Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 5:17-32

Матеј 5:17-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

„Немојте да мислите дека сум дошол да ги укинам Божјиот Закон и учењата на пророците. Не дојдов да ги укинам, туку да ги исполнам. Зашто, ве уверувам дека, си додека постојат небото и Земјата, ниту најмал детаљ од Божјиот Закон нема да се укине си додека целосно не се исполни! Затоа, секој што ја прекршува макар и најмалата меѓу овие заповеди, па и другите луѓе ги учи така да прават ќе биде најмал во небесното царство; додека, пак, секој што живее според Божјиот Закон, па и другите луѓе ги учи да прават така ќе биде прогласен за голем во небесното царство. Зашто, ви велам, доколку вашата праведност не ја надмине праведноста на сегашните вероучители и на фарисеите вие никогаш нема да влезете во небесното царство!“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано: ,Не убивај! Кој ќе изврши убиство, ќе му биде судено!‘ Јас, пак, ви велам: ,Секој што истура гнев против својот ближен, заслужува осуда! Знаете дека секој што ќе навреди ближен, бива изведен пред вашиот Врховен суд, а доколку го проколнуваш својот ближен, можеш да завршиш и во огнениот пекол!‘ Така, кога ќе носиш жртвен прилог на Божјиот олтар, ако се сетиш дека твојот ближен ти е лут за нешто, остави го твојот прилог таму пред олтарот и појди прво помири се со својот ближен, а потоа врати се и принеси го својот жртвен прилог. Со секој што сака да те тужи пред законот, потруди се брзо да се спогодиш, уште додека сте заедно на патот, за да не те тужи на суд, а судот да те предаде на стражарите кои ќе те фрлат в затвор. Те уверувам дека нема да излезеш оттаму додека до грош не си го исплатиш долгот!“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон е заповедано: ,Не врши прељуба!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне туѓа жена и во мислите ќе ја посака во своето срце тој веќе извршил прељуба со неа! Ако, на пример, твоето десно око те наведува на грев извади го и фрли го; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот. И ако, на пример, твојата десна рака те наведува на грев отсечи ја и фрли ја; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот.“ „Во Мојсеевиот Закон беше заповедано и ова: ,Ако некој маж реши да се разведе од својата жена, нека ђ даде потврда за развод‘. Јас, пак, ви велам: ,Секој што се разведува од својата жена освен ако таа извршила прељуба ја наведува на прељуба; и секој што стапува во брак со разведена жена извршува прељуба.‘“

Матеј 5:17-32 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„Немојте да мислите дека сум до­шол да го поништам Законот или Про­роците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една бук­вичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ! И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе се нарече најмал во царството небесно, а оној што ќе ги исполни и поучи, тој ќе се нарече голем во цар­ството небесно. Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книж­ниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно!“ „Сте слушале дека им било речено на старите: ‚Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде осуден пред судот.‘ Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си (без причина), ќе биде осуден пред судот; а оној што ќе го на­рече брата си ‚празноглав‘, ќе биде осуден пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече ‚будала‘, ќе биде осуден за во пеколот. И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот. Измири се со противникот твој на­време, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата – на служителот и да бидеш фрлен в затвор; вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, сѐ додека не ја дадеш и последната пара.“ „Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе из­вршил прељуба со неа во срцето свое. Ако те наведува на грев десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот. И десната рака, ако те наведува на грев, исечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел, от­колку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.“ „Речено било исто така: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.‘ А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој ќе се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.“

Матеј 5:17-32 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

“Не мислете дека дојдов да ги поништам Законот и Пророците! Не дојдов да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто вистина ви велам, додека не поминат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ја снема од Законот, додека не се збидне сѐ. И така, кој ќе наруши една од овие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе биде наречен најмал во царството небесно; а кој ги држи и поучува, ќе биде наречен голем во царството небесно; Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, нема да влезете во царството небесно.“ “Сте чуле дека им беше речено на старите: ‘Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде виновен пред судот.’ А Јас ви велам, дека секој, кој се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот. А кој ќе му рече на брата си „празноглавец“, ќе биде виновен пред синедрионот. А кој ќе го нарече „безумник“, ќе биде виновен за во огнениот пекол. И така, ако принесуваш свој дар на олтарот и си спомниш таму дека брат ти има нешто против тебе, остави го таму својот дар пред олтарот, и оди првин помири се со брата си, па тогаш дојди и принеси го својот дар. Покажи бргу добра волја кон твојот противник, додека си уште со него на пат, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата на служителот, па да те фрлат во темница. Вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, додека не го исплатиш и последниот кодрант.“ “Сте чуле дека им било речено на старите: ‘Не прави прељуба!’ А Јас ви велам дека секој, кој гледа на жена со желба, веќе извршил прељуба со неа во своето срце. Ако твоето десно око те соблазнува, извади го и фрли го од себе; зашто е подобро да ти пропадне еден од членовите, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот. И ако твојата десна рака те соблазнува, отсечи ја и фрли ја од себе; зашто ти е подобро да пропадне еден од твоите членови, отколку целото твое тело да отиде во пеколот. “Исто така било речено: ‘Кој ќе ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.’ А Јас ви велам дека секој, кој ја остава својата жена, освен за прељуба, ја прави да врши прељуба, и кој се оженува со така напуштена, врши прељуба.“