Филипјаните 2:12-30
Филипјаните 2:12-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Затоа, драги мои, како што бевте послушни додека бев кај вас, уште поважно е да останете послушни и сега, кога сум отсутен. Продолжете да работите, со длабока страхопочит, за да се заокружи вашето спасение, зашто Бог дејствува во вас, за да ве направи желни и способни да го работите она што Тој го сака. Се што ќе правите, правете без да негодувате или да се расправате, за да бидете беспрекорни и чисти. Меѓу овие расипани, изопачени луѓе вие треба да бидете совршени Божји деца, да светите меѓу нив како што ѕвездите светат на небото, држејќи се цврсто до Пораката што носи живот. Така, кога Христос ќе се врати, јас ќе се гордеам со вас, зашто ќе биде јасно дека моите напори и мојата работа не биле залудни. Вашата вера во Господ и вашето служење се жртва што Му се принесува на Бог. Можеби мојата крв ќе треба да се излее како принос врз таа жртва. Ако биде така, јас ќе бидам среќен и ќе се радувам со сите вас. Така и вие треба да бидете среќни и да се радувате со мене. Ако Му е тоа по волја на Господ Исус, се надевам дека набрзо ќе можам да го пратам кај вас Тимотеј, та кога ќе се врати да ме израдува со вести за вас, зашто немам друг истомисленик што толку искрено се грижи за вас. Сите други работат за своја корист, а не за делото на Исус Христос. Но, тој се има докажано како карактерен човек. Се сеќавате како работевме заедно на ширењето на Радосната вест: како татко и син. Се надевам дека ќе можам да го испратам веднаш штом дознаам каква судбина ми се подготвува, а се надевам дека Господ ќе ми овозможи наскоро и јас да дојдам кај вас. Во меѓувреме, сметав дека е потребно да ви го пратам нашиот брат Епафродит, со кој заедно работевме и се боревме, откако вие ми го испративте да ми помага во разни потреби. Тој одвај чека да ве види, копнее да се врати дома, зашто му падна тешко што сте разбрале дека беше болен. Навистина беше смртно болен, но Бог му се смилува. И не само нему, туку и мене ми се смилува, за да не ми дојде тага врз тага. Брзам да го испратам, за да го видите и да му се нарадувате, па и јас да не бидам толку загрижен за вас. Затоа, пречекајте го со радост, како брат во Господ. Таквите како него треба многу да ги цените, зашто работејќи за Христос, тој животот си го доведе во опасност и речиси умре, за да ми помогне и да ми го надомести тоа што вие не можевте да го направите за мене, бидејќи сте далеку.
Филипјаните 2:12-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Затоа, возљубени мои, како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го своето спасение, зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја. Правете сѐ без мрморење и двоумење, за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји, сред изопачено и развратно поколение, во кое светите како светила во светот, држејќи се за словото на животот, за моја гордост во денот Христов, дека не трчав напразно и не се трудев напразно. Но, иако се излевам како жртва леаница и за служба на вашата вера, се радувам сам и се радувам со сите вас. Така исто радувајте се и вие и зарадувајте ме! А се надевам во Господ Исус дека наскоро кај вас ќе го пратам Тимотеј, та и јас, откако ќе разберам како сте, да се утешам со духот. Всушност, немам ниту еден истомисленик, кој толку искрено би се грижел за вас. Зашто сите си го бараат своето, а не она на Исус Христос; а неговата опитност е позната; тој, како син на татко, слугуваше заедно со мене при благовестувањето. Него, пак, се надевам дека ќе го испратам веднаш, штом ќе дознаам што ќе стане со мене; а се надевам во Господ дека и сам скоро ќе дојдам кај вас. Сметам дека е потребно кај вас да го испратам братот Епафродит, мој сотрудник и соборец во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои, бидејќи тој копнееше да ве види сите вас и многу жалеше што сте чуле дека бил болен. Зашто тој боледуваше дури до умирање; но Бог го помилува, и не само него, туку и мене, за да не ми се натовари една жалост врз друга. Поради тоа го испратив поскоро, та, штом ќе го видите пак, да се израдувате, а јас да бидам помалку нажален. Примете го, пак, во Господ со секаква радост, и такви почитувајте, бидејќи за Христовото дело тој беше скоро на умирање, не жалејќи го својот живот за да го дополни недостигот на вашата служба кон мене.
Филипјаните 2:12-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Затоа, возљубени мои, како што секогаш бевте послушни, не само кога сум при вас, туку уште повеќе сега, кога не сум при вас, изработувајте го своето спасение со страв и трепет. Зашто Бог е Оној, Кој дејствува во вас да сакате и да постапувате, според Неговата волја. Правете сѐ без ропот и двоумење, за да бидете беспрекорни и чисти, непорочни Божји чеда, среде опак и расипан род, меѓу кој светите како светила во светот, држејќи го цврсто словото на животот, за да имам со што да се фалам во Христовиот Ден, дека не трчав напразно и дека не се трудев напразно. Но, ако се и излевам како налевница врз жртвата и службата на вашата вера, се радувам и се радувам со сите вас. А исто така радувајте се и вие и радувајте се со мене. Се надевам во Господа Исуса дека ќе ви го испратам скоро Тимотеј, та и јас да се утешам кога ќе научам како сте вие. Зашто немам никого, кој е со иста душа како него, кој толку искрено ќе се грижи за вас, зашто сите други го бараат своето, а не она што е на Христа Исуса. Вие ја знаете неговата докажана верност, дека - како дете на таткото - со мене служеше во ширењето на Евангелието. Така, се надевам дека ќе го испратам него, веднаш штом ќе разберам што ќе стане со мене. А се надевам во Господа дека и јас самиот скоро ќе дојдам. Сметав пак за потребно да ви го испратам Епафродит, својот брат и соработник и соборец - а ваш пратеник, кој ѝ служи на мојата потреба; зашто копнееше по сите вас и беше нажален зашто сте чуле дека бил болен. Навистина беше болен близу до смртта, но Бог му се смилува, и не само нему, туку и мене, за да не ми дојде жал врз жал. Затоа го испратив поскоро, да се зарадувате пак кога ќе го видите, и јас да бидам помалку нажален. И така, примете го во Господа со секаква радост и почитувајте ги таквите, зашто заради Христовото дело се најде близу до смртта, излагајќи го својот живот на опасност, за да го надомести, тоа што вие не можевте да ми услужите.