Марко 4:21-41
Марко 4:21-41 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Продолжувајќи, Исус им рече: „Зар свеќа се пали за да се покрие со капак или пак да се стави под кревет!? Зар не се пали за да се стави на свеќник? Нема ништо скриено што нема да излезе на виделина. Нема тајно дело што нема да се дознае. Ако имате уши - слушајте внимателно! Слушајте внимателно: со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери и ќе ви се додаде! На тој што има нешто, ќе му се додаде уште; на тој што нема, ќе му се одземе и она малку што го има!“ Во продолжение, Исус рече: „Божјото царство може да се спореди со семе што човек го посева на својата нива. Потоа, тој ноќе спие, а дење излегува. За тоа време семето никнува и расте, иако тој не го разбира тоа. Самата земја го произведува плодот: најпрво стебло, потоа клас и на крајот зрна. Штом плодот ќе созрее, доаѓа жетвата и сејачот го жнее.“ „Како да го опишеме Божјото царство? Со што да го споредиме?“ - продолжи Исус. „Тоа може да се спореди со посеано синапово зрно: иако тоа е најмало од сите семиња, кога ќе се посее, израснува поголемо од сите градинарски растенија и се разгранува, така што под неговите гранки и птиците си свиваат гнезда!“ Користејќи се и со многу други, слични споредби, Исус му ја изложуваше на народот Својата порака, на разбирлив начин за нив. Ништо не им кажуваше без да се користи со споредби. А кога беше насамо со Своите ученици, ним им објаснуваше сe. Таа вечер, Исус им рече на Своите ученици: „Ајде да преминеме на другата страна од езероно!“ Тие го отпуштија народот и испловија со бротчето во кое седеше Исус. Ги придружуваа и други бротчиња. Одненадеж, голема бура го зафати езерото. Силни бранови удираа во бротчето и тоа беше во опасност да потоне. Исус беше на задниот дел од бротчето и спиеше на перница. Учениците Го разбудија, викајќи: „Учителе, зар не ти е грижа што ќе загинеме!?“ Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на брановите: „Смирете се!“ Ветрот запре и настапи длабока тишина. Потоа Исус им се обрати на учениците: „Зошто се исплашивте? Зар немате вера?“ А тие беа толку исплашени, што еден на друг си говореа: „Кој ќе е овој Човек кому и ветровите и брановите Му се покоруваат!?“
Марко 4:21-41 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И им рече: „Зар се внесува светило за да се стави под поклопец или под кревет? Не затоа ли, да се стави на свеќник? Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту пак, нешто сокриено, што нема да излезе на видело. Ако некој има уши да слуша, нека чуе!“ И им велеше: „Внимавајте на она што слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде. Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.“ Па рече: „Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја, па спие, и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае. Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот. А кога ќе узрее плодот, веднаш испраќа срп, зашто дошло времето за жетва.“ Пак продолжи: „Со што да го споредиме царството Божјо или со каква парабола да го прикажеме? Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите земни семиња; а кога ќе се посее, израснува и станува поголемо од сите грмушки, и пушта големи гранки, така што под неговата сенка можат да се засолнуваат птиците небески.“ И со многу такви параболи им го проповедаше словото, колку што можеа да слушаат. И без параболи не им говореше, а на учениците Свои насамо сѐ им објаснуваше. Тој ден вечерта им рече: „Да минеме на спротивната страна!“ И кога го отпуштија народот, учениците Го зедоа со себе, како што беше во коработ, а го следеа и други кораби. И се подигна голема бура, и брановите се префрлуваа во коработ, така што коработ веќе пропаѓаше. Тој, пак, беше на кормилото и спиеше на возглавница; Го разбудија и Му рекоа: „Учителе, зар не Ти е грижа што загинуваме?“ А Тој стана, му се заповеда на ветрот и му рече на морето: „Молкни, престани!“ И ветрот стивна, и настана голема тишина. Па им рече: „Што сте толку плашливи? Зар сѐ уште немате вера?“ И ги опфати голем страв, и говореа еден на друг: „Кој е, пак, Овој, што и ветрот и морето Го слушаат?“
Марко 4:21-41 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И им рече: „Затоа ли се внесува светилка за да се стави под вршник или под легло, а не за да се стави на светилникот? Зашто ништо не е скриено, што не ќе биде откриено; или што е направено тајно, а да не излезе на видело. Кој има уши да слуша, нека слуша!“ И им рече: „Внимавајте што слушате! Со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придаде вам, кои слушате. Зашто кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она што го има.“ И велеше: „Така, Божјото Цар-ство е како кога човек ќе фрли семе во земја; и спие и станува ноќе и дење, а семето никнува и расте, а самиот не знае како. Земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебло, после клас - потоа клас полн со зрна. А кога плодот узрее, веднаш испраќа срп, зашто настанала жетва.“ И велеше: „Со што да го споре-диме Божјото Царство? Со каква парабола да го претставиме? Тоа е како синаповото зрно, што кога се сее во земјата, е помало од сите семиња на земјата; но кога е посеано, израснува и станува пого-лемо од сите зеленчуци и пушта големи гранки, така што небес-ните птици можат да се гнездат под неговата сенка.“ Со многу такви параболи им го кажуваше словото, колку што можеа да слушаат. А без параболи ништо не им говореше, но насамо им објаснуваше сѐ на Своите ученици. И вечерта на истиот ден им рече: „Да преминеме на другата страна!“ И кога го отпуштија народот Го зедоа Исуса со себе, како што беше во коработ; и други кораби беа со Него. И се подигна силна бура, а брановите се префрлуваа во коработ, така што коработ веќе се полнеше. А Тој при кормилото спиеше на перница. И Го разбу-дија и Му рекоа: „Учителе, зар не Ти е грижа, што ние загинуваме?“ И стана, му се закани на ветрот и му рече на морето: „Стивни! Молкни!“ И ветерот стивна и на-стана голема тишина. И им рече: „Зошто се плашите толку? Како немате вера?“ И ги опфати голем страв, и говореа еден на друг: „Кој е Овој, што и ветерот и морето Му се покоруваат?“