Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 21:23-46

Матеј 21:23-46 MK2006

И кога дојде Тој во храмот и по­у­чу­ваше, пристапија кон Него прво­свеш­те­ниците и старешините народни и рекоа: „Со каква власт го правиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?“ А Исус им одговори и рече: „И Јас ќе ве прашам нешто. Па, ако Ми одго­во­рите, и Јас ќе ви кажам со каква власт го правам тоа. Крштавањето Јованово од каде беше: од небото или од луѓето?“ А тие размислуваа меѓу себе и велеа: „Ако ка­жеме – од небото, ќе ни рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘ А ако речеме: – од луѓето, се пла­шиме од народот, зашто сите го сметаа Јован за пророк.“ И, одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Тој им рече: „Ни Јас не ви кажувам со каква власт го правам тоа.“ „Што мислите за ова? Еден човек имаше два сина; па отиде кај првиот и му рече: ‚Сине, оди денес да работиш во моето лозје!‘ Тој одговори и рече: ‚Не сакам!‘ но потоа се покаја и отиде. Дојде и кај вториот, и му го рече ис­тото. Тој одговори и рече: ‚Ќе отидам, господаре.‘ Но не отиде. Кој од двајцата ја исполни татковата волја?“ Му одговорија: „Првиот.“ То­гаш Исус им рече: „Вистина ви велам дека цариниците и блудниците ќе ве испреварат во царството Божјо: зашто дојде кај вас Јован по патот на праведноста и вие не му поверувавте, а цариниците и блудниците му поверуваа; вие, пак, иако видовте, не се предомисливте отпосле за да му поверувате.“ „Чујте друга парабола! Беше еден човек домаќин, кој насади лозје, го за­гради со плот, ископа бунар, направи кула и, откако им го предаде на ло­за­ри­те, си отиде. И кога наближи времето за берба, тој ги испрати кај лозарите своите слу­ги за да му ги приберат плодовите. Но, лозарите, ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа. Тој испрати сега други слуги, по­ве­ќе од првите; но и со нив постапија ис­то. Најпосле го испрати кај нив својот син, велејќи: ‚Ќе се засрамат од син ми.‘ Но лозарите, штом го видоа син му, си рекоа меѓу себе: ‚Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме нас­ледството негово.‘ Па, го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија. Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?“ Му одговорија: „Злосторниците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари што ќе му ги даваат плодовите навреме.“ А Исус им рече: „Зар не сте читале во Книгите: ‚Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник: тоа е од Господ и чудесно е во очите наши.‘ Затоа ви велам дека царството Божјо ќе биде земено од вас и ќе се даде на народ што ги принесува неговите плодови. И кој падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, ќе го здроби.“ И слушајќи ги Неговите параболи, првосвештениците и фарисеите разбраа дека говори за нив, па гледаа да Го фатат; но се плашеа од народот, зашто Го сметаа за пророк.