Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 6:45-56

Марко 6:45-56 MK2006

И веднаш ги натера учениците Свои да влезат во кораб и да отидат по­рано од Него на другата страна кон Витсаида, дури Тој не го распушти на­ро­дот. А Тој, одделувајќи се од нив, отиде во гората за да се помоли. Приквечер коработ беше сред мо­рето, а Тој сам на копното. И ги виде како се мачат при пло­ве­њето, зашто ветрот им беше спротивен; а околу четвртата ноќна стража се приближи до нив и, одејќи по морето, сакаше само да помине покрај нив. А тие, кога го видоа како оди по морето, помислија дека е тоа привидение, и почнаа да викаат; зашто сите Го видоа и се уплашија. Тој веднаш почна да говори со нив и им рече: „Не плашете се! Јас сум, не бојте се!“ И влезе кај нив во коработ и ветрот стивна. А тие многу се уплашија и се чудеа во себе. Зашто не се вразумија (од чудото) со лебовите, бидејќи срцето им беше скаменето. И кога преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска и се задржаа таму. А штом излегоа од коработ, веднаш Го познаа. Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на носилки да носат болни таму, каде што слушаа дека Тој се наоѓа. И каде да влегуваше: во села, во градови или населби – на крстопатите полагаа болни и Го молеа да се допрат барем до полата од облеката Негова. И сите што се допираа до Него, оздравуваа.