Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 6:1-56

Марко 6:1-56 MK2006

Па излезе оттаму и дојде во Својот крај; а по Него одеа и учениците Негови. И кога дојде саботата, Тој почна да поучува во синагогата и мнозина, што слушаа, се чудеа и говореа: „Од каде во Него ова? И каква е оваа мудрост што Му е дадена, та такви чуда стануваат преку Неговите раце? Не е ли Тој дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јаков, Јосија, Јуда и Си­мон? И не се ли овде меѓу нас сестрите Негови?“ И се соблазнија заради Него. А Исус им рече: „Пророкот никаде не е без почест, освен во својата земја, меѓу роднините и во својот дом.“ И не можеше тука да изврши никакво чудо; освен што излекува малку бол­ни, полагајќи ги рацете врз нив. И се чудеше на нивното неверие. Па одеше по околните села и поучуваше. И ги повика дванаесетте, и почна да ги праќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови. Па им заповеда да не земаат ништо за по пат освен по еден стап; ни торба, ни леб, ни пари во појасот. Но да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки. И им рече: „Ако влезете негде во куќа, останете во неа, сѐ додека не си отидете оттаму. А ако негде не ве примат, ниту ве послушаат, штом излезете оттаму, ис­тресете го правот од нозете свои, ним за сведоштво.“ Тие појдоа и проповедаа по­кајание. Изгонуваа многу нечисти духови, и многумина болни помазуваа со масло и лекуваа. И цар Ирод разбра за Исус, зашто името Негово беше прочуено, па рече: „Јован Крстител воскреснал од мртвите и затоа стануваат чуда преку него.“ Едни велеа: „Илија е!“, а други: „Пророк е, или како еден од проро­ци­те.“ А Ирод, штом чу рече: „Тоа е Јо­ван, на кого јас му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите!“ Бидејќи сам Ирод прати да го фатат Јован, го врза и го фрли во затвор, за­ра­ди Иродијада, жената на брат му Фи­лип, зашто се ожени со неа. Бидејќи Јован му велеше на Ирод: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на твојот брат!“ А Иродијада се озлоби против него и сакаше да го убие, но не можеше. Зашто Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека е тој човек праведен и свет и го пазеше; многу беше збунет додека го слушаше, а со задоволство го слу­ша­ше. И настана погоден ден кога Ирод, по повод својот роденден, им приготви вечера на своите кнезови, војводи и ста­решини Галилејски; и влезе ќерката на Иродијада, иг­ра­ше и им угоди на гостите и на Ирод. То­гаш царот ѝ рече на девојката: „Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам!“ И ѝ се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство.“ А таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ Таа ѝ одговори: „Главата на Јован Крстител!“ И таа веднаш влезе кај царот и по­бара, говорејќи: „Сакам уште сега да ми ја дадеш на чинија главата на Јован ­Крстител!“ Царот се загрижи, но заради ветувањето и гостите свои не сакаше да от­каже. И веднаш, откако испрати џелат, царот нареди да ја донесат главата негова. А тој отиде, му ја отсече главата во затворот и ја донесе на чинија, па ѝ ја предаде на девојката, а девојката ја даде на мајка си. Кога неговите ученици разбраа, дојдоа и го зедоа телото негово и го погребаа. И се собраа апостолите кај Исус, па Го известија за сѐ што направиле и по­учувале. А Тој им рече: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.“ Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат. И отидоа со кораб сами во осамено место. И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите гра­дови тргнаа таму; и ги испреварија (и се собраа околу Него). А Исус, кога излезе, виде многу на­род и се смилува над нив, зашто беа ка­ко овци без пастир; и почна да ги поу­чу­ва многу. И бидејќи веќе времето поизмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: „Овде е местово пусто, а и доцна е; распушти ги за да отидат по околните села и колиби и да си купат леб, зашто нема што да јадат.“ Тој им одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Да пој­деме и да купиме за двесте денарии леб, па да им дадеме да јадат?“ Потоа Тој ги праша: „Колку лебови имате? Отидете и видете!“ И кога видоа рекоа: „Пет леба и две риби.“ Тогаш Исус им рече на сите да по­седнат на купчиња по зелената трева. И поседнаа во групи по сто и по пе­десет. Тој ги зеде петте леба и двете риби, па, погледна кон небото, ги благослови лебовите и ги прекрши, и им ги даде на учениците Свои, за да им ги стават пред нив; исто така им ги раздели и двете ри­би на сите. И јадеа сите и се наситија. И собраа парчиња, од лебот и од ри­бите, полни дванаесет кошеви. А оние, што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи. И веднаш ги натера учениците Свои да влезат во кораб и да отидат по­рано од Него на другата страна кон Витсаида, дури Тој не го распушти на­ро­дот. А Тој, одделувајќи се од нив, отиде во гората за да се помоли. Приквечер коработ беше сред мо­рето, а Тој сам на копното. И ги виде како се мачат при пло­ве­њето, зашто ветрот им беше спротивен; а околу четвртата ноќна стража се приближи до нив и, одејќи по морето, сакаше само да помине покрај нив. А тие, кога го видоа како оди по морето, помислија дека е тоа привидение, и почнаа да викаат; зашто сите Го видоа и се уплашија. Тој веднаш почна да говори со нив и им рече: „Не плашете се! Јас сум, не бојте се!“ И влезе кај нив во коработ и ветрот стивна. А тие многу се уплашија и се чудеа во себе. Зашто не се вразумија (од чудото) со лебовите, бидејќи срцето им беше скаменето. И кога преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска и се задржаа таму. А штом излегоа од коработ, веднаш Го познаа. Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на носилки да носат болни таму, каде што слушаа дека Тој се наоѓа. И каде да влегуваше: во села, во градови или населби – на крстопатите полагаа болни и Го молеа да се допрат барем до полата од облеката Негова. И сите што се допираа до Него, оздравуваа.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност