И се собраа апостолите кај Исус, па Го известија за сѐ што направиле и поучувале. А Тој им рече: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.“ Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат. И отидоа со кораб сами во осамено место. И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови тргнаа таму; и ги испреварија (и се собраа околу Него). А Исус, кога излезе, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу. И бидејќи веќе времето поизмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: „Овде е местово пусто, а и доцна е; распушти ги за да отидат по околните села и колиби и да си купат леб, зашто нема што да јадат.“ Тој им одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Да појдеме и да купиме за двесте денарии леб, па да им дадеме да јадат?“ Потоа Тој ги праша: „Колку лебови имате? Отидете и видете!“ И кога видоа рекоа: „Пет леба и две риби.“ Тогаш Исус им рече на сите да поседнат на купчиња по зелената трева. И поседнаа во групи по сто и по педесет. Тој ги зеде петте леба и двете риби, па, погледна кон небото, ги благослови лебовите и ги прекрши, и им ги даде на учениците Свои, за да им ги стават пред нив; исто така им ги раздели и двете риби на сите. И јадеа сите и се наситија. И собраа парчиња, од лебот и од рибите, полни дванаесет кошеви. А оние, што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи.
И веднаш ги натера учениците Свои да влезат во кораб и да отидат порано од Него на другата страна кон Витсаида, дури Тој не го распушти народот. А Тој, одделувајќи се од нив, отиде во гората за да се помоли. Приквечер коработ беше сред морето, а Тој сам на копното. И ги виде како се мачат при пловењето, зашто ветрот им беше спротивен; а околу четвртата ноќна стража се приближи до нив и, одејќи по морето, сакаше само да помине покрај нив. А тие, кога го видоа како оди по морето, помислија дека е тоа привидение, и почнаа да викаат; зашто сите Го видоа и се уплашија. Тој веднаш почна да говори со нив и им рече: „Не плашете се! Јас сум, не бојте се!“ И влезе кај нив во коработ и ветрот стивна. А тие многу се уплашија и се чудеа во себе. Зашто не се вразумија (од чудото) со лебовите, бидејќи срцето им беше скаменето. И кога преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска и се задржаа таму. А штом излегоа од коработ, веднаш Го познаа. Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на носилки да носат болни таму, каде што слушаа дека Тој се наоѓа. И каде да влегуваше: во села, во градови или населби – на крстопатите полагаа болни и Го молеа да се допрат барем до полата од облеката Негова. И сите што се допираа до Него, оздравуваа.