„Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ! И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе се нарече најмал во царството небесно, а оној што ќе ги исполни и поучи, тој ќе се нарече голем во царството небесно. Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно!“
„Сте слушале дека им било речено на старите: ‚Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде осуден пред судот.‘ Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си (без причина), ќе биде осуден пред судот; а оној што ќе го нарече брата си ‚празноглав‘, ќе биде осуден пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече ‚будала‘, ќе биде осуден за во пеколот. И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот. Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата – на служителот и да бидеш фрлен в затвор; вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, сѐ додека не ја дадеш и последната пара.“
„Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое. Ако те наведува на грев десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот. И десната рака, ако те наведува на грев, исечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.“
„Речено било исто така: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.‘ А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој ќе се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.“