Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Броеви 9:1-14

Броеви 9:1-14 MK2006

И му рече Господ на Мојсеј во Синајската Пустина во првиот месец од втората година, откако беа излегле од египетската земја, велејќи: „Нека направат синовите израелски Пасха во определеното за неа време: на четиринаесеттиот ден од тој месец вечерта направете ја во определеното време за неа; според сите прописи пропишани и со сите обреди пропишани за неа направете ја!“ И им рече Мојсеј на синовите израелски да направат Пасха. И направија Пасха во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот вечерта, во Синајската Пустина: како што му заповеда Господ на Мојсеј, така и постапија во сѐ синовите на Израел. А имаше луѓе, кои беа нечисти од допир до мртви човечки тела, па не можеа да направат Пасха во оној ден; и дојдоа тие луѓе во оној ден кај Мојсеј и Арон, и му рекоа на Мојсеј: „Ние сме нечисти од допир до мртви човечки тела; зошто не ни дозволуваат и ние да му принесеме принос на Господ во определеното време меѓу синовите израелски?“ И им рече Мојсеј: „Почекајте да чујам, како ќе заповеда Господ за вас.“ И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Кажи им на синовите на Израел: ако некој од вас или од потомците ваши биде нечист поради допир до мртво тело, или биде на долг пат, и тој нека направи Пасха Господова. Таквите нека ја направат во четиринаесеттиот ден од вториот месец ве­черта и нека ја јадат со бесквасен леб и со горчливи тревки; и да не оставаат од неа за утреш­ниот ден и коските нејзини да не се кр­шат; нека ја направат според сите прописи за Пасха. А оној што е чист, а не бил на пат и не направи Пасха, – да се истреби таа душа од народот свој, зашто тој не Му принесол дар на Господ во определеното време: грев ќе прими врз себе тој човек. Ако при вас живее придојден и тој треба да направи Пасха Господова; според наредбата за Пасха и според обредот за неа тој треба да ја направи; еден закон нека постои за вас – и за придојден, и за тукашен.“