба кон мене.