Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 10:5-42

Матеј 10:5-42 MK2006

Тие дванаесет души ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте; а одете најнапред кај загубените овци на Израеловиот дом. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно; болни лекувајте, лепрозни очисту­вај­те, мртви воскреснувајте, демони из­гонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте! Не носете во појасите ваши ни зла­то, ни сребро, ниту бакар, ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работни­кот ја заслужува својата награда! А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен, и таму останете додека не си одите. И кога ќе влезете во некоја куќа, поз­дравете ја говорејќи: ‚Нека има мир во таа куќа!‘ И ако куќата биде достојна, вашиот мир ќе дојде на неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир ќе се врати кај вас! Ако, пак, негде не ве примат и не ги послушаат зборовите ваши, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши! Вистина ви велам: полесно ќе ѝ би­де на земјата содомска и гоморска во судниот ден отколку на тој град!“ „Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и не­злобни како гулаби. Пазете се од луѓето, зашто тие ќе ве предаваат на судовите и по синагоги­те нивни ќе ве тепаат. И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабошците. Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете. Бидејќи не сте вие што ќе говорите, туку Духот на вашиот Отец ќе говори во вас. И ќе предаде брат брата си на смрт, и татко – чедото свое; и ќе станат деца против родителите и ќе ги убијат; и ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но, кој претрпи до крај, ќе биде спасен. Ако ве бркаат од еден град, бегајте во друг. Зашто, вистина, ви велам: нема да ги обиколите израелските градови додека дојде Синот Човечки. Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга – поголем од својот господар. Доста е за ученикот да биде како неговиот учител и на слугата да биде како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекле Велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни!?“ „И така, не плашете се од нив; заш­то нема ништо сокриено што не ќе се открие, или тајно, што нема да се дознае. Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што ви се шепоти, разгласувајте го од покривите! И не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот! Не се продаваат ли две врапчиња за еден денар? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец. А вам и влакната на главата ви се изброени. Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња.“ „И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред лу­ѓето, и јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.“ „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да до­несам мир, туку меч. Зашто дојдов да разделам човек од татко си, и ќерка од мајка си, и снаа од свекрвата нејзина. И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни. Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Кој си го чува животот свој, ќе го загуби, а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, повторно ќе си го најде.“ „Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил. Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда. И кој ќе напои еден од овие најбезначајните само со чаша студена вода во име на ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.“