Па излезе оттаму и дојде во Својот крај; а по Него одеа и учениците Негови. И кога дојде саботата, Тој почна да поучува во синагогата и мнозина, што слушаа, се чудеа и говореа: „Од каде во Него ова? И каква е оваа мудрост што Му е дадена, та такви чуда стануваат преку Неговите раце? Не е ли Тој дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јаков, Јосија, Јуда и Симон? И не се ли овде меѓу нас сестрите Негови?“ И се соблазнија заради Него. А Исус им рече: „Пророкот никаде не е без почест, освен во својата земја, меѓу роднините и во својот дом.“ И не можеше тука да изврши никакво чудо; освен што излекува малку болни, полагајќи ги рацете врз нив.
И се чудеше на нивното неверие. Па одеше по околните села и поучуваше. И ги повика дванаесетте, и почна да ги праќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови. Па им заповеда да не земаат ништо за по пат освен по еден стап; ни торба, ни леб, ни пари во појасот. Но да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки. И им рече: „Ако влезете негде во куќа, останете во неа, сѐ додека не си отидете оттаму. А ако негде не ве примат, ниту ве послушаат, штом излезете оттаму, истресете го правот од нозете свои, ним за сведоштво.“ Тие појдоа и проповедаа покајание. Изгонуваа многу нечисти духови, и многумина болни помазуваа со масло и лекуваа.
И цар Ирод разбра за Исус, зашто името Негово беше прочуено, па рече: „Јован Крстител воскреснал од мртвите и затоа стануваат чуда преку него.“ Едни велеа: „Илија е!“, а други: „Пророк е, или како еден од пророците.“ А Ирод, штом чу рече: „Тоа е Јован, на кого јас му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите!“
Бидејќи сам Ирод прати да го фатат Јован, го врза и го фрли во затвор, заради Иродијада, жената на брат му Филип, зашто се ожени со неа. Бидејќи Јован му велеше на Ирод: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на твојот брат!“ А Иродијада се озлоби против него и сакаше да го убие, но не можеше. Зашто Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека е тој човек праведен и свет и го пазеше; многу беше збунет додека го слушаше, а со задоволство го слушаше. И настана погоден ден кога Ирод, по повод својот роденден, им приготви вечера на своите кнезови, војводи и старешини Галилејски; и влезе ќерката на Иродијада, играше и им угоди на гостите и на Ирод. Тогаш царот ѝ рече на девојката: „Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам!“ И ѝ се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство.“ А таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ Таа ѝ одговори: „Главата на Јован Крстител!“ И таа веднаш влезе кај царот и побара, говорејќи: „Сакам уште сега да ми ја дадеш на чинија главата на Јован Крстител!“ Царот се загрижи, но заради ветувањето и гостите свои не сакаше да откаже. И веднаш, откако испрати џелат, царот нареди да ја донесат главата негова. А тој отиде, му ја отсече главата во затворот и ја донесе на чинија, па ѝ ја предаде на девојката, а девојката ја даде на мајка си. Кога неговите ученици разбраа, дојдоа и го зедоа телото негово и го погребаа.
И се собраа апостолите кај Исус, па Го известија за сѐ што направиле и поучувале. А Тој им рече: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.“ Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат. И отидоа со кораб сами во осамено место.