Броеви 9:1-14
Броеви 9:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И му рече Господ на Мојсеј во Синајската Пустина во првиот месец од втората година, откако беа излегле од египетската земја, велејќи: „Нека направат синовите израелски Пасха во определеното за неа време: на четиринаесеттиот ден од тој месец вечерта направете ја во определеното време за неа; според сите прописи пропишани и со сите обреди пропишани за неа направете ја!“ И им рече Мојсеј на синовите израелски да направат Пасха. И направија Пасха во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот вечерта, во Синајската Пустина: како што му заповеда Господ на Мојсеј, така и постапија во сѐ синовите на Израел. А имаше луѓе, кои беа нечисти од допир до мртви човечки тела, па не можеа да направат Пасха во оној ден; и дојдоа тие луѓе во оној ден кај Мојсеј и Арон, и му рекоа на Мојсеј: „Ние сме нечисти од допир до мртви човечки тела; зошто не ни дозволуваат и ние да му принесеме принос на Господ во определеното време меѓу синовите израелски?“ И им рече Мојсеј: „Почекајте да чујам, како ќе заповеда Господ за вас.“ И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Кажи им на синовите на Израел: ако некој од вас или од потомците ваши биде нечист поради допир до мртво тело, или биде на долг пат, и тој нека направи Пасха Господова. Таквите нека ја направат во четиринаесеттиот ден од вториот месец вечерта и нека ја јадат со бесквасен леб и со горчливи тревки; и да не оставаат од неа за утрешниот ден и коските нејзини да не се кршат; нека ја направат според сите прописи за Пасха. А оној што е чист, а не бил на пат и не направи Пасха, – да се истреби таа душа од народот свој, зашто тој не Му принесол дар на Господ во определеното време: грев ќе прими врз себе тој човек. Ако при вас живее придојден и тој треба да направи Пасха Господова; според наредбата за Пасха и според обредот за неа тој треба да ја направи; еден закон нека постои за вас – и за придојден, и за тукашен.“
Броеви 9:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во првиот месец на втората година по излезот од Египетската Земја, Господ му рече на Мојсеја во Синајската Пустина: „Израелевите синови нека ја подготвуваат Пасхата во времето определено за неа. Празнувајте ја во нејзиното време, во примрак, на четиринаесеттиот ден на овој месец; славете ја според сите нејзини прописи и наредби.“ А Мојсеј им рече на Израелците да ја подготвуваат Пасхата. И тие ја подготвуваа во Синајската Пустина, во примрак, во првиот месец, на четиринаесеттиот ден на месецот. Како што Господ му нареди на Мојсеја, Израелевите синови така и направија. А имаше луѓе онечистени од мртовец, тие не можеа да ја подготвуваат Пасхата во оној ден. И дојдоа пред Мојсеја и Арона во истиот ден па рекоа: „Станавме нечисти од мртовец; сепак, зошто да бидеме лишени од тоа да Му принесеме принос на Господа во одреденото време среде Израелевите синови?“ Мојсеј им рече: „Стрпете се, да чујам што ќе одреди Господ за вас.“ И Господ му рече на Мојсеја: „Кажи им на Израелевите синови вака: ‘Кога некој од среде вас или од меѓу вашите потомци стане нечист од мртовец или ако е на далечен пат, сепак нека Му ја подготвуваат Пасхата на Господа. Нека ја спремат во примрак на четиринаесеттиот ден на вториот месец. Нека ја јадат со бесквасни лебови и со горчливи треви; нека не оставаат од неа за наутро; нека не кршат ниту една коска на неа. Нека ја подготвуваат според прописите за Пасха. Оној кој е чист, а не е на пат, па сепак пропуштил да ја подготви Пасхата, нека биде откорнат од својот народ. Бидејќи не Му принесе на Господа жртва во одреденото време, таквиот нека го носи својот грев. Ако со вас живее странец и ако Му принесува Пасха на Господа, нека ја принесува според нејзините прописи и обреди. Нека биде едно правило за вас: и за странецот и за домородецот.’“