И им рече: „Зар се внесува светило за да се стави под поклопец или под кревет? Не затоа ли, да се стави на свеќник? Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту пак, нешто сокриено, што нема да излезе на видело. Ако некој има уши да слуша, нека чуе!“ И им велеше: „Внимавајте на она што слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде. Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.“
Па рече: „Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја, па спие, и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае. Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот. А кога ќе узрее плодот, веднаш испраќа срп, зашто дошло времето за жетва.“
Пак продолжи: „Со што да го споредиме царството Божјо или со каква парабола да го прикажеме? Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите земни семиња; а кога ќе се посее, израснува и станува поголемо од сите грмушки, и пушта големи гранки, така што под неговата сенка можат да се засолнуваат птиците небески.“
И со многу такви параболи им го проповедаше словото, колку што можеа да слушаат. И без параболи не им говореше, а на учениците Свои насамо сѐ им објаснуваше.
Тој ден вечерта им рече: „Да минеме на спротивната страна!“ И кога го отпуштија народот, учениците Го зедоа со себе, како што беше во коработ, а го следеа и други кораби. И се подигна голема бура, и брановите се префрлуваа во коработ, така што коработ веќе пропаѓаше. Тој, пак, беше на кормилото и спиеше на возглавница; Го разбудија и Му рекоа: „Учителе, зар не Ти е грижа што загинуваме?“ А Тој стана, му се заповеда на ветрот и му рече на морето: „Молкни, престани!“ И ветрот стивна, и настана голема тишина. Па им рече: „Што сте толку плашливи? Зар сѐ уште немате вера?“ И ги опфати голем страв, и говореа еден на друг: „Кој е, пак, Овој, што и ветрот и морето Го слушаат?“